1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто всушност си заминува Милошоски?

1 јули 2011

Антонио Милошоски соопшти дека нема да биде министер за надворешни работи во новата Влада на мандатарот Никола Груевски. Како експертите го толкуваат потегот и што значи тоа за идната македонска надворешна политика?

https://p.dw.com/p/11n8M
Милошоски со неговиот германски колега Вестервеле (архива)Фотографија: MIA

Шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски, со најдолг стаж на оваа функција во самостојна Македонија, побарал од мандатарот Никола Груевски да му дозволи да биде повеќе татко, отколку министер кој „половина година минувал низ светските аеродроми и не можел да се грижи за својот четиригодишен син“. „Приватни, а не политички мотиви“, го поттикнале Антонио Милошоски, по пет години, да се повлече од опретивната извршна власт. Но, тој избегна прецизен одговор на прашањето од Дојче веле – дали премиерот воопшто му го понудил министерскиот ресор, па тој одбил, или пак е политичка жртва поради грчко-македонскиот спор?

Slobodan Casule Aussenminister Mazedonien 2001 bis 2002
Слободан ЧашулеФотографија: AP

„Од пред шест месеци министерот има најавено дека сака да биде ослободен од функцијата, тоа е точно. Јас во неговото заминување не гледам причина поврзана со процесот што нашата држава го има со Грција“, рече за Дојче веле Слободан Чашуле, екс-министер за надворешни работи.

Критики за кадровските решенија на амбасадорските места

Во сферата на приватност спаѓаат и информациите дека Милошоски во последнава година бил критикуван кај дел од сопартијците за приватизирање на некои од кадровските решенија, при што за дипломати биле именувани негови блиски соработници, кои биле без дипломатски стаж во странство. „Милошоски го ’уби’ професионализмот во македонската дипломатија, ја партизираше со амбасодори без способност да ги следат светските поместувања“, смета поранешниот министер за надворешни работи Љубомир Фрчкоски. Тој не сакаше да ги коментира личните мотиви за повлекувањето од извршната власт на високиот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, кој сега стана пратеник, кој ја предводи листата на владеачката партија.

Ljubomir Frckoski
Љубомир ФрчкоскиФотографија: Ljubomir Frckoski

Критика за големата амбасадорска смена во последниве две-три години упатува и Александар Димитров. Но, тој како шеф на дипломатија во владата на Георгиевски, каде Милошоски беше гласноговорник, јавно коментира. „Мислам дека министерот релативно коректно го водеше бродот на македонската дипломатија во последните пет години“. Поранешниот министер Александар Димитров сепак потсетува дека Милошоски ја водеше дипломатијата и по самитот на НАТО, каде на Македонија и е сугерирано што побрзо да го затвори спорот со името, а досега нема поместување, ниту пак нешто повеќе произлезе од протоколарните средби на двајцата премиери Груевски и Папандреу. „Се плашам дека несакањето да се изнајде разумен компромис со Грција не крие некои скриени намери да се напушти евроатлантската агенда, дали сакаме во НАТО И ЕУ. По самитот во Букурешт условувањата со решавањето на името не се веќе само грчки став, туку на целата воено-политичка алијанса“, оценува Димитров.

Пет години на чело на МНР

Gebäude des Außenministeriums in Skopje
Министерство за надворешни работиФотографија: Petr Stojanovski

Милошоски важеше за тврд преговарач, кој можеби во следните месеци не би бил корисен при барањето пофлексибилни решенија и компромиси со Атина. Со неговото елегантно заминување тандемот Груевски-Ахмети испраќа сигнали за решеност да го затвори проблемот со јужниот сосед, велат дел од консултираните експерти. Втората анализа оди во насока на бегање од лична одговорност и Милошоски да стави потпис врз евентуалниот договор со Атина, што би значел и можна промена на името или замена на ФИРОМ со друга референца во ОН.

„Антонио ќе биде запаметен по тоа што добро и на вешт начин ја менаџираше целата ситуација. Тој самиот обелодени дека ние во Букурешт сме биле подготвени за компромис со додавката Република Македонија-Скопје, што и на почетокот од деведесетите беше прифатливо за дел од тогашната владеачка коалиција“, оценува Слободан Чашуле.

Извори од врвот на коалицискиот партнер ДУИ ни велат дека Милошоски, по своите убедувања е припадник на националистичко - патриотското крило во ВМРО-ДПМНЕ. Албанците ги паметат неговите учества во студентските антиалбански демонстрации кон средината на 90-те, а познато е дека со секторите на евроатланските членства во идната Влада (Одбрана и Евроинтеграции) ќе раководат кадри на ДУИ.

Кој ќе биде идниот шеф на македонска дипломатија?

Во оптек се имињата на Александар Лепавцов, советник за надворешни работи на Премиерот, Зоран Јолевски, амбасадор во САД, можеби искусниот дипломат со и меѓународен углед Срџан Керим само до решавањето на спорот со Атина, Мартин Протуѓер, човек од највисока доверба кај Груевски? Медиумите шпекулираат и прогнозираат, а од мандатарот нема јавна реакција. Тој, при приемот на мандатарството од Претседателот Иванов, разговарал со него и за идниот шеф на ресорот за надворешни работи.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска