1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Игри со границите на Балканот

Линдита Арапи
6 март 2017

Тензиите меѓу балканските земји се големи како што одамна не биле. Во регионот отворено се зборува за промени на границите. Воената реторика станува гласна. Закочената ЕУ-перспектива го разгорува национализмот.

https://p.dw.com/p/2YR6J
Balkan Konflikte
Фотографија: DW/N. Rujevic

Долги години изгледаше како Балканот конечно да се ослободил од националистичките духови на минатото. Конфликтите беа наизглед запрени, поранешните непријатели си подаваа рака и влегуваа во дијалог, перспективата за евроинтеграција даваше надеж и ЕУ беше среќна.

Сега , меѓутоа, повторно врие на Балканот, и тоа по сѐ изгледа толку многу, што пред неколку дена министрите за одбрана на две членки на НАТО се чувствуваа повикани да му испратат писмо на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Албанската министерка Мими Кодели и нејзиниот хрватски ресорен колега Дамир Крстичиќ во писмото истакнуваат дека Србија со нејзината политика ја загрозува безбедноста во целиот регион. „Најновите случувања би можеле да влијаат и врз безбедноста на Косово“, истакнаа двајцата министри. 

Тие притоа мислат на српскиот воз со натписи „Србија е Косово“, кој требаше да вози од Белград со северно Косово и кој беше сопрен непосредно пред границата меѓу Србија и Косово, или на изградбата на (во меѓувреме повторно урнатиот) ѕид низ поделениот град Митровица на северот на Косово. Во прв ред, меѓутоа, како што истакнуваат, министрите сакале да укажат на новата воена реторика на политичарите во некои балкански земји.

Mauer in Mitrovica wird eingerissen
Фотографија: Reuters/H. Reka

Ненадминати тензии

Дали времето на помирување на Балканот е завршено? Фитилот на национализмот отсекогаш бил присутен на Балканот, но „опасностите од нов пожар постојано беа спречувани со силен ангажман од надвор“, вели Ненад Закошек, политиколог од Загреб и научен советник на германската фондација „Фридрих Еберт“. Јасната перспектива за членство во ЕУ беше таа која овозможи да биде постигнат напредок во целиот регион, вели тој. „Сега одложувањето на можноста за пристапување развива негативна динамика. Разочарувањето на населението од ЕУ претставува сѐ поголем проблем“, вели Закошек. Добар пример за тоа, според него, е Македонија: „Земјата доживува вистинска регресија, зашто периспективата за членство е одложена“. 

ЕУ во изминатите децении не беше само носител на надеж на балканските земји, туку од Брисел постојано доаѓаа и опоменувачки зборови за пропустите во демократскиот развој. Но тоа што ЕУ сега губи од сјајот, има негативно влијание на Балканот. „Тука имаме работа со земји кои сѐ уште не се консолидирани демократии и кои имаат големи економски проблеми. Тие уште ги немаат надминато старите тензии. И сега луѓето ја чувствуваат неспособноста на Брисел да го консолидира Балканот“, објаснува Бурим Рамадани од „Security Policy Research Center“ на Косово.

Прекршено е табу

Иако во Брисел досега никој ја нема конечно прогласено за мртва перспективата за членство во ЕУ на балканските земји, сепак во меѓувреме на сите им е јасно дека на определено време нема да има нови членки на Унијата. Брисел во моментов има други грижи за фокусот да го насочи на Балканот. Кога надежта за брзо членство во ЕУ се тетерави, некои националистички настроени политичари ги тестираат границите - и тоа не само реторичките. „Тука имаме сили кои сега засилено ги поставуваат прашањата на границите. Пред сѐ во Србија, зашто таму се незадоволни од исходот на војните, но и Албанците во Македонија поставуваат такви прашања“, вели Закошек. Со тоа не се доведува во прашање само интегритетот на Босна и Херцеговина, туку и територијалниот интегритет на Косово и на Македонија. „Така имаме барем три држави во регионот во кои границите веќе не се сигурни“, вели загрепскиот политиколог.

Kosovo Handfeuerwaffen
Фотографија: Getty Images/M. Di Lauro

Долго време промената на границите беше табу тема на Балканот. Сега некои балкански политичари отворено се закануваат со отцепување на поединечни региони и нивно приклучување кон таканаречените татковини-мајки. Штефан Лене од фондацијата „Карнеги Европа“ од Брисел смета дека ваквиот развој на Балканот се должи на геополитичките промени. „Изборот на Трамп и бројните кризи на ЕУ кај многумина на Балканот создадоа несигурност, но кај некои пак разбудија надеж дека може да се оживеат старите националистички агенди за кои се веруваше дека се исчезнати“, вели Лене. 

Повлекување на Американците од Балканот?

Една нова ера во геополитиката меѓутоа би можела да значи и опасност од војна на Балканот, стравува Ненад Закошек: „Ако со новиот претседател на САД Доналд Трамп доживееме повлекување на Американците и ако ЕУ се занимава само сама со себе, тогаш Балканот ќе биде препуштен на самиот себе. Актуелните тенденции би можеле да се засилат“. Не треба да се заборави, згора на тоа доаѓаат и други актери како Русија. Станува збор за целосно изграден авторитарен систем и Москва ќе си побара партнери, кои одговараат на тоа: „Има локални сили, кои немаат проблем со тоа, границите евентуално да ги променат со насилство. И ако добијат поддршка од надвор во форма на оружје или дипломатска поддршка, тогаш многу од отворените прашање би можеле да завршат со вооружен конфликт“, предупредува Закошек.  „Да го земеме предвид конфликтот меѓу Косово и Србија или во Босна и Херцеговина - тука веќе се зборува за закана од војна“.

Штефан Лене не верува во повлекување на Американците од Балканот. За очекување е САД да ја продолжат нивната досегашна политика на Балканот. Тој вели дека ги познава гласовите кои говорат за нова територијална организација на Балканот, но истакнува оти тоа нема да биде тема за новата администрација на Трамп. „Тие имаат други грижи. Нова политика на менување на границите бара неверојатно интензивен ангажман. Тоа не се очекува сега“, вели Лене. Тој заканата за ескалација повеќе ја гледа во спиралата на провокации и контрапровокации од страна на назадните духови на Балканот: „Затоа разумните политичари, партиите и цивилното општество мораат таквиот развој брзо и консекветно да го осудат“, смета Лене. Тие сигурно зад себе би имале широко мнозинство од населението. „Токму сега би бил вистинскиот момент да се направат видливи чекори во насока на помирување и разбирање преку етничките и национални граници“. Без директна помош од ЕУ и САД, меѓутоа, тоа речиси и да не е возможно. Тоа на Балканот е очигледна вистина.