1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори се ближат, вработувања се нижат

7 октомври 2016

Предизборните вработувања се знак дека ништо не се сменило во политичката култура, ниту во свеста за причините што доведоа до кризата, оценуваат аналитичари.

https://p.dw.com/p/2QzYz
Symbolbild Akten Dokumente Bürokratie
Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online

Во Македонија „врие“ од слободни работни места. Се множат огласи во медиумите, но и „независни“ анкетари ги посетуваат домовите на граѓаните, со интерес за нивната социо-економска состојба: што им треба, имаат ли невработени во семејството, дали се задоволни од висината на пензиите...

Граѓани од повеќе скопски општини велат дека зачестиле посетите на анкетари „од врата на врата“.

„Ние пензионерите најчесто сме дома, па анкетарите нѐ наоѓаат во секое време. Едни дојдоа да прашаат дали сме задоволни од растот на пензиите. Други дојдоа да прашаат што ни е најпотребно во моментов во семејството, имаме ли невработени, земаме ли некаква помош... Јас им кажав дека внукот ми е невработен. Тој не беше дома, па рекоа дека повторно ќе дојдат, за да разговараат со него. Не знам ни кои се, ни од каде се, ниту се разбирам во политики“, вели 80-годишна пензионерка.

Нови избори, стар менталитет

Тоа што се случува на терен, се рефлектира и во јавните огласи. Се бараат раководители, соработници, референти, помошници за работа во јавни претпријатија, општини, министерства... Зависно од работните позиции се нудат плати од 14.000 до 45.000 денари.

„Ова е класична предизборна слика, но и знак дека ништо не се сменило во политичката култура и менталитетот“, вели економскиот аналитичар Сашо Петровски.

„Оние, на кои им е важно уште повеќе да го зголемат клиентелистичкиот контингент пред да се распишат изборите, воопшто не се грижат што буџетот не може да издржи толкав број на вработени во администрацијата, во ситуација кога веќе има значителен број вработени кои не се распоредени на конкретни работни места. Но, заинтересираната страна предизборно се раководи од 'принципот' - ќе даваме плати за неработење, бидејќи тоа ни носи изборна добивка. Тоа е неодговорна политика. Поразително е што таа и натаму продолжува и покрај тоа што дел од причините за актуелната криза извираат и од неа“, потенцира Петровски.

Symbolbild Bewerbungsfoto
Фотографија: Fotolia- detailblick

Во моментов има огласи за вработување на државни службеници во 14 општини - Тетово, Студеничани, Струмица, Радовиш Пехчево, Карпош, Кичево, Желино, Демир Хисар, Македонска Каменица, Кочани, Виница, Делчево и Битола. Нови вработувања нудат Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Министерството за транспорт и врски, а штотуку завршија огласите за нови вработувања во Министерството за труд и социјална политика, во ЈП „Водовод и канализација“, во Дирекцијата за заштита и спасување, АРМ, ЕЛЕМ, МЕПСО...

Само 128.347 административци

Околу податоците за вработени во администрацијата кои подолг период се третираа како тајна и „темна бројка“, минатата година излезе неофицијална информација дека таа изнесува 185.000. Но, од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) велат дека бројот на вработени во јавната администрација е 128.347.

„Од институциите побаравме податоци за вработените и истите ги вкрстивме со податоците добиени од надлежните органи кои водат слични вакви евиденции. На тој начин, во Извештајот за 2015 година, преброивме 128.347 вработени, и нивниот број го објавивме институција по институција, за да нема никакви приговори“, изјави министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска.

Според неа, овие и други податоци кои МИОА планира да ги собере во иднина, вклучувајќи ја половата, старосната, образовната и етничката структура, како и трошоците за плати на администрацијата, се од исклучителна важност за планирање на идните политики - вработувањето, потребните профили, потребите за стручно усовршување, за рационализација и мобилност на човечките ресурси, како и за креирање на нов систем за плати во јавната администрација по принципот „иста плата за иста работа“.

Но, се чини дека ни опозицијата не е подготвена да провери што се крие зад оваа бројка. На завчерашната партиска трибина на тема „Мотивирана администрација“, запрашан како планира СДСМ да се справи со преголемиот број на административци, дополнителниот заменик-министер за информатичко општество, Александар Кирацовски изјави: „Од она што го видов во самата администрација, во јавниот сектор, сфатив дека можеби нема потреба од намалување на овој број. Потребна е само содветна реорганизација“.

Според него, поважна е департизацијата, односно вработените да се однесуваат како професионалци, а не како партиски војници.

Вечни „реформи“

Во последните неколку години Владата спроведе неколку модели за масовни вработувања во јавната администрација. Во 2010 година 5.000 привремени вработувања беа трансформирани во трајни, а во 2013 година преку „Македонски шуми“ беа вработени 1.600 лица, главно од социјално ранливите категории на граѓани. Дел од нив останаа нераспределени на работни места, па до денес не се знае дали и колку од нив и натаму седат дома, а земаат плата. И минатата година преку трансформација на привремените вработувања околу 3.000 лица  влегоа во траен работен однос.

Symbolbild Bewerbung
Фотографија: contrastwerkstatt - Fotolia.com

Ако се анализираат буџетите во изминатите осум години, трендот покажува дека сумата што се одвојува за плати и надоместоци на администрацијата постојано расте. Во 2008-та година за таа намена се потрошиле 373 милиони евра, за 2016 година тие изнесуваат 421 милион евра, а за следната се планирани 435,3 милиони евра. Со компарирање на податоците од надлежните институции, произлегува дека 3,5 вработени во приватниот сектор издржуваат еден административец, односно дека вработувањата од најавуваниот „инвестициски бум“, сепак завршуваат со само со администрациски.

Реформата во јавната администрација, димензионирање на нејзината бројка, јакнењето на нејзините професионални и институционални капацитети е едно од прашањата кои се нотираат во Извештаите на ЕК. Домашните институции, пак, тоа го ветуваат преку петгодишна стратегија, најавувајќи воспоставување ефикасна, стручна и сервисно-ориентирана администрација.

Сѐ уште се чека денот кога тоа ќе се реализира од хартија во практика.