1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избирачкиот список е битен, но медиумите се клучни!

Костадин Делимитов29 јануари 2016

Двете клучни точки од Договорот од Пржино, прочистувањето на избирачкиот список и реформата на медиумските закони, се уште не се реализирани. Во дебатата се вклучија и експертите и новинарските здруженија

https://p.dw.com/p/1HldZ
Фотографија: Fotolia/picsfive

Прочистувањето на избирачкиот список нема алтернатива, но клучот за фер и регуларни избори е и регулацијата на медиумите. Потегот на СДСМ кој „попушта“ за методот на ДИК, но под услов власта да „попушти“ за медиумите предизвика остри реакции и навестува нова криза во кризните преговори. За дел од експертската јавност маневарот на СДСМ кој повторно се фокусира на законот за медиуми е логичен , откако ВМРО ДПМНЕ се спротивстави на предлогот за теренско прочистување на избирачкиот список:

„Последната промена во приоритетите на СДСМ од избирачкиот список не е само дел од преговарачка тактика, туку суштинско свртување кон оној аспект на изборите кој е можеби е најважен за фер и слободна кампања, а досега најмногу доцни: реформи во медиумската сфера. Медиумите имаат најголемо и одлучувачко влијание на целата атмосфера во која се одвива изборната кампања и влијаат на целото гласачко тело воопшто, па така логично е да се очекува дека дел од партиите ги сметаат како поважен и посуштински проблем одошто механичкото чистење на избирачкиот список. Регулацијата на медиумите не е замена за чистењето на избирачкиот список, но претставува cine qua non услов без кој не се може во смисла на фер натпревар. Со прости зборови, ако избирачкиот список влијае на пример на 20% од гласачкиот корпус, медиумите влијаат 100% на гласачкиот корпус, затоа претставуваат одлучувачки фактор. Јас очекувам дека овие последни предлози се дел од притисок за затворање на преговорите и влијание за учество на изборите. Во оваа смисла која партија што прифаќа сега, станува дел од политичкиот фолклор, а не суштинско поместување на позициите. Големата слика оди во насока на притисок за одржување на изборите во брз термин (без оглед дали ќе биде баш 24.4) За ова притисокот дополнително ќе се зголемува“, коментира комуникологот Петар Арсовски.

Инсистирањето на прифаќање на предлогот за медиумите на олеснувачот Питер Ванхауте е единствениот пат до деполитизација и професионализација на новинарското работење, во јавниот сервис и приватните медиуми, сметаат и во Здружението на новинари на Македонија. За нив е клучно да престанат нападите против новинарите а медиумите да се ослободат од политичките и финансиските притисоци од владата и од политичките партии:

„Предлогот на посредникот Ванхауте е вистинското решение за создавање на предуслови за слободни медиуми. Неговото решение е компилација на предлозите на ЗНМ, медиумите и медиумските експерти за реформа на медиумскиот систем. Тие предлози обезбедуваат институционална автономија на МРТ, се исклучува влијанието на власта и партиите во раководењето на јавниот сервис и обезбедува одржлив извор на финансирање, како основен предуслов МРТ да има независна уредувачка политика. Исто така, неговите предлози придонесуваат медиумскиот регулатор да биде независно експертско тело, кое ќе се грижи за независноста на медиумите и ќе го заштити медиумскиот пазар. Тој ги забранува владините реклами, а јавните реклами предлага да се објават во јавниот сервис. Исто така, предлага да се укине обврската на приватните национални телевизии за домашна продукција. Приватните медиуми се комерцијални субјекти, кои сами треба да одлучуваат каква програма ќе произведуваат и не смее владата да им наметнува непотребни обврски. Ако владата сака да ја потикне домашна медиумска содржина, тоа може да го направи преку субвенции во медиумите или преку зајакнување на МРТ. На крај, мора да се намалат казните за медиумите, кои се непропорционални и ако се примат можат да го загрозат постоењето на медиумите“, смета Насер Селмани, претседател на ЗНМ

Naser Selmani
Насер СелманиФотографија: Petr Stojanovski

Оттука според него решението што го нуди олеснувачот е одлучувачко за фер изборен процес:
„Без реформите предложени од Ван Хауте, кои се и наши предлози, медиумите нема да известуваат професионално за изборниот процес затоа што се под силен притисок на политиката и бизнисот. Со пристрасен и пропагандистички стил на известување на медиумите, кое го имаме сега, граѓаните нема да имаат можност да се запознаат со политичката понуда и да донесат одговорни одлуки на денот на изборите“, коментира Селмани.

