1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идомени и домино-ефектот

Јанис Пападимитриу / сн26 февруари 2016

На грчко-македонската граница илјадници бегалци на ледени температури чекаат да го продолжат патот кон Средна Европа - засега залудно. Од Идомени известува Јанис Пападимитриу.

https://p.dw.com/p/1I2hD
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Џавад е разлутен и исцрпен. Сепак сака да собере сили и натаму да се бори за неговиот голем сон: достоинствен живот во Германија. Овој млад човек веќе морал да им плати 4000 долари на криумчарите за патот од Авганистан. Само за 100-те километри долгата делница од Солун до пограничното место Идомени му биле побарани неверојатни 500 евра, се жали Џавад. И сега тој исчекува во калта или во прополнетите шатори на граничниот премин кон Македонија.

Во изминатите денови стотици негови сонародници со автобуси беа вратени назад во Атина, и веројатно е прашање на време кога од Џавад ќе биде побарано да се качи во автобусот за враќање кон Атина. Причината: откако Србија ги затвори нејзините граници за бегалци од Авганистан и соседна Македонија веќе не дозволува влез во земјата на авганистански граѓани.

.

Flüchtlingscamp von Idomeni
Фотографија: DW/G. Papadimitriou

4000 долари за нов живот

„Одеднаш никој веќе не се интересира за нас Авганистанците“, се жали Џавад во разговорот за ДВ. Никој не се грижи за нашите деца, кога се болни. Внимание добиваат пред сѐ бегалците од Сирија. Тоа не е фер. И ние сме луѓе, и во нашата земја беснее војна. Мислиш ли дека толку едноставно ќе дадев 4000 долари, доколку мојот живот не беше во опасност?“, револтиран е младиот Авганистанец.

И за Стела Нану, портпаролка на Комесаријатот за бегалци на ОН, УНХЦР во Грција, не е разбирливо зошто бегалците од Авганистан, само поради нивната националност се пречуваат да го продолжат патот. „Очигледно земјите членки на ЕУ дозволуваат влез само уште на баратели на азил од земји со просечна стапка на признавање на правото на азил од преку 75 проценти. Таков е случајот кај луѓето од Сирија, Еритреја или од Ирак. Но Авганистанците сепак имаат стапка од 70 проценти, а тоа е навистина многу“, вели Нану.

За време на интервјуто во еден контејнер на ОН во Идомени, на Нану луѓе често ѝ се обраќаат за совет. Еден Палестинец од Сирија прашува: дали може да си ја избере целната земја. Љубезно Нану му одговара дека тоа не е возможно, но оти има одредени критериуми кои би се земала предвид при евентуална позитивна одлука - и тоа, дали барателот на азил веќе го зборува јазикот на земјата од ЕУ или има роднини таму. „Ние се обидуваме да им ги објасниме на луѓето можностите кои ги имаат, зашто многумина немаат конкретна претстава. Само знаат дека сакаат во Европа“, вели претставничката на ОН.

Griechenland Mazedonien Flüchtlinge bei Idomeni
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Mitrolidis

Од север дова леден ветер

Во Идомени роси. Во бегалскиот камп се шири необичен мирис, кој потсетува на дожд, изгорено дрво и урина. Припадниците на бегалските организации се постојано ангажирани. Делат шатори и прехранбени производи, ги чистат санитарните јазли, новодојдените бегалци ги водат на советување.

Кампот всушност беше замислен како привремно сместувалиште, но нуждата е сѐ поголема. Покрај големите шатори на ОН кои собираат до 2000 луѓе , расте бројот и на мали шатори поставени на ливадите. По залезот на сонцето температура драстично се намалува и се чувствува како под нула степени Целзиусови, ледениот северец дува остро во лицата на луѓето. Бегалците во Идомени мора да се справат со ноќта.

Во очекување на групата број 88

Сафват Естиф од Алепо и покрај тоа си се храбри. „Конечно сум на безбедно, избегав од војната од Сирија, и затоа и покрај сите тешкотии воопшто немам намера да се жалам“, вели тој во разговорот за ДВ. И покрај тоа, 26-годишниот Сириец се чувствува несигурно и понекогаш и расколебано и налутено. 700 американски долари платил Сафват за преминување од Турција во Грција, а последните 25 километри до Идомени ги минал пеш. Тој не може да сфати зошто заглавил токму во ова место. „Добивме редни броеви за чекање, а сега штотуку на ред е групата број 62. Мојата група е дури на бројот 88, и може да потрае до преминувањето на границата“, вели младиот Сириец.

Тој можеби сѐ уште не знае дека откако Австрија воведе дневен лимит за бегалците и соседните земји во југоисточна Европа истот ака воведоа ограничување на границите, и во грчкото место Идомени сѐ се одвива забавено. Дури и бегалците од Сирија во моментов смеат само во мали групи да ја преминуваат границата кон Македонија - и тоа дури откако соседната Србија ги отвора своите граници за соодветно мала или голема бегалска група. Несакан домино-ефект на балканската рута, која од Турција преку Грција води кон Австрија и натаму кон сверена Европа.

Griechenland Mazedonien Flüchtlinge bei Idomeni
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Надеж? Мир, пријатели, фудбал

Сафват вели дека може да чека. Но стравува дека северната граница на Грција некогаш ќе биде затворена. „Пред неколку дена одеднаш се велеше, Авганистанциите воопшто не смеат да го продолжат патот. Кој може да ми гарантира, дека задутре и Сиријците нема да бидат запрени од властите?, вели бегалецот од Алеп.

Џавад од Авганистан не сака да се откаже од надежта. Германија е „добра“ земја без војна и тој сака да оди таму. А што би сакал да прави во Германија?. „да живеам во мир, да студирам и да играм фудбал со пријателите“.