1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извештај за назадувањето на Македонија

Б. Георгиевски11 ноември 2015

Наместо напредок, ЕК со години во извештајот за Македонија бележи статус-кво или, како што е случајот годинава, и назадување. Статистиката на ЕУ покажува поинаква слика од официјалната.

https://p.dw.com/p/1H3lR
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Од година в година Извештајот за напредокот на Македонија, кој го подготвува Европската комисија, всушност сѐ повеќе наликува на извештај за назадувањето на земјата. По минатогодишниот критички настроен извештај и за разлика од изминатите години, кога и власта и опозицијата можеа да препознаат оценки и забелешки кои не беа докрај јасни, па оставаа простор за различни толкувања, годинашниот веќе содржи директни и остри пораки кои се недвосмислени.

Македонија, според годинашниот извештај, назадува и тоа на речиси сите полиња. Зборот прогрес или напредок во извештајот се споменува повеќе од 50 пати, но почесто во негативен одошто во позитивен контекст. Сѐ почесто и отворено се користи и терминот „назадување“ (backslide). Освен во судството, назадување се бележи во фискалната дисциплина, во слободата на изразување и во правата на ЛГБТ заедниците.
Како сфери „без напредок“ ЕК, меѓу другите, ги бележи борбата против корупцијата, борбата против организираниот криминал, состојбата во пазарната економија и правата на Ромите. „Мал напредок“ се нотира во структурните реформи поврзани со пазарот на трудот, додека „некаков напредок“ се бележи во главите 24, 26, 27 и 28, кои се однесуваат на Правдата, безбедноста и слободата; Образованието и културата; Животната околина и климатските промени и Здравствената и заштитата на потрошувачите. „Добар напредок“ е нотиран во областа на Науката и истражувањата, но и во тој дел, како и по оценката за „некаков напредок“ се наведуваат далеку повеќе реформи кои не биле или треба да се спроведат, од оние кои биле спроведени.

Освен описните оценки за состојбите во земјата, ЕК во својот Извештај секоја година објавува и статистички анекс во кој низ бројки ги презентира клучните податоци за развојот на Македонија. Во табелата се наведени споредбени податоци по години, а годинашната ги содржи бројките за 2002; 2010; 2011; 2012; 2013 и 2014 година, кои се добиени заклучно со 11. септември годинава.

Македонија низ бројки

Македонскиот Брутодомашен производ, на пример, континуирано расте последниве години, но со него и долгот на државата. Притоа, услужните дејности и натаму остваруваат најголем удел во БДП, а бројката е речиси непроменета од 2002 година наваму и изнесува во просек околу 65 проценти. Процентот на учество на индустријата и градежништвото во БДП исто така малку се менува. И покрај инвестирањето на речиси 600 милиони евра во проектот „Скопје 2014“, статистиката покажува дека уделот на градежниот сектор во БДП со години наназад е околу 6 проценти со минимално зголемување. За разлика од овие сектори, придонесот на земјоделството пак дополнително се намалува. Изненадувачки - со оглед на постојаното зголемување на субвенциите за земјоделците од страна на владата на Груевски. Македонскиот премиер пред неколку години се пофали дека од доаѓањето на неговата партија на власт во 2006 година, субвенциите се зголемиле од 20 милиони во таа година, па се’ до 115 милиони евра во 2011 година. Во предизборието во 2014 година, Груевски вети по 150 милиони евра земјоделски субвенции во следните четири години. Сепак, придонесот на земјоделството во македонскиот БДП постојано опаѓа: во 2002 година изнесувал 12,3 проценти, а во 2014 година одвај над 10 проценти. Паралелно, според статистиката која ја објавува ЕК, опаѓа и површината на искористено земјоделско земјиште во Македонија. Во постојан пад е и бројот на говеда, свињи и овци. Раст бележат единствено производството на зеленчук и на млеко.

Mazedonien Autobahnbau zwischen Ohrid und Kicevo
Од 2007 до 2014 во Македонија се изградени 38 километри автопат, покажува статистиката на ЕКФотографија: DW/M.Jovanovski

Во јануари 2014 година, премиерот Груевски соопшти дека во периодот од 2006 до 2013 година, „во Македонија се изградени, реконструирани или рехабилитирани преку 1000 километри патишта“. Статистиката на ЕК не е на линија со ова тврдење. Имено, според податоците кои се наведени во Извештајот за напредокот, во 2007 година во Македонија имало автопатишта во должина од 221 километар. Во 2014 година има 259 километри, односно 38 километри нов пат за моторни возила. Тоа е дури и подобро од состојбата во железничкиот сообраќај. Во овој сектор во 2002 година мрежата имала вкупно 27 оперативни линии на илјада квадратни километри. И во 2014 година има исто толку и покрај бројните изборни циклуси на кои се ветуваа нови пруги.

Паѓаат инвестициите од ЕУ-членките

Директните странски инвестиции се постојана тема во македонската политика веќе подолго време. Бројките кои ги презентира ЕК не се новина, но интересно е дека во 2014 година се забележува драматичен пад на инвестициите кои доаѓаат од земјите-членки на ЕУ. Традиционално највисок процент од странските директни инвестиции во Македонија со години наназад отпаѓа токму на оние од ЕУ. На пример, во 2011 година од вкупно 344 милиони евра странски инвестиции, 224 милиони биле од земји на ЕУ. Во 2013 од вкупно 252 милиони - 226 дошле од ЕУ. Но, во 2014 тој однос драматично се менува: од пристигнатите 262 милиони евра, само 89 милиони се од земји на ЕУ. Не е тајна дека Македонија влегува во кругот на земји со висока задолженост со речиси 70 отсто од БДП, но се таложи и долгот на граѓаните кон финансиските институции. Ако во 2002 година тој изнесувал 657 милиони евра, во 2014 достигнал речиси 4,2 милијарди евра.

Со оглед на актуелните скандали во здравството во Македонија, во годинашниот Извештај на ЕК недостасува податокот за стапката на смртност на деца под една година, како една од мерките за квалитетот на реформите во здравството. Од 2010 година оваа стапка бележи пораст; од 7,6 на 10,2 во 2013 година.