1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Германија има потреба од реформи

Џенифер Бленки Превод: Зоран Јордановски17 септември 2015

Германија прифаќа голем број бегалци, додека другите земји имаат проблем со тоа. Нејзиното стопанство оди добро, но новите предизвици и нејзе и наметнуваат потреба од реформи.

https://p.dw.com/p/1GWoi
Фотографија: picture-alliance/dpa/Sebastian Widmann

Речиси се заборавени честопати повторуваните барања од Германија до европските партнери да се зафатат со реформи, за еврозоната и ЕУ да ги доведат на одржлив економски курс. По скоро една деценија со слаб стопански пораст во Европа навистина се потребни големи напори за целиот регион повторно да се насочи кон стабилен и одржлив пораст. Тоа ќе е од решавачко значење за да се одржи целината на Европа во време во кое не е само еврозоната во опасност, туку уште и Велика Британија се прашува дали целосно да се откаже од ЕУ.

Но, и самата Германија мора многу внимателно да погледа какви промени се нужни во нејзината економија, за да се погрижи за одржлива и врз широка база обезбедена благосостојба на своите сегашни и идни граѓани. Додека германските претпријатија почнуваат да им нудат работа на бегалците, предизвикот да се интегрираат можеби и 800 000 нови граѓани покажува колку е важно да се решат структурните проблеми пред кои се исправени Германија и нејзиното стопанство.

Задоволна Германија

Економската дебата во Германија покажува земја која е во голема мера задоволна од состојбата на нејзиното стопанство и тоа е оправдано од повеќе асапекти: невработеноста е релативно ниска, системот од практична обука и настава помага за вработените да ја добијат нужната оспособеност - што пак води до ниска стапка на невработеност кај младите од осум проценти, наспроти повеќе од 50 проценти во Грција и Шпанија. И во поглед на праведноста на распределбата, вработените во Германија располагаат со повисок удел во приходите во споредба со многу други развиени економии. Како резултат на сето, благодарение на значајниот успех на својата економија, Германија цврсто го држи кормилото кога станува збор за донесување економски решенија во Европа.

Jennifer Blanke Chefökonomin des Weltwirtschaftsforums
Џенифер БленкиФотографија: picture-alliance/dpa/N. Bothma

Но, Германија би постапила кратковидо ако само гледа што треба другите земји да направат. Нејзините силни страни не можат трајно да ги компензираат слабостите, кои - ако не бидат решавани - ќе ги ограничат можностите на земјата да обезбеди пораст на животниот стандард за широк круг граѓани. Светот последните години доживува се’ поголеми нерамнотежи и Германија не е имуна на тој тренд: и покрај повисокиот пораст отколку во големи делови од Европа, работниците имаат се’ помалку од резултатот од него - просечните плати навистина остануваат релативно високи, но нерамнотежата расте. Веројатно уште повознемирувачка околност е дека многу од сегашните силни страни на Германија не ќе се доволни за и во иднина да се обезбеди животен стандард за широка база.

Премалку нови идеи, премалку жени во стопанството

Германската економија на одреден начин ја кочат два момента кои меѓусебно се засилуваат и со кои паралелно оди и недоволна динамика: споредбено малку нови претприемнички идеи и помал удел на жени меѓу вработените. А токму иновации и динамика и’ се потребни на Германија за да го обезбеди својот висок животен стандард.

Потребното време и трошоците за основање претпријатие во Германија се вистински високи во споредба со другите развиени економии. Поради тоа не е зачудувачки дека Германија во поглед на условите за основање фирми е на 25. место меѓу 29 развиени економии во неодамна објавената анализа на Светскиот економски форум. Кај бројката на мали претпријатија Германија е на 14. место, значително зад водечките САД.

Точно е дека Германија има ниска невработеност, но исто така и ниска стапка на вработеност (20. место меѓу 30 развиени земји), што значи дека на пазарот на работна сила стојат на располагање помалку луѓе. Тоа се должи на редица фактори, а еден од нив е малиот број на жени на тој пазар. Недостигот од евтини детски градинки спречува многу жени да ги усогласат мајчинството и работата. Освен тоа, системот кој покажува добри резултати кај обуката на ученици за стопанството, истовремено е поврзан и со нееднакви шанси во севкупниот образовен систем, оти учениците од слоеви на населението со пониски приходи покажуваат забележително послаби резултати во читање и математика, што ги ограничува нивните можности за социјален подем. Така Германија не користи многу таленти, кои би можеле да ја направат подинамична.

Со поглед и врз многу дискутираната слаба економска фаза во Кина и другите земји во забрзан подем, во кои изминатите години одеше голем дел од германскиот извоз, Германија мора да се пробие со иновации и да развие нови производи и услужни дејности за нови пазари. Освен тоа, таа мора да стави посилен акцент и врз домашната потрошувачка и врз позасилена динамика.

Со други зборови, се чини дека сегашната состојба е многу добра, првенствено во споредба со другите европски земји. Но, и ако многу работи добро одат, Германија сепак има потреба од реформи за да се доведе себе си - а со оглед на својата економска тежина - и Европа на пат на пораст од кој ќе профитираат повеќе луѓе. Само ако Германија се зафати да ги отстрани пукнатините во зградата на својот економски модел, ќе може да обезбеди да стои на одржлив, силен темел и за идните генерации.

Џенифер Бленки е главен економист на Светскиот економски форум и членка на неговиот Извршен комитет.