1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И треба ли на Македонија ограда на границата?

Катерина Блажевска17 ноември 2015

Започнати се активности за одбележување на теренот каде евентуално би можело да се подигне гранична ограда, но само во случај ако Македонија се соочи со неконтролирана бројка на бегалци

https://p.dw.com/p/1H6xJ
Фотографија: Alex Martin

Ако Македонија постави ограда на јужната граница, тоа нема да значи нејзино затворање за влез на бегалци од Блискиот Исток, туку зајакната контрола и регулирање на бегалскиот проток во согласност со домашните капацитети за нивен прием и хуман третман, велат безбедносни извори за Дојче веле. Неофицијално, започнати се одредени активности за одбележување на теренот каде евентуално би можело да се подигне ограда, a во една македонска фабрика веќе биле произведени доволни количини на жичана заштита, доколку нејзиното поставување биде итно побарано. Ваквите активности се во согласност со заклучоците на националниот Совет за безбедност од минатиот викенд.
„Доколку состојбата со протокот на мигранти добие тренд на намалување во другите земји, Советот за безбедност заклучи АРМ и Управувачкиот комитет, како крајна мерка да може да преземат и поставување на барикада со жица на местата на кои ќе се оцени дека е потребно“, беше еден од заклучоците на Советот.
Сепак, беше нагласено дека ваквиот чекор би се преземал во крајна нужда, само ако Македонија биде доведена во ситуација да се соочи со предизвикот за подолг престој на неконтролирана бројка бегалци, која ги надминува домашните капацитети за нивен хуман третман.

Поголема размена на информации

Во однос на поефикасна контрола, дел од експертите предлагаат да се формира Регионален разузнавачки центар, во кој земјите би разменувале навремени информации за движењето на потенцијално опасни лица. Но, постојат сомневања дали тоа би било реално остварливо во време кога на многу ниско нивно е и елементарната билатерална размена на информации меѓу некои земји во регионот, како и поради користењето одредени „уцени“ по прашањето на безбедноста. Во тој контекст потсетуваат на мартовската закана на грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, дека ако Атина не добие поддршка во должничката криза, ќе им даде документи за патување во ЕУ на бегалците или на 10.000 луѓе кои се притворени во затворите.
„Ако Европа не' остави во криза, ние ќе ја преплавиме со мигранти, а ќе биде уште полошо за Берлин ако во тој бран на милиони економски мигранти има и некои џихадисти на Исламската држава“, се закани тогаш Каменос.

Дел од експертите, пак, сметаат дека размената на информации и зајакнатата контрола на границата е неопходна мерка, но таа би била ефикасна за откривање потенцијално опасни лица што допрва би се обиделе да поминат низ балканската рута. Нема одговор како да се откријат т.н „замрзнати ќелии“ кои постојат во регионот и чекаат да бидат евентуално активирани.

Ungarisch-serbische Grenze in Röszke ist geschlossen
Бегалците не треба да се изедначуваат со терористи!Фотографија: DW/N. Rujević

Контроверзна книга

По прашањето кој, како и што се успева да стигне до Македонија, вниманието не треба да биде насочено само кон она што другите го пропуштаат до неа, туку и кон она што се случува на домашен терен. Како што објави ТВ „Алсат-М“, контрoверзната книга „Одговори за немуслиманите, на најчесто поставените прашања за исламот“, веќе е на македонскиот пазар. Книгата на авторот Зекир Наик е издадена во 2010 година и најпрво била преведена на бошњачки, потоа на албански, а сега и на македонски. На нејзината 49-та страница се вели дека секој муслиман треба да биде терорист кон негативните фактори во општеството, кон оние кои убиваат, крадат и силуваат.

Поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, за „Алсат-М“ изјави: „Јас никако не можам да го прифатам ова објаснување, бидејќи тероризмот и исламот се два света кои никогаш не можат да се соединат и да имаат нешто заедничко. Исламската заедница има надлежен орган, а многу малку одговараат пред него. Повеќето го избегнуваат. И самото бегање од поминувањето на филтерот на Исламската заедница по институционален пат подразбира дека таа литература има други значења, не е чиста литература. Нив воопшто не им текнало да се консултираат со Исламската заедница.“
Книгата се наоѓа и во Националната универзитетска библиотека. Освен фактот дека затаила институционална контрола врз содржините што се објавуваат во Македонија, на повидок е и растечката опасност бегалците да бидат изедначувани како носители на терористички тенденции. Според претседателот на МАНУ, тоа би била најголема грешка, бидејќи бегалците и самите се жртви на тероризам.

„Треба да се селектира зрното од каколот, да не се идентификуваат сите бегалци со терористи и да се обезбеди ефикасен начин за да се контролира движењето на терористите низ овие простори“, вели Камбовски.

Француската амбасадорка Лорен Оер, која во амбасадата отвори книга на жалост во која вчера се попишаа голем број политичари и граѓани, испрати слична порака.

„Терористичките напади се неоправдани, но сакам да предупредам дека не треба сите мигранти да се поврзуваат дека се вмешани со терористичките групи, бидејќи, за жал, многумина од нив се приморани да ги напуштат своите домови поради војните. Ги повикувам сите земји и сите медиуми да внимаваат на тоа“, порача француската амбасадорка.