1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во САД: гласаат сите, а решението зависи од грст држави!

Михаел Книге31 октомври 2008

На претседателските избори во САД сите гласови се бројат подеднакво. Но, поради изборниот принцип, гласовите од „свинг-стејтс“ („колебливите“ држави) имаат поголемо, дури решавачко значење за исходот на изборите.

https://p.dw.com/p/FhYn
Гласовите од некои држави имаат поголема „тежина“Фотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Околу 220 милиони луѓе со право на глас, поделени во 50 сојузни држави и дистриктот Колумбија со главниот град Вашингтон, на 4-ти ноември ќе го избираат наредниот претседател , но најверојатно само избирачи во грст сојузни држави ќе решат дали во Белата куќа ќе се всели Барак Обама или Џон Меккејн. Кој сака да стане американски претседател, не мора безусловно да освои и мнозинство од гласовите на своите сограѓани. Решавачко е да обезбеди апсолутното мнозинство во таканаречениот електоратски колегиум. Тоа тело во принцип ги одразува резултатите во поединечните држави, при што победникот во некоја од нив ги добива сите гласови на членовите на електоратскиот колегиум од таа сојузна држава, независно колку бил резултатот убедлив или тесен.

Годинава 13 „свинг“-држави, но само три се клучни за решението!

Со оглед на тоа дека најголемиот дел од државите традиционално се понаклонети кон една од партиите и исходот од изборите кај нив практично е познат уште многу пред денот на гласањето, решавачка честопати е определбата на избирачите во малкуте сојузни држави во кои нивното расположение е променливо. Врз тие држави, разбирливо, се коцентрира вниманието на претседателските кандидати во последната фаза од предизборната борба.

John McCain nach Florida Sieg
За Џон Меккејн е важна победа во ОхајоФотографија: AP

Годинава се смета дека до 13 од сојузните држави се колебливи, „свинг“ - од Њу Хемпшајр на истокот, до Њу Мексико на западот. Но, вниманието по правило е насочено кон трите големи, кои имаа решавачко значење за исходот и на претходните избори: Флорида, Охајо и Пенсилванија. Од 1960-та наваму никој не стана претседател, ако не победи во барем две од нив! Зошто толку често во тие сојузни држави резултатот на изборите беше многу тесен? Оти избирачите традиционално се поделени меѓу Републиканците и Демократите, но има и еден сегмент од независни избирачи кои се решаваат за одреден кандидат според неговите ставови за теми што ним им се важни.

Незадоволство кај избирачите во „стабилните“ сојузни држави

Урбаниот исток на Пенсилванија, на пример, е повеќе за Демократите, руралниот централен дел е за Републиканците, а решавачки е ставот што ќе го заземе работништвото од ревирот за јаглен и челик на западот. На претходните два избора тесна победа во Пенсилванија однесоа Демократите. Слична е ситуацијата и во Охајо, сојузна држава со развиени индустрија и земјоделство, во која последните години се укинати илјадници работни места. Борбата таму се води во централниот дел. Оваа држава е посебно важна за Џон Меккејн - републикански кандидат никогаш не станал претседател, ако немал успех во Охајо.

Wahlen haben begonnen USA Wahllokal in New York
Како да се придобијат колебливите гласачи?Фотографија: AP

Меккејн мора да победи и во Флорида, ако сака да влезе во Белата куќа. Но, во таа 18-милионска држава составена од силна шпанскофонска етничка група, доселеници од студениот американски север и многу активни и поранешни војници, секогаш се можни изненадувања. Џорџ Буш пред осум години победи на изборите по историското маратонско пребројување на гласовите во Флорида и по решението на Врховниот суд во негова полза.

Фактот дека редовно за изборите решава исходот во мал број сојузни држави, предизвикува незадоволство кај некои избирачи во другите држави. Тие се жалат не само дека работите што се од значење за нив наидуваат на помало внимание кај претседателските кандидати и кај медиумите, туку и оти нивниот глас има помала тежина. Но, без соодветно прилагодување на изборните закони, нема ништо да се промени.