1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот со Грција - дебата на пратениците и демонстрантите

19 јуни 2018

За 11 часот е закажана собраниска седница, а во истиот термин и демонстрантите повикаа на протест денеска пред парламентот. Македонија е во трка со роковите поврзани со интеграциските процеси

https://p.dw.com/p/2zojR
Proteste vor dem Parlament in Skopje gegen Einigung Mazedoniens mit Griechenland im Namensstreit
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Претседателот на Собранието Талат Џафери за денеска во 11 часот ја закажа седницата на која ќе се расправа за предлог-законот за ратификување на договорот за решавање на спорот за името со Грција. Откако ќе се изгласа потреба од негово донесување, расправата најпрво ќе започне во собраниската Комисија за европски прашања, бидејќи Владата овој предлог-закон го испрати до парламентот со европско знаме.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој е претседател на собраниската Комисија за надворешна политика, вчера реагираше дека се крши собранискиот Деловник, бидејќи, според него, надлежна за ратификација на меѓународни договори e Комисијата за надворешна политика, а не за европски прашања. Тој обвини дека Владата ја злоупотребува својата позиција со цел ратификацијата на Договорот да помине со што помалку расправа.

„Нема никаква пречка Милошоски да свика седница на Комисијата за надворешна политика и да расправа за предлог - законот“, вели пратеникот на ДУИ, Артан Груби, кој раководи со Комисијата за европски прашања. 

Тој потсети дека и други предлог-закони кои се поврзани со исполнување на политичките критериуми за членство во ЕУ, се разгледувани во Комисијата за европски прашања, како матична. Такво е и прашањето за решавање на билатералните спорови меѓу соседите, кое беше финализирано со договорот со Грција. Притоа Груби потенцира дека и на пленарна седница сите пратеници ќе имаат можност да се изјаснат за договорот, а конечно и сите граѓани - на референдум!  

Bildergalerie Mazedonien Proteste in Skopje
Од протестите пред Собранието во неделата, 17.06.2018Фотографија: picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Во трка со роковите

Владата вчера го усвои, а потоа и го достави до Собранието „Предлогот на закон за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995. година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“. За ратификацијата на договорот со Грција во Собранието е потребно просто мнозинство од 61 пратеник. Претседателот на парламентот, Талат Џафери, за ДВ изјави дека дека се надева оти „до петок, или најдоцна до сабота, ратификацијата ќе помине во парламентот“.  

Роковите се многу важни, бидејќи ратификацијата на договорот е услов што треба да го исполни Македонија, за да може Грција со писма да ги извести ЕУ и НАТО дека е надмината најголемата пречка за продолжување на интеграцискиот процес на Македонија. Во случајов, клучно е тоа да се случи пред почетокот на самитот на Европскиот совет кој се одржува на 28 и 29 јуни, односно самитот на НАТО (11 и 12 јули), имајќи ги предвид очекувањата на Македонија да добие датум за почеток на преговори со Унијата, и покана за членство во Алијансата.

ВМРО ДПМНЕ се изјасни дека нема да го поддржи договорот, но поддршка ќе му дадат сите партии на Албанците, вклучително и оние кои се во опозиција - крилото на „Беса“ предводено од Билал Касами и Алијанса за Албанците на Зијадин Села.

За грчкото известување до ЕУ и НАТО дека македонскиот парламент го ратификувал договорот нема да се чека потписот на претседателот Ѓорге Иванов. Рокот за негово изјаснување трае седум дена. Доколку во предвидениот рок тој стави вето на договорот, како што веќе најави дека нема да го потпише, во законски утврдениот рок ќе се премине на негово повторно донесување. Бидејќи претседателот има право на суспензивно вето само при прво донесување на закон, со второто гласање на парламентот Иванов не може да го спречи донесувањето на законот.

Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt Matthew Nimetz
Од церемонијата на потпишување на договорот меѓу Грција и Македонија во ПреспаФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Повици за оставки

Барање да се поништи договорот со Грција, како и оставки од пратениците и од владиниот врв, преку протести бараат граѓани, организирани од навивачки групи и т.н. патриотски здруженија, на кои им се приклучија и некои маргинални партии јавно декларирани дека се против интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. Филип Петровски, член на Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ синоќа ги повика граѓаните во 11 часот масовно да дојдат пред парламентот, а премиерот го нарече „предавник“ и го повика да го повлече договорот. 

„Нека ги носат со хеликоптери пратениците внатре. Ги повикувам пратениците на СДСМ да си поднесат оставка. Ги повикувам пратениците на  ВМРО-ДПМНЕ да си поднесат оставка и да ни се придружат овде. Оној кој утре ќе биде внатре, не е со нас. Внатре е предавството. Полицијата да ги фрли штитовите и да ни се придружи. Се знае како се прави револуција“, извикуваше Петровски пред присутните.

Повеќе: 

Германија: Насилните демонстрации се причина за загриженост

Лекциите од спорот за името

Нема да се дозволи реприза на 27-ми април

За разлика од претходниот, синоќешниот протест пред парламентот помина без инциденти, но со големо количество говор на омраза, навреди и националистичка реторика. Владата вчера најостро го осуди говорот на омраза и повиците за насилство.

„Повикуваме на разум и на конструктивна атмосфера за дебата и јавно информирање, со цел секој граѓанин да донесе сопствен став пред одржување на референдумот. Без страв, заплашување и притисок. Секој кој ги повикува граѓаните на насилство има одговорност. Повикот на насилство нема само етичка и морална одговорност, туку и кривична. Предизвикувањето немири и несигурност е единствената цел на структурите што стојат зад овие немири, а тоа е во целосна спротивност на интересите на нашите граѓани. Омразата и насилството не се избор на граѓаните на Македонија. Тие избраа иднина за сопствената безбедност, за економски развиена земја, eднаквa со другите во регионот и рамноправна членка во НАТО и ЕУ. Случувањата како оној на 27-ми април минатата година беа одлучно отфрлени од мнозинството граѓани“, се вели во соопштението од Владата.