И, Оскарот оди во рацете на ... мхм...
27 февруари 2017Доделувањето на Оскарот беше хаотично и тоа токму во т.н. кралска категорија: најдобар филм. Актерот Ворен Бити беше збунет и неколку секунди гледаше во картичката што ја има в раце, за потоа неговата колешка Феј Данавеј да го прогласи „Ла Ла Ленд“ за најдобар филм. Но, тоа беше коригирано од страна на Филмската академија. Вистинскиот победник е „Месечева светлина“. Целата забуна најверојатно настана поради замена на пликовите со имињата на добитниците. Авторите на „Ла Ла Ленд“ веќе беа на пат кон бината, кога грешката беше согледана и исправена.
Претходно, Оскарот за најдобра режија му беше доделен на Демиен Шазел за мјузиклот „Ла Ла Ленд“. Тој е најмладиот режисер кој досега освоил Оскар. За најдобар актер е прогласен Кејси Афлек за главната улога во филмот „Манчестер покрај море“, додека во женска конкуренција за најдобра е прогласена Ема Стоун за улогата во „Ла Ла Ленд“.
Првиот Оскар на вечерта отиде во рацете на Махершала Али во категоријата најдобра споредна улога. Американскиот актер Оскарот го доби за своето остварување во филмот „Месечева светлина“, кој со осум номинации во трката за Оскарите влезе како еден од најголемите фаворити. Режисерот Бери Џенкинс го има напишано сценариото сам, а како што истакна во повеќе интервјуа, тоа содржи многу автобиографски елементи. Махершала глуми дилер на дрога со големо срце.
Изненадување на вечерта беше Виола Дејвис, која е прогласена за најдобра актерка во категоријата споредна женска улога. Оскарот го заслужи со своето остварување во филмот „Огради“. Таа низ солзи се заблагодари за храбрата одлука на Академијата и побара сите да се држат до своите соништа.
Германскиот филм „Тони Ердман“ на режисерката Марен Аде и покрај големите пофалби пред доделувањето на Оскарите, не успеа да ја добие престижната статуетка. За најдобар странски филм е прогласен „Продавачот“ на иранскиот режисер Асгар Фархади. Ова е втор Оскар за Фархади, кој првата статуетка ја освои во 2012 година со филмот „Надер и Симин - разделба“. Фархади не присуствуваше на доделувањето на Оскарите од протест поради одлуките на американскиот претседател Доналд Трамп. „Моето отсуство е поради респект кон жителите на мојата земја и шесте други земји на кои им се изразува презир со нечовечката забрана за влез во САД“, се вели во пораката на иранскиот режисер прочитана на бината.
Гала церемонијата на доделување на Оскарите ја водеше ток-шоу мајсторот Џими Кимел, кој на почетокот не можеше да се воздржи од неколку вицови на сметка на Трамп. Сепак, вечерта генерално не беше толку политичка колку што се претпоставуваше. На крајот, по големата грешка со прогласувањето на најдобриот филм, Кимел сѐ си префрли на свој грб и рече: „Знаев дека ќе го зафркнам шоуто. Ветувам дека веќе никогаш нема да дојдам.“