1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Ердоган сноси одговорност за теророт

Баха Гингер/превод: Ж.А.29 јуни 2016

Нападот во аеродромот во Истанбул потврдува: НАТО-членката Турција се наоѓа во фокусот на интернационалниот тероризам. Но главната одговорност ја сноси турското државно раководство, смета Баха Гингер.

https://p.dw.com/p/1JFbd
Türkei Anschlag am Flughafen in Istanbul
Фотографија: Reuters/O. Orsal

Билансот на бруталниот терористички напад врз меѓународниот истанбулски аеродром Ататурк е ужасен, не само според високиот број на жртви. Загатка е како на терористите воопшто можело да им успее со експлозивни појаси непречено да стигнат до терминалот за странски летови на најголемиот турски аеродром. Патем, прашањето не гласи дали, туку кога во Турција повторно ќе се појави одвратното лице на крвавиот тероризам.

Ветер во грбот на непријателите на демократијата

Последниот дезертерски обид на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган доаѓа предоцна. Притоа, неговите надворешнополитички пресвртни маневри во разнишаните односи кон Русија и Израел не се важни само поради тоа што двете земји разполагаат со обилно разузнавачко знаење околу тоа каде и во кој правец се одвива тероризмот и кои земји и региони се посебно на удар. Дали се воопшто можни ефикасни мерки против тероризмот, е друго прашање.

Не само Русија и Израел, туку и САД и европските сојузници одамна се сведоци на фактот што Турција се разви во јазол на наводно верски мотивираниот тероризам. Цената за погрешните политички проценки на Ердоган мора да ја плаќаат луѓето со своите животи во постојаните напади. И Турција во целина плаќа со економски назадувања, земјата е вратена стопански децении наназад. Но, непризнавањето на резултатот на парламентарните избори, одбивање на одлуките на сопствениот Уставен суд како „недостојни за почит“ и ставање крај на политиката на помирување со Курдите им обезбедува ветер во грбот на непријателите на демократијата.

Guengoer Bahaeddin Kommentarbild App
Баха Гингер

Со говорите проследувани со полтронски и понизни аплаузи, во кои Ердоган на својот народ неуморно му ветува подобри и посигурни времиња, можат да бидат заслепени единствено некритичките приврзеници или искористувачите на системот. Критичките набљудувачи, оние новинари и научници кои мислат поинаку од Ердоган, мораат да сметаат на судски постапки и затворски казни, наместо да бидат ислушани од шефот на државата. Сосем едноставно: оној кој ја заслабува демократската правна држава, оној кој ја ограничува слободата на медиумите и на мислењето, оној кој ги става под надзор есенцијалните сфери на државниот апарат како полицијата и судството, создавајќи едноумие, тој му отвора простор на тероризмот!

Крај на поларизацијата

Турската Република, која во 2023 година ќе го слави своето 100-годишно постоење, првично се стремеше кон развој во правец на современите, западни цивилизации. Но, она што се заканува денес, по 14 години власт и одговорност на Ердоган, е тиња од војна и тероризам, каква што владее во целокупниот блискоисточен кризен регион. Затоа, би било добро Ердоган да го послуша советот да биде помалку воинствен кон своите критичари и наместо тоа повеќе да се сврти кон европските вредности. Со тоа опасноста од нови терористички напади, како и секаде во светот, нема да биде исклучена. Но, потесната соработка со Европа барем нуди надеж за позитивно влијание врз расположението во Турција, настрана од нездравата поларизација на целиот народ, која никому не помага.