1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идеолошки отров

Керстен Книп/ превод:СН18 јули 2016

По монструозниот напад во Ница, Франција им оддава почит на жртвите. И повторно дискутира за џихадизмот, за кој се вели дека е проблем на социјалната беда во француските предградија. Не е баш така, смета Керстен Книп.

https://p.dw.com/p/1JQpQ
Фотографија: picture-alliance/Godong

Тие се општествено изолирани и без големи перспективи. Не очекуваат дека ќе им се исполнат надежите за подобар и безгрижен живот. Нивната судбина не ги интересира поголемиот дел од политичарите кои дигнаа раце од нив и ги сведоа на занемарлива појава. Со поддршка на слабо финансирани социјални програми тие живеат од денес за утре, сиромашни, огорчени и разочарани од државата чии претставници веќе не ги гледаат како луѓе кои ги застапуваат, туку како оние кои им се подсмеваат. Суровата раздразливост стана дел од нивните животи, нешто што секој момент може да се испразни. Се смета дека тие политички се радикализираат и оти ќе слушнеме за нив- порано или подоцна.

Мрачни се сцените кои францускиот стручњак за општествена географија, Кристоф Гији, ги опишува во својата книга „На периферијата на Франција“ ("La France périphérique"). Тој пишува за географската- истовремено и општествена- периферија на Франција. Оној кој сака да ги сфати размерите на француската криза, би требало да отиде таму, во деиндустријализираните региони на северот и југот на земјата. Таму живеат поголемиот број француски губитници во процесот на глобализација.

Маргинализирани

Гији со својата книга предизвика големо внимание во Франција. Бидејќи, тој го привлече вниманието на читателите од запуштените предградија на големите метрополи, кои за мнозинството Французи по повеќенеделните судири во есента 2005. година важат за центри на беда. Тоа не е точно, пишува Гији: во предградијата има многу повеќе успешни приказни отколку што се мисли, не е точно дека луѓето таму го поминуваат целиот живот- многумина се таму само привремено во потрага за подобри населби.

Knipp Kersten Kommentarbild App
Керстен Книп

Наспроти тоа, во периферните региони луѓето се радикализираат. Многумина кои живеат таму веќе немаат шанса да најдат работа. Нивниот гнев наидува на политички израз кој предизвикува загриженост: или не излегуваат на гласање или гласаат за десничарскиот Национален фронт.

Култура на омраза на дело

Тие луѓе се' уште не сториле атентат врз своите сограѓани. Тие, за разлика од француските џихадисти, се однесуваат цивилизирано. Тоа значи дека треба да се внимава со социјалните модели за објаснување на насилство. Сиромаштијата и бесперспективноста играат улога, но не се единствени фактори. Француско-иранскиот социолог Фархад Кошрокавар опиша и други елеметни на радикализација: барање смисол, авантуризам, па и задоволство во насилството, вклучувајќи и убивање, и- тешка индоктринација.

Според се' што досега можевме да дознаеме, речиси сите француски џихадисти живеат во бизарен свет на соништа. Изолирани се и меѓу своите, зависни од една извртена слика на светот која ја претставуваат радикалните свештеници и интернет, слика која светот го покажува само фрагментирано и од застрашувачки еднострана перспектива. Со тоа одат наједностави пораки, специјално скроени по мерка на оние кои не можат, или не сакаат, да ги разберат комплексните аргументи. Пораки со аура на лажна светост. Филозофот Кристијан Годен ги цитира текстовите на фрнацуските рап-музичари со северноафрикански корени: „При првата можност откачи ги, игнорирај ги, тие свињи кои во Франција претставуваат поредок“, рапува еден од нив, а еден негов колега пишува: „Ние сме тука, а вас (етничките Французи) ќе ве исфрлиме надвор“.

Слобода на уметност? Слобода на вера?

Такво нешто делува на долги патеки. На ваквиот говор на омраза ќе мора да се обрне посебно внимание. Не треба да се поклекне пред аргументот дека со тоа се загрозува слободата на уметност или религија. Говорот на омраза не е ни вера ни уметност. Тој само така се претставува.