Пазарење со слободата на медиумите

Националните телевизии пак остро реагираат на обидите како што велат за пазарење со слободата на медиумите. Во заедничко писмо тие инсистираат на почитување и спроведување на нивните предлози, кои во дел се поклопуваат и со оној што е содржан во решението на Ванхауте:

„Македонската јавност е во заблуда дека се преговара за законот за медиуми што е целосно неточно бидејќи не се преговара за овој закон, туку за законот за електронски медиуми, поточно за телевизиите. Како се преговара за закон за телевизии ако се знае дека петте најголеми телевизии, сите национални телевизии уште пред неколку месеци целосно го отфрлија тој предлог на Ванхауте како цензорски и скандалозен. Овој предлог беше отфрлен и од најголемото новинарско здружение МАН како неприфатлив и недемократски, а истиот беше отфрлен и критикуван од медиумски експерти, новинари. Ние претставивме и доставивме предлог закон за телевизиите согласно европските закони и принципи. Бараме од политичките партии да престанат да се пазарат со слободата на медиумите“, пишува во писмената реакција на петте телевизии со национална концесија.

Дел од инволвираните предупредуваат партиите да престанат со уцени и пазарења и да се насочат кон исполнување на сите обврски од Договорот од Пржино:

„Сите преставници на меѓународната заедница инсистираа(т) на целосно спроведување на Договорот од Пржино, што значи дека нема поважни и поневажни теми и имплементацијата на реформите во сите области е императив. Не можеме да ја коментираме методологијата за проверка предложена од ДИК зашто се` уште не е објавена, но како еден од своите сегменти таа мора да ја содржи и теренската проверка на оние записи во Избирачкиот список кои ќе се покажат како сомнителни, а исто така треба да биде насочена и кон адресите со енормно голем број на избирачи. Овој став на МОСТ е константен уште од 2013-та година, а е дел и од документот Препораки за реформа изборниот процес објавен во август 2015 година“, сметаат од МОСТ, невладината организација која во континуитет ги набљудува изборните процеси во Македонија.

Mazedonien Skopje Peter van Houte
Питер ВанхаутеФотографија: DW/P. Stojanovski

Уцени и пазарења

Од СДСМ велат дека нивниот потег воопшто не е уцена, туку начин за да се стави крај на преговорите и конечно да се создадат услови за утврдување реален датум за изборите:

„Наша проценка е дека ова што ДИК го нуди како методологија може да дојде до некоја пореална слика за избирачкиот список. Она што е запрепастувачки е дека и самата ДИК вели дека треба да се посетат најмалку 100,000 домаќинства за да можеме да дојдеме до витинската слика. Тоа самото за себе зборува каква е реалната состојбата со избирачкиот список, односно колкав е сомнежот. Ние велиме дека можеме да одиме паралелно со овој процес, но и со медиумите. Ние велиме, она што го нуди ДИК и она што го нуди Ванхауте и точка, завршуваме со преговорите. Ако не, немаме ниту методологија за избирачкиот список, тогаш се враќаме на нашата позиција, не може вечно да се тера кризата а и тоа не го сакаме, без оглед што ни ампутираат. Но мора да има логична разрешница, а таа е да прекинеме со преговори, тоа што го нуди ДИК и Ванхауте, да донесеме законска регулатива и по основ на таа методологија ДИК ќе го каже датумот за избори, бидејќи дефинитивно не може да е 24 април“, коментира Петар Шилегов од СДСМ.

Владејачката партија пак смета дека социјалдемократите свесно се пазарат и намерно го опструираат избирачкиот процес:

„Кога такви сериозни теми се предмет на тргување на зелен пазар, тогаш можете да судите со каква сериозност и досега им пристапувале на преговорите и кон двете теми. Нели ви личи тоа на зелен пазар?

СДСМ три години ја малтретира оваа држава со тврдење дека избирачкиот список е причина и начин како се фалсификуваат избори, начин како се злоупотребува власт, и денеска велат избирачкиот список е супер, само вие дајте ни можност да ги контролираме медиумите“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Каква методологија ќе се прифати за прочистување на избирачкиот список сепак ќе зависи од ставовите на политичките партии. Партиските консултации се во тек, роковите газат, времето прекратко. Посредникот Питер Ванхауте очекува одговор веќе во вторник. Не само за ДИК туку и за неговиот предлог за медиумите.