1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И атлетиката затруена од допинг?

К.Копс/сн9 август 2015

Долго ништо не се слушаше за допингот. Сега на повидок е нов скандал од глобални размери кој доаѓа од сегментот кој досега беше речиси поштеден од вакви медиумски написи.

https://p.dw.com/p/1G9Qk
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Thissen

Обвинувањата кои последниве денови стигнуваат на сметка на Меѓународната атлетска федерација (ИААФ) оставија добар дел од глобалната светска јавност во шок. На главната светска атлетска организација и’ се префрла дека со години тестовите од крв на атлетичарите, кои укажувале на користење допинг или недозволени методи, ги сокривала од очите на јавноста и не преземала никакви казнени мерки против осомничените спортисти. Медиумите дури зборуваат за тоа дека состојбата во врвната атлетика може да се спореди со скандалозната состојба во која пред 20-тина години поради масовна злоупотреба на допинг се наоѓаше велосипедскиот спорт.

Олимписки победници под допинг

„Состојбата е алармантна. Ние сме шокирани од размерите на скандалот. Тоа го разниша угледот на секој чесен спортист на светот“, рече претседателот на Светската анти-допинг агенција (ВАДА). Крег Риди е на маргините на конгресот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) во Куала Лумпур. Неполни две недели пред Светското првенство во атлетика кое се одржува во Пекинг, светската атлетика се наоѓа среде една од најголемите кризи во својата историја. Но за што всушност станува збор? Германскиот јавен медиумски сервис АРД и британскиот весник „Сандеј Тајмс“ за време на своите истражувања наидоа на база на податоци со над 12.000 резултати од тестови за крв на околу 5.000 врвни атлетичари. Според тие податоци, примероците на околу 800 спортисти укажуваат на користење на недозволени сретства. Станува збор за спортисти кои во периодот од 2001. до 2012. учествуваа на Олимписките игри и на светските првенства во дисциплините од 800 метри па сѐ до маратон. Најголем дел од спортистите за кои постојат индиции дека биле под допинг, меѓу кои се наводно и 146 носители на олимписки медали или победници на првенства, никогаш не бил санкциониран. „Само против една третина од овие спортисти се води постапка. Останатите две третини никој не ги повикал на одговорност“, стои во соопштението на АРД.

Symbolbild Doping
Фотографија: picture alliance/Andreas Franke

ИААФ замижала со двете очи?

„ИААФ всушност морала да биде свесна за тоа каква вистина се крие под површината“, вели австралискиот стручњак за допинг Михаел Ашенден и истовремено изнесува заклучок дека главната светска атлетска организација „во целост потфрлила“. ИААФ отфрла секаква вина, тврдејќи дека врз основа на базите на податоци, кои на новинарите им послужиле како доказ за допинг на атлетичарите, „не може со сигурност да се утврди“ дали некој користел недозволени средства или не. „Се’ останато се шпекулации“, стои во соопштението на ИААФ.

Michael Ashenden
Експертот за допинг, Михаел АшенденФотографија: Gerry McManus

Во меѓувреме претседатлот на ИААФ, Ламине Диак сепак најави проверка на медиумските наводи. „Ние ќе се соочиме со проблемот доколку тој постои“, рече Диак ,додавајќи истовремено дека „очигледно постои намера многу олимписки медали да им се поделат на други“. ИААФ најави дека ќе реагира во случај да се докаже дека кај олимписките победници биле најдени недозволени средства или методи. Во моментов, меѓутоа, како што рече претседателот на МОК,Томас Бах, станува збор само за шпекулации и се чекаат детални извештаи од ВАДА.