1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто каубоецот Џим ќе гласа за Трамп?

Инес Пол
5 октомври 2016

Кога Доналд Трамп ветува ѕид на границата со Мексико тоа звучи како гол популизам. Меѓутоа, за фармерите чии поседи се во близина на границата тоа е далеку посериозно прашање. ДВ посети еден ранч на границата.

https://p.dw.com/p/2Qslq
USA USA Reportage aus Arizona Jim Chilton und seine Frau
Фотографија: DW/I. Pohl

Рѓосани столпчиња поставени на неколку метри оддалеченост ја држат распнатата бодликава жица. Погледнати од далечина тие се речиси стопени во песокливата околина меѓу кактусите и пустинската трева. Само оној кој гледа внимателно може да ги открие многуте ситни поправки на бодликавата жица. Ги издава свежата боја.

Џим Чилтон има мало стомаче. Тој има 77 години, а за помалку од една минута може да се протне под жицата и со тоа да ја мине границата меѓу Мексико и САД. Неговиот светол каубојски шешир притоа е закачен на еден од челичните столбови. Пиштолот останува во футролата на тешкиот кожен ремен, секогаш подготвен за употреба.

Речиси само шверцери со дрога

Илјадници луѓе секоја година минуваат преку граница. Прецизни бројки нема. Зад себе оставаат тони пластичен отпад. Ако кравите го изедат, умираат во тешки маки. Оние што минуваат ја сечат жицата на границата и со тоа предизвикуваат и други штети, зашто кравите бегаат од другата страна. „Во меѓувреме, главна преокупација на моите каубојци е да ја поправаат жицата.“

Меѓу оние кои ја минуваат границата има сѐ помалку луѓе кои се во потрага по работа и надеж за подобар живот. Сѐ повеќе тоа се шверцери со дрога кои работат за картелот Синалоа, еден од најбруталните криминални организации на светот.

„За оние кои се во потрага по работа стана опасно да ја преминуваат границата“, објаснува Џим. И тие се принудени да пренесуваат дрога. Џим покажува фотографии од грмушки на кои виси женска долна облека. „Тоа се трофеите кои криминалците ги бесат откако ја силувале жртвата, понекогаш со денови.“

Неговите очи со челично сива боја кај оваа реченица се претвораат во линија. „Она што се случува на мојот посед, овде во Америка, е неправедно.“

USA Reportage aus Arizona Gelände der Chilton Farm
Фотографија: DW/I. Pohl

Ранчер во петта генерација

Чилтон, заедно со четворица вработени каубојци, од 1987 година стопанисува со ранчот од 20.000 хектари. Тоа е површина од над 28.000 фудбалски игралишта и дури и за американски услови е голем посед. Осумстотини хектари се негова сопственост, а остатокот е државно земјиште кое го има земено под наем. Освен тоа, поседува и стадо од речиси илјада крави. Поголемиот дел од приходите поранешниот инвестициски банкар со универзитетски дипломи од сферата на економијата и политиката доаѓа од продажбата на стока.

Чилтон имал околу 50 години кога донесол одлука да ја продолжи семејната традиција и да се откаже од дотогашниот живот во светот на политиката и банкарството. Тој е петта генерација од неговото семејство која се занимава со сточарство. Неговите предци уште во 1888 година воделе стада низ Аризона. Многуте извори се една од главните причини зошто ја одбрал фармата на 110 километри југозападно од Тусон. „Водата е најважното нешто за одгледувањето крави.“ Пред речиси 30 години Чилтон воопшто не размислувал за тоа дека неговиот ранч е на само 16 километри оддалеченост од границата со Мексико и дека осум километри од неговата земја се директно на граница. Денес близината со границата го диктира неговиот живот.

USA Reportage aus Arizona Cowboys  auf der Chilton Farm
Фотографија: DW/I. Pohl

Многу соседи кренале раце

„Од почетокот имаше Мексиканци кои ја минуваа границата за да работат во САД. Тоа не ни пречеше. Кога ќе ги сретневме, им дававме вода и им покажувваме каде на нивниот пат низ нашиот посед има вода“, вели Џим. Налето тука се мерат 40 степени Целзиусови под сенка. Тој и неговата спруга Су постојано повторуваат: „Никој не треба да умре на нашиот имот.“ Двајцата одат редовно на католичка богослужба. Су диригира со црковниот хор. Чилтон има изградено мали фонтани на 20-те корита за вода за стоката, за луѓето да можат да се напијат вода и да си ги наполнат шишињата, иако ситуацијата за него веќе не е прифатлива.

Тој заедно со соседите со години се бори за прописна заштита на границата. „Ние баравме ѕид долго пред Доналд Трамп да почне да зборува за тоа.“ Многу негови соседи во меѓувреме кренале раце и се откажале. Не веруваат дека нешто ќе се промени, дека конечно ќе бидат изградени улици долж границата и ќе бидат поставени контролни пунктови, за да не минуваат по 3-4 часа додека службениците дојдат кога ќе бидат повикани или кога надзорните камери ќе покажат колони возила со вооружени лица кои се движат низ поседот.

Нема помош од Вашингтон

Околината е непрегледна, многуте кањони се одлична заштита за шверцерите и нивните огромни ранци, тешки и по 30 килограми, кои се полни со марихуана, кокаин или хероин. Џим објаснува дека картелот насекаде има поставено стражари, кои го надгледуваат поседот и ги предупредуваат шверцерите. Еднаш, вели тој, случајно наишол на ваков скаут. Додека бегал му паднал телефонот. „Телефонот за врска чинеше над 2500 долари. Па тие се подобро опремени од нашите граничари.“

Картелот Синалоа ја има преземено целосно контролата. „Кога сум надвор, се чувствувам како да сум на окупирана територија“, вели Џим гледајќи во своите каубојски чизми.

Многу децении тој и сопругата биле приврзаници на демократите, по дипломирањето Џим дури и работел за демократскиот сенатор Карл Хајден.

Доналд Трамп најавува жестоки мерки против илегалните мигранти. Тој годинава ќе ги добие и гласовите на Чилтонови. „Не е сѐ добро од она што тој го кажува или прави, но тој ќе се погрижи за нас. Вашингтон на Хилари Клинтон одамна се има откажано од нас.“