1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

EU-Gipfel Euro

28 октомври 2011

На самитот во Брисел ЕУ донесе опсежен пакет мерки за справување со европската должничка криза. Тој буди надеж, смета Кристоф Хаселбах во следниот коментар.

https://p.dw.com/p/1303o

Средбата во Брисел требаше да биде „самит над самитите“, да понуди конечно решение на еврокризата. Изминатата еднаипол година доживеавме самити во низа, на се‘ пократок период. Секогаш се велеше - овој пат резултатот ќе ги убеди пазарите. Кратко потоа се дискутираше за уште поголеми суми, уште подрастични мерки, зашто пазарите сепак не беа убедени.

Макотрпни преговори

Овојпат меѓутоа очекувањата од средбата на европските шефови на држави и влади беа уште поголеми. Релативно брзо беа донесени одлуките за рекапитализација на банките, потешко одеше со засилувањето на механизмите на Фондот за спас на еврото, ЕФСФ. Вистинските маки и натегања настапија при убедувањето на банките за отпис на грчките долгови. Без договор за оваа клучна точка, единството по другите теми ќе беше бескорисно. Зашто, работите се исповрзани меѓусебе и само целосен пакет ги решава проблемите. Дури утрото околу триипол часот протече информацијата дека банките доброволно ќе отпишат половина од грчкиот долг.

Тоа е минимумот што на Грција и‘ овозможува малку да земе здив, а максимумот на кој се подготвени банките. Дали пакетот ќе донесе пресврт и овојпат ќе ги задоволи пазарите, уште не е сигурно.

Christoph Hasselbach DW Brüssel
Кристоф ХазелбахФотографија: DW

Купување време

Повторно пред се‘ се купува време. Но, тоа сега е драгоцено и мора да се искористи за неблагодарната, но нужна консолидација на државните финансии во сите земји-членки одделно. Токму тука се случи најголемото изненадување. Во неделата Ангела Меркел, Никола Саркози и другите го повикаа на одговорност Берлускони, кого го сметаа за непоправлив, барајќи веднаш да изнесе планови за реформи заради спас на целата еврозона. И, чудо - Берлускони три дена подоцна на маса ја стави реформата на пензискиот систем. Уште повеќе - Италија се обврза на конкретно намалување на долговите, Шпанија на програма за санација на државните финансии.

Да се искористи моментот

Тоа буди надеж. Јасно, без притисокот од политиката и финансиските пазари, ова сигурно немаше да се случи. Штом ќе се стабилизира ситуацијата, би можеле да изостанат и реформите.

Затоа сега е приоритет консолидацијата и меѓусебната контрола на членките на еврозоната. Најдобро решение сигурно би било да се променат европските договори. Но, за тоа е потребно многу време. Повеќегодишните напори за ратификување на Лисабонскиот договор делуваат заплашувачки. Промената на договорите би можела да биде долгорочна цел, а сега е потребна итна акција и тоа токму во моментов.

Автор на коментарот: Кристоф Хазелбах

Превод: Ж.Ацеска

Редактор: А.Трајковска