1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зика-вирус: Нема причина за паника

Карла Ц. Блајкер / ЕМФ30 јануари 2016

Вирусот кој се шири во северна и јужна Америка не е безопасен за бремените жени и бебињата, но не е ни убиствена епидемија.

https://p.dw.com/p/1Hlwc
Фотографија: Reuters/J. Decavele

Оној кој само површно го следи известувањето околу вирусот зика би можел да добие впечаток дека вирусот на скалата на опасни вируси кои му се закануваат на човештвото е отприлика на исто ниво како еболата и е само нешто помалку опасен од ХИВ. Причина за ваквата загриженост, која лесно прераснува во паника, е недоволното информирање. Вирусот се појави првпат во Уганда, во 1947 година, но досега е речиси неистражен. Нема вакцина против него, но експертите предупредуваат дека не е потребна хистерија.

„Зика во никој случај не треба да се споредува со ХИВ или ебола“, вели за ДВ Јонас Шмит-Ханазит, виролог на институтот за тропска медицина „Бернард Нохт“.

За здравите возрасни луѓе, кои не се бремени, вирусот не претставува опасност. Чести симптоми се треска, болки во зглобовите и иритација на кожата. Американскиот Центар за контрола на болести и превенција (ЦДЦ) јасно ја опишпва ситуацијата на својата веб-страница: „Болеста минува вообичаено благо. Тешко заболување, при што е неопходен болнички престој, е невообичаено. Смртни случаи се ретки.“

Infografik Die Ausbreitung des Zika-Virus BRASILIANISCH
Ширење на вирусот зика

Некои туристи веќе го донесоа со себе вирусот во Европа како сувенир од своите патувања, без притоа да биде крената голема врева. Според информации на германската агенција ДПА, во Германија од 2013 година досега се пријавени десет случаи на зика. Во Италија има четири случаи, во Велика Британија три, а во Шпанија два случаи на инфекција со зика. Овие бројки меѓутоа не се доверливи, со оглед на тоа што не постојат насоки за постапување, односно обврска за пријавување во случај да биде констатирана инфекција со зика.

Бројот на инфицирани во Европа можеби бил и повисок, а погодените за тоа да не биле ниту свесни. ЦДЦ пишува дека само еден од петмина инфицирани навистина и се разболува.

Меѓутоа, тоа не значи и дека зика е сосема безопасен. Вирусот се доведува во врска со опасната микроцефалија. Во Бразил, каде вирусот е особено раширен, од почетокот на актуелното избивање на инфекцијата, со микроцефалија се родени околу 4000 бебиња. Нивните глави се помали од главите на нормалните бебиња. Тоа оди заедно со оштетувања на мозокот.

Brasilien Recife Baby mit Mikrozephalie
Во Бразил се родени околу 4000 бебиња со микроцефалија, како малата ЛудмилаФотографија: Getty Images/M. Tama

„Поврзаноста не е стопроцентно докажана, но е многу веројатна“, вели Шмит-Ханазит. „Доказите се множат од час во час.“

Како точно функционира преминот на инфекцијата од мајката на фетусот сѐ уште не е јасно. Ако бебето е веќе родено, инфекцијата може да се пренесе преку мајчиното млеко. Некои земји во јужна Америка им препорачаа на жените да не забременуваат до 2018 година. Ризикот постои ако жената се инфицира со зика-вирус во текот на бременоста. Жена која пред неколку месеци била во Бразил, а сега констатира дека е бремена, не мора да се грижи, нагласува Шмит-Ханазит. Вирусот, имено, во човечкото тело не може долго да преживее.

Карла Ц. Блајкер / ЕМФ