1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И на бебињата треба да им се чита

25 октомври 2017

Родителите треба порано да почнат да им читаат на своите деца, советуваат експертите. Со тоа, не само што го поттикнуваат учењето на јазикот, туку и емоционалната врска со своето дете.

https://p.dw.com/p/2mSAK
Deutschland Vater mit Kind und Baby
Фотографија: picture-alliance/dpa/ZB/P. Pleul

На бебињата не мора да им го читате Гете, но не би било лошо да им читате некоја сликовница за деца. Тоа го советува студијата на Фондацијата за читање (Stiftung Lesen). Родителите почнуваат да им читаат на своите деца дури кога ќе наполнат девет месеци или повеќе, а треба многу порано, сметаат авторите на студијата. Тие укажуваат на фактот дека кај раното читање на децата не се работи само за нивното учење на говорот. Се работи за чувството на згриженост, велат експертите, наведувајќи дека репрезентативно истражување покажало дека една петтина од децата остануваат без тоа искуство.

Емоционална компонента

Моцарт за време на пливање, кинески за деца кои не знаат да одат? Личните стремежи на некои родители во поново време изродија и некои необични појави. Но, експертите за образование сметаат дека основната тенденција е позитивна. Доброто и разновидно образование е многу важно, покажува истражувањето меѓу родители кои имаат деца на возраст меѓу три месеци и три години. Околу 86 проценти од мајките и татковците велат дека доброто образование е важно за нивното дете, што е повеќе од оние кои велат дека е важна човечноста и доброто однесување на нивното дете (83 проценти). А дека читањето спаѓа во образование, тоа за мнозинството родители е само по себе разбирливо. Но, кај многу родители е забележлива грешката во размислувањето кога е во прашање читањето на децата. „Родителите имаат еден доста трезвен поглед на читањето. И мислат дека детето треба веќе нешто да знае за да има полза од читањето. Но ја потценуваат емотивната компонента на овој ритуал“, вели раководителката на студијата Симоне Емиг. Заедничкото прелистување на сликовница или книга придонесува кон создавање блискост, а притоа кај детето предизвикува чувство на сигурност и заштита.

Kinder Bücherei Junge liest in einem Buch Deutschland Flensburg
Кога е во прашање читањето, никогаш не е прерано, велат експертите.Фотографија: picture-alliance/dpa/C.Rehder

Преку допир до читање

Тромесечно бебе не е во состојба подолго да набљудува слики или да слуша приказни. „На самиот почеток многу нешта одат преку допирот. Децата буквално го запознаваат предметот книга. И не е страшно доколку некој пат и ја гризнат“, вели Емиг. Првите детски книги и онака се од „робустен“ материјал како пластика, текстил или дрво, а тоа се материјали кои децата преку допир веќе ги познаваат преку своите играчки. „Кога подоцна ќе се сретнат со вистинска книга таа за децата повеќе не е непознат, туку познат преку нивните играчки“, вели експертката. Кога е во прашање читањето, никогаш не е прерано. Истражувањето покажува дека една петина од родителите воопшто не им чита на своите деца, а секое второ дете расте во домаќинства со најмногу десет детски книги.

Инвестиција во иднината

Антје Нојбауер од одделот за образование на Фондацијата на германската железница укажува на поврзаноста на читањето во најрано доба со подоцнежниот однос кон пишаниот збор. „Доколку на децата често им се чита, тогаш подоцна во животот им е полесно да ги разберат текстовите“, вели Емиг. Навиката на родителите да им читаат на децата не е само работа на образование, туку и на сопствените искуства од детството. „Тоа е маѓепсан круг: кој сам не доживеал родителите да му читаат, веројатно тоа ни сам нема да го прави“, заклучува Емиг. Притоа оваа навика нема врска ни со степенот на образование на родителите, ниту со приходите. Честопати, велат експертите, е доволно малку за почеток на ритуалот на читање. Понекогаш, детската книга како подарок е иницијатор. Бидејќи, според студијата, секоја седма родителска двојка не ја користела книгата која детето ја добило на подарок.