1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ИД ни оддалеку не е победена

Рајнер Золих / превод: ЕМФ23 јуни 2016

Луѓето во Фалуџа повеќе од две години мораа да живеат под власта на терористичката милиција Исламска држава. Сега тој град е наводно ослободен, но напредок - нема, оценува Рајнер Золих.

https://p.dw.com/p/1JBGe
Војници на ирачката армија во победничка поза во центарот на ФалуџаФотографија: Reuters/T. Al-Sudani

Терористите користеа луѓе и како жив штит. И покрај тоа, кога шефот на ирачката влада Хајдер ал Абади пред неколку дена малкуп реурането најави „ослободување“ на Фалуџа од припадниците на т.н. „Исламска држава“ (ИД), на жителите на градот не им беше до славје.

Причина за тоа би можеле да бидат и борбите меѓу ирачката армија и ИД, кои сѐ уште траат во некои делови на градот. Излегувањето на улица за да се слави сѐ уште е рамно на самоубиство. Додуша, се случи нешто друго: многу граѓани побегнаа од сопственото „ослободување“.

Бегство од сопственото „ослободување“

Од почетокот на ирачката воена офанзива во Фалуџа, на 23 мај, градот го напуштија околу 80.000 луѓе. Триесет илјади луѓе, според проценките на норвешките набљудувачи, побегнале дури по официјалното „ослободување“ на градот минатиот петок (17.06). Тие луѓе сега, во катастрофални хигиенски услови, надвор од градот ја чекаат својата натамошна судбина. Премиерот Абади сега има намера да ја заземе и милионската метропола Мосул како следен и последен бастион на ИД во Ирак.

Една работа е позитивна: „калифатот“ се ниша, барем на своите главни подрачја. ИД веројатно за неколку дена или недели ќе биде потисната од Фалуџа. Од градовите Тикрит и Рамади е истерана уште пред неколку месеци. Во соседна Сирија, па дури и во Либија, подрачја под контрола на ИД се исто така под воен притисок, иако постојано има и силни противудари и не изгледа дека наскоро ќе дојде до воен пораз на ИД. Дури и ако ја загуби контролата врз одредени региони и рути за шверц и набавка на оружје, ИД уште долго ќе биде во состојба да шири страв и ужас во форма на терористички напади - не само на Блискиот Исток и во Северна Африка, туку и во САД и Европа.

Sollich Rainer Kommentarbild App
Рајнер Золих

Воена борба против ИД - посебно со копнени сили - секако е неопходна и треба да се поздрави секој нејзин успех. Но, таа ќе има ограничена вредност сѐ додека не се решат и судирите кои не се во прв план. На пример, повеќето луѓе од Фалуџа не побегнале само од ИД и постојаните борби. Многумина побегнале и од страв од одмазднички напади или произволни напади на шиитските паравоени формации. А, тие не важат за помалку брутални. Но, и покрај тоа што не се на добар глас, тие, со отворена поддршка од Иран, би можеле да имаат главна улога во копнената офанзива во Фалуџа,д околку САД паралелно изведуваат воздушни напади.

Иран и Саудиска Арабија како подбуцнувачи

Премиерот Абади - и самиот шиит - досега не успеа да ја придобие во доволна мера довербата на сунисткото малцинство, кое за време на владеењето на Садам Хусеин беше привилегирано, а потоа намаенон маргинализирано. Тој за тоа нема доволно сила, а можеби ниту политичка волја. Веќе сега се гледа дека марш на Мосул ќе ја зголеми напнатоста меѓу етничките групи. Тоа ги вклучува и Курдите, кои со свои единици учествуваат во офанзивата, па затоа подоцна и тие ќе учествуваат во политичките и економските разговори. Поради тоа, треба да се смета со натамошни бранови бегалци и уште поголеми страдања.

Сето тоа покажува дека не станува збор само за ИД. Секогаш се работи и за конкретни судири околу власта и распределбата на добра. Страните кои учествуваат во судирите намерно користат и верски и етнички аргументи за да си обезбедат поддршка од страна на одредени групи или племиња. Сирискиот режим, различни сириски опозициони групи, крдрските пешмерги или шиитските групи во Ирак - секој влече на своја страна. Посебно неславна улога во тоа имаат конкурентските регионални сили Иран и Саудиска Арабија. Наместо да влијаат на смирување на ситуацијата, тие и самите поттикнуваат верски судири.