1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И соседите се одговорни за напредокот на Македонија

11 февруари 2010

Словенечкиот европратеник Зоран Талер, по усвоената резолуција во ЕП, вели дека кај властите во Скопје и Атина гледа волја за надминување на спорот со името, смета дека по Хрватска, Македонија е на ред за влез во ЕУ.

https://p.dw.com/p/LyWw
Фотографија: Photo European Parliament

Во вчера усвоената резолуција, Европскиот парламент бара без одложување да се одреди датумот за почеток на пристапните преговори со Македонија во март. Во претстојниот период, важно е да се работи на решавање на проблемот за името со Грција.
Словенечкиот европратеник Талер, известувач и предлагач на резолуцијата, побара од европските институции и високиот претставник за надворешна политика Кетрин Ештон да бидат активни во поддршката за надминувањето на спорот со името под покровителство на ОН. На комесарот Филе, тој му рекол дека, „со оглед на тоа што Хрватска е речиси во Унијата, Македонија е негова следна шанса да биде успешен“, изјави Талер на прес-конференција по изгласувањето на извештајот за Македонија:

„Важен е фактот што ЕП даде многу јасна препорака и одлука и се бара уште во март да биде донесена позитивна одлука и да се утврди датумот за преговори со Македонија, како што препорача и Комисијата. Ако тоа не се случи во март, тоа нема да претставува катастрофа. За жал, ќе биде катастрофа ако тоа и понатаму се одолговлекува. Правиме сé за да се постигне согласност.“

Неизвесно е што ќе се случи во март

Според изјавата на Талер за Дојче веле, сега е тешко да се каже што може да се очекува од Европскиот совет на самитот во март.

„Посебно сум задоволен од суштината на она што е напишано во резолуцијата и што беше поддржано. А тоа е што со неа се бара регионална инцијатива и одговорност на сите актери во регионот. Тоа значи не само на владата во Скопје, туку и на соседите, пред сé земјите членки на Европската Унија, како што се Грција и Бугарија.“

Logo
Фотографија: DW

Резолуцијата, според Талер, повикува на нова позитивна, проактивна улога на Грција во регионот, за таа да ја има водечката улога при влегувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, како што таа се залага во „Агендата 2014“.

Значењето на добрососедските односи

Грчката европратеничка Мариа Елени Копа од редовите на ПАСОК во однос на усвоениот документ вели: „Резолуција дава силен позитивен сигнал за властите во Скопје за да продолжат со реформите кои ќе ја доведат земјата во ЕУ. Земјата постигна голем напредок, што е признато од Европската комисија и Европскиот парламент, а извештајот покажува во кои области треба сé уште да се работи. Всушност, Парламентот избра да биде позитивен во однос на перспективите на поранешната југословенска Република Македонија. Во текстот исто така е наведено дека апсолутно треба да се реши разликата со Грција.“

Пратеничката која неуспешно побара да се избрише делот од реозлуцијата со кој бара регионална инцијатива за одговорност, за Дојче веле нагласува:

„За нас како Грци е важно, што првпат нема одредби дека билатерланите проблеми не се значајни, бидејќи знаеме од искуството на Хрватска и Словенија дека проблемите меѓу соседните земји е важно да бидат решени пред влегувањето во ЕУ.“

Според, Мариа Елени Копа, многу е пореално и попрагматично да се зборува за датум за преговори до крајот на шпанското претседателство до крајот на јуни, отколку во март.

Спорот со името не би требало да е предуслов

EU Österreich DW-Interview mit Hannes Swoboda
Јоханес СвободаФотографија: DW

За австрискиот европратеник Јоханес Свобода, известувач за напредокот на Хрватска, е многу важно што оваа земја се наоѓа на крајот од преговорите.

„За Македонија, штета е што не започнавме со преговорите. Сега треба да се донесе дефинтивна одлука и да се започне со преговорите. Билатералните проблеми се меѓу Грција и Македонија, треба да се најде решние за нив, но за време и паралелно со преговорите, а не како предуслов за нивни почеток“.

Во однос на грчката иницијатива за агендата 2014 за Балканот, Свобода е категоричен.

„Тоа не може да се реализира. Тоа е во спротивност со позицијата на Грција во однос на Македонија и општата желба да се видат сите балкански земји во ЕУ.“

Според австрискиот европратеник, пореално е да се зборува до тој период сите земји да бидат кандидати или блиску до целта за членство. Со Лисабонскиот договор и Штефан Филе како еврокомесар за проширување, сега е вистинскиот момент да се преземат инцијативи за поамбициозен напредок на земјите од Балканот.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема