1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто луѓето заминуваат од Србија?

Ивица Петровиќ
16 ноември 2017

Мали плати, лош стандард, луѓето бараат подобар живот...Тоа се предвидливи одговори на прашањето зошто луѓето се иселуваат од Србија. Но, тие сепак не се доволни за објаснување на феноменот на емиграција.

https://p.dw.com/p/2njao
Symbolbild Deutschland Migration
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Економските мотиви секако се доминантни кога станува збор за емигрирање во западните земји, но во случајот со Србија постои и цела редица дополнителни мотиви,  збунувачки подеднакво за јавноста и за политичарите. „Од еднастрана заминуваат високо образовани кадри во потрага по прилика за професионален напредок, но и финансиско обезбедување на своите семејства“, вели за Дојче веле Владимир Петронијевиќ, директор на Групата 484. „Од другастрана, ниско образовани кадри во системот на азил, кој нема да го добијат, на пример во Германија, гледаат прилика за обезбедување на својата основна егзистенција. Германија во двата случаја е во самиот врв на активностите за емиграција од Србија.“

Иако се примарни, економските мотиви не се единствени, нагласува Петронијевиќ: „Луѓето се незадоволни од квалитетот на животот во Србија во некој подлабок, суштински смисол. Пред сѐ незадоволни од систем на вредности кој не се менува на овие простори, а наметнат е уште во 90-те години, во кој многу работи кои би требало да бидат на дното, испливаа на површина. Едноставно, луѓето бараат уреден систем во кој животот се одвива на нормален начин.“

Vladimir Petronijevic NGO Grupa 484
Владимир Петронијевиќ: Луѓето се незадоволни од владејачкиот систем на вредностиФотографија: DW/I. Petrovic

Партократијата - една од причините за миграција

Ако се обидеме овој вид незадоволство да го преведеме на секојдневен јазик, може да се каже - на луѓето им е преку глава од трки по врски и познанства заради решавање на секојдневните проблеми, од запишување на детето во градинка, до посета на лекар. Врз ова се потпира обратниот систем на вредности во она што во Србија остана од културата, а на крајот на целиот синџир стои револтот на политичка линија, односно партократски систем во кој животниот и професионален успех е во исклучива корелација со партиската припадност.

На тој момент укажува и економистот Милан Ковачевиќ во разговоор за Дојче веле:  во Србија политиката  е пред професијата,  за многумина тоа е мотив за заминување од земјата: „Така е во прв ред во јавниот сектор, иако е присутно и во приватниот, настанат од процесот на приватизација. Власта се грижи само за контролирање на медиумите, па во таква систуација нема ни притисок од народот тоа да се промени. Во некои сектори, на пример медицината, од каде голем број луѓе заминуваат во Германија, одредени кадровски решенија раѓаат револт кај вработените, зашто не станува збор за стручњаци во врвот на нивната професија. Сите тие се причини за заминување од земјата.“  

Symbolbild Daimler-Boss lässt in Flüchtlingszentren nach Arbeitskräften suchen
Не е проблем заминувањето, туку тоа што никој не се враќа назадФотографија: picture-alliance/dpa/B. Weißbrod

Моќта и немоќта на државата

Побогатите и развиени земји на овој начин добиваат високо образована работна сила или едноставно потребни кадри, а процесот секако остава демографски и социјални последици во Србија. Напорите Србија како држава да влијае врз тој процес и евентуално да го запре бројот заминувања, не се баш големи. А не се големи ни српските пожности, со оглед што просечната плата во земјата е околу 400 евра. Миграциите едноставно се неминовен процес, а патем, не е можно ни едноставно изрекување забрана некому да замине онаму каде постои потреба од негово знаење и способности.

Милан Ковачевиќ истакнува: „Државата донекаде го сфати значењето на ИТ-секторот и сега се обидува да го зајакне. Меѓутоа, постои и опасност од преголемо мешање на државата. Колку таа може да помогне, толку може и да одмогне. Тоа првенствено важи за даночниот систем, при што со преголемите оптоварувања може негативно да се влијае на развојот на бизнисот во Србија. Овде уште не постои свест дека државата, што и да прави, таа парите ги зема од џебовите на граѓаните и стопанството.“

Србија - дел од глобалните миграциски движења

Емигрирањето од Србија може да се подели на две групи - илегално и легално. Според Владимир Петронијевиќ, намалувањето на илегалната миграција е можно само во соработка со државите во кои заминуваат српските државјани, но и со процес на либерализација на легалната миграција. Најголем проблем е што „миграцијата во Србија најчесто претставува билет во еден правец, не постои т.н. циркуларна миграција. Не е проблем значи што луѓето заминуваат, зашто мобилноста крајно е основа на ЕУ, туку што не се враќаат и ги прекинуваат контактите со земјата на потекло,“ вели Петронијевиќ.

Слично на проблемот гледа и Милан Ковачевиќ: „На примерот на Бугарија и Романија гледаме дека членството во ЕУ не е гаранција да се спречи иселувањето од земјата“, додавајќи: „лошо е што ситуацијата во Србија споро се поправа и никој не се враќа. А добивката тука би била двојна - некој би се усовршил во Германија, на пример, и би го донесол знаењето назад.“

Притоа, заклучува Петронијевиќ, Србија би можела нешто да научи од поразвиените земји, кои прашањето на емиграција го решаваат со засилена имиграција. „Проблемот со медицински работници во Германија настана зашто нивните лекари тргнаа во средини кои нудаат уште поголема заработувачка и усовршување. Би требало да видиме дали во Источна Европа или на Исток генерално, постојат некои земји од кои Србија може да привлече кадри кои ѝ недостигаат? Мораме да бидеме дел од тоа глобално движење на миграцијата и да поставиме систем кој е во состојба нешто да понуди“, оценува Петронијевиќ.