1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идомени меѓу Македонија и Македонија

Панајотис Гаврилис (длф)
23 февруари 2018

Грците не сакаат Македонија да ја нарекуваат Македонија. Спорот за името е сеприсутен и во Идомени. Репортажа од селото кое стана светски познато по бегалскиот камп, објави германското радио Дојчландфунк.

https://p.dw.com/p/2tCuD
Idomeni Flüchtlinge Gelände ehemaliges Camp
Идомени: Местото каде што некогаш беше поставен бегалскиот кампФотографија: DW/P. Kouparanis

„Уништете ги! Не ги почитувајте! Купете ги!“, подбуцнува еден радио водител против соседната земја Македонија, која според грчкото сфаќање не треба да се нарекува така. „Македонија е грчка!“, бучи радиото. Слушателите, според водителот, би требало да „приредат посета“ на еден ресторан, каде наводно имало грчки „предавници и Скопјани“. Скопјани - така Грците ги нарекуваат своите соседи од „поранешна југословенска Република Македонија“.

Грчкиот радио водител ги повикува пред сѐ селаните на границата да излезат на улица против постигнување компромис за името. Идомени е гранично село. Неколку куќи, една раскрсница и мала, затворена пошта. Студениот ветер фрчи низ нивите со брзина од 70 километри на час. Покрај нив стои расклатена избледена табла со арапско писмо. Оној кој бара луѓе, може да ги најде во таверната покрај железничката станица, која во моментов се реновира.

„Сите мигранти Скопје го нарекуваа Македонија, а јас ги корегирав сите: Не се вика Македонија, туку Скопје. Овде е Македонија!“, вели готвачката Александра во единствената таверна во Идомени.

50-годишната жена со измешани чувства редовно оди во Гевгелија, градот на другата страна од границата. „Со нив никогаш не сме имале проблем. Но... Океј, сега и тие имаат интерес, а ние како будали одиме таму и уште им ги полниме џебовите. Во казината, во супермаркетите, на бензинските пумпи. Ним може да им биде сеедно, тие заработуваат од нас.“

Повеќе:

„Има само една Македонија!“

Ципрас игра политички покер со името на Македонија

Спорот за името Македонија

Двете земји спорат за името „Македонија“ од 1991 година. Грција не сака соседната земја да се вика исто како нејзиниот северен регион Македонија и стравува од територијални претензии. Освен тоа, Грците името „Македонија“ го сметаат само за свое културно национално наследство. Затоа со години го блокираат почетокот на преговори за приклучување во ЕУ и членството во НАТО на соседната земја.

„Се наоѓаме на местото, каде што пред една и пол година нагости имавме околу 15 до 16 илјади бегалци и мигранти. Ова е наблиското место до границата со Скопје. Во меѓувреме нема ништо освен жичена ограда која ја поставија Скопјаните кога ја затворија границата. Луѓето веќе не смееја да одат на другата страна за да си го остварат својот сон за Европа.“

Idomeni Flüchtlinge Bahnhof
Железничката станица во ИдомениФотографија: DW/P. Kouparanis

Идомени - животот е повторно како претходно

Ксантула Супли, раководител на службата за комунални работи во општина Идомени, стои директно рпед јазот на границата. 20 метри понатаму се вее жолто-црвено знаме со сонце, граничари одат долж жичената ограда. На грчката страна, во рамки на мисијата Фронтекс, патролира автобус на германската гранична полиција. Ксантула Супли покажува пред купиштата отпад од пластика, дрвени палети и зарѓани шипки пред своите стапала: само остатоците потсетуваат на некогашниот шаторски град на бегалците. Што се случи со селото, кое тогаш стана светски познато?

„Животот е повторно како порано. Мажите се занимаваат со земјоделство, жените со домаќинството. Назима, кога нема многу работа, сите се собираат, пијат кафе, дискутираат и повторно си одат дома. Тоа е секојдневието на жителите овде, во Идомени.“

Идомени денес делува речиси како ништо да не се случило, како илјадниците шатори и УНХЦР-контејнери да ги немало никогаш. Од 2015 до расчистувањето на кампот во мај 2016 година местото беше хаотично, но живо.

Griechenland Idomeni Flüchtlingscamp Räumung
Бегалскиот камп во Идомени беше расчистен во мај 2016 годинаФотографија: Getty Images/AFP/STR/Pool

Младите сакаат што побрзо да заминат

За 17-годишниот Танасис селото сега е она што и отсекогаш било - очајно место со 120 жители.

„Многу е тешко, особено ако не можам да се заминам никаде. Со моите пријатели контактирам само во текот на школската година и овде преку мојот мобилен телефон. Овде нема живот. Сам сум. Океј, понекогаш шетам со автомобил, еднаш, двапати, десетпати. Но и тоа ќе ти здодее. Секој ден е исто.“

Танасис е син на Александра, готвачката во единствената таверна во Идомени. Додека неговите родители прават пауза за ручек, тој работи во ресторанот, во кој има двајца гости. Понекогаш, вели ученикот, носи и јадење во полициската станица.

„Кога ќе фатат некого при премин на границата, ни се јавуваат и велат: 'Имаме толку и толку луѓе, донесете толку и толку храна.' Им носиме помфрит, омлети, јајца, шпагети - практично сѐ. Еднаш имаше 50 лица, постојано возевме до таму и назад.“

Танасис го минува времето со испраќање пораки до другарите. За него спорот за името е споредна работа. Тој е заинтересиран за својата иднина. По завршување на училиштето сака да си замине што е можно побргу, преку граница, исто како и бегалците.

„Мора да почнеш да го градиш својот живот. Не можеш цел живот да живееш со родителите и да зависиш од нивниот џеб. Размислувам да станам електричар и да најдам добра работа за да заработувам свои пари. Ако не успеам, тогаш ќе бидам принуден да останам овде.“

Читајте не и преку апликацијата на ДВ за андроид