1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите во Црна Гора во сенка на афери

Ана Богавац/ Б. Георгиевски19 март 2013

Црна Гора по вторпат од осамостојувањето избира претседател. Во трката се само двајца кандидати: Филип Вујановиќ и Миодраг Лекиќ. Сепак, во центарот на вниманието не се нивните програми, туку аферите.

https://p.dw.com/p/1806W
Фотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP/GettyImages

Црногорските избори за претседател веројатно би биле уште една изборна приказна во која јасно се знае фаворитот (кандидатот на ДПС Вујановиќ), доколку тие не се обележани со повици до обвинителството да реагира на изборните злоупотреби. Се очекуваше истрага по повод снимката од седницата на владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС), на која високи функционери признаваат дека постои партиско вработување, давање помош на поддржувачите и сл. Најмногу се истакна поранешниот директор на Заводот за вработување и актуелен пратеник Зоран Јелиќ.

„Еден вработен, тоа се четири гласа. Доколку успееме да вработиме еден човек, ним сме им скратиле еден глас, а ние сме добиле еден плус“, вели на снимката Јелиќ, кого на функцијата во Заводот за вработување го наследи сопругата Вукица.

Аферата „Снимка“

Милица Ковачевиќ, која со години ги следи изборните процеси во Црна Гора преку Центарот за демократска транзиција, вели дека била шокирана кога веднаш по објавувањето на снимките од државното обвинителство стигнал дециден одговор дека нема да се испитува објавеното.

Miodrag Lekic
Миодраг ЛекиќФотографија: DW/Jelena Kulidzan

„Ќе се случи до јавноста да стигне една информација која јасно укажува на голем системски проблем, но притоа изостанува било каква реакција, макар и некаква проверка. Тогаш е прашање каков мониторинг воопшто има смисла“, вели Ковачевиќ.

Од штабот на кандидатот за претседател Вујановиќ одбиваат да ја коментираат аферата со образложение дека тој нема време за медиумите. Миодраг Вуковиќ од ДПС ги отфрла обвинувањата, оценувајќи дека се работи за исконструирана афера од страна на опозицијата.

„Која партија не разговара за своите луѓе. Никаде во тие разговори нема приказна дека ќе се злоупотребат државните фондови, или некои процедури. Напротив“, вели пратеникот Вуковиќ.

Скандал се случи уште пред почетокот на кампањата за претседателските избори, откако властите во две општини Никшиќ и Андријевица ги купија пратениците на опозицијата со што си обезбедија мнозинство во општинските совети, преку кое мнозинство свикаа нови избори. Обвинителството не реагираше ниту на овој настан, а опозициските партии во знак на револт ги бојкотираа локалните избори.

Трет мандат за Вујановиќ

За претседателските избори беше врзана и уште една афера. Опозицијата бараше од Уставниот суд да му забрани на Вујановиќ да се кандидира за трет мандат на функцијата. Но, Уставниот суд го одби ова барање со образложение дека првиот мандат на Вујановиќ бил во време кога земјата се’ уште била дел од федерацијата со Србија.

Montenegro Wahlen 2009
Филип ВујановиќФотографија: AP

Горан Даниловиќ, шеф на изборниот штаб на опозицискиот кандидат Миодраг Лекиќ, вели дека граѓаните не ни очекувале од институциите да реагираат на аферите со политичката корупција на локално и национално ниво, и покрај тоа што кампањата минува со најголем број афери досега. Милица Ковачевиќ, пак, смета дека очекувањата од обвинителството и судовите покажуваат дека црногорското општество конечно верува во демократските институции.

Црна Гора ќе избира претседател на 7 април.