1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Згрижувањето на бегалците - златен рудник

Бен Најт/сн7 март 2016

Многу приватни управители на бегалски сместувалишта во Германија, во моментов заработуваат како никогаш во животот. Услугите кои им ги пружаат на бегалците ги плаќа државата. А тие не се секогаш најдобри.

https://p.dw.com/p/1I5U8
Фотографија: picture alliance/dpa/K. Nietfeld

Иако германскиот министер за финансии пред неколку дена објави рекорден суфицит во државниот буџет, бројни општини немаат пари со кои би им обезбедиле сместување и снабдување на бегалците. Затоа не изненадува оти бројни градови и општини грижата за бегалците им ја препуштаат на приватници.

Во меѓувреме бројни фирми одлично заработуваат на масовното доаѓање на бегалците. Берлинскиот Сенат минатата недела беше цел на остри критики кога се дозна дека на консултантската фирма „Мекинзи“ и’ понудил 238.000 евра за советување во врска со прашањата за бегалците.

Изгледа дека ни оние кои се начелно против политиката на владата кон бегалците, не се стеснуваат да преземат добро платени работи кои токму ја поттикнуваат таа политика. Неделникот „Шпигел“ пишува оти фирмата „Металбау Хеце“ од Клаузниц испорачува станбени контејнери за прифатниот центар во Лајпциг. Директорот на фирмата Франк Хеце, е брат на еден од организаторите на неодамнешните протести против бегалците во Клаузниц.

Gewalt auf Flüchtlinge
Фотографија: Polizei NRW/dpa

Цела економска гранка

Но тоа не е ништо во споредба со тоа колку фирми заработуваат со изнајмување на сместувалишта за бегалците. Минатата година фирмата „Хјуман кеар“ со седиште во Бремен доби налог вреден 3 милиони евра за бегалско сместувалиште во Тирингија во кое засолниште најдоа 210 луѓе. За едно сместувалиште во Волфсбург добија 300.000 евра годишно.

Некои општини и градови, како на пример Берлин, интензивно бараат можност за сметување на бегалците па се нудат 50 евра за ден и од лице за згрижување на бегалците, што го користат бројни сопственици на недвижности. Во меѓувреме берлинскиот Совет тврди дека ќе се спротистави на кризните профитери.

Германската канцеларка Ангела Меркел е свесна за тој проблем. Уште во август минатата година вети оти сојузната влада ќе се обиде да ја пополни дупката во законот, со чија помош сопствениците на недвижности остваруваат заработка на бегалците. „Со луѓето практично се постапува како со стока и се експлоатираат“, рече Меркел за време на една расправа со граѓаните во Дуисбург.

Експлоатацијата е видлива на бројни места. Сопствениците на згради настојуваат во своите простории да сместат што е можно повеќе бегалци. Кристијан Хазе е коосновач на една граѓанска иницијатива во Бауцен, каде минатата недела е подметнат пожар во зграда во која требаше да бидат сместени бегалци, што некои од собраните околу зградата го поздравија. Хазе за ДВ изјави дека одбивањето на еден сопственик на зграда да изгради детско игралиште подалеку од соседните куќи, со што сакал да заштеди пари, предизвика обвинувања од соседите поради бучава и напнатост меѓу бегалците и жителите во соседните згради.

Сепак, главната улога ја играат големите компании. „Јуропијан хоумкеар“ е една од најголемите такви фирми во Германија. Според податоците на нивната интернет-страница, оваа фирма вработува 1.500 луѓе и нуди услуги за над 16.000 бегалци и баратели на азил во бегалски домови.

„Хоумкеар“ денес нуди сѐ што е поврзано со сместување на бегалците, од советнички услуги за планирање, до обнова на згради и курсеви по германски јазик, па сѐ до помош за бегалците во комуникацијата со државните институции. Оваа фирма разви дури и посебен управувачки софтвер. Заработувачката на фирмата е исклучително добра. Според најновите официјални статистики, прометот на „Јуропијан хоумкеар“, меѓу 2008. и 2013. година, се зголеми четирикратно- а бројот на бегалци тогаш беше значително помал од денес. Чистиот приход во 2013 година беше двојно поголем од претходната година и изнесуваше 1,4 милиони евра.

Logo European Homecare in Essen
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Weihrauch

Скандали и профит

Но, тој раст го следеа скандали. Во 2014 година за „Хоумкеар“ се пишуваше во негативен контекст. Работниците од една приватна фирма за обезбедување во домот со кој управува „Хоумкеар“, во Бурбах, злоставувале бегалци.

Скандалот предизвика јавна расправа за опасностите од приватизација на згрижувањето на бегалците и тоа пред кон Германија да тргне големиот бегалски бран во 2015. година. Во друг случај берлинскиот Сенат минатата година ја раскина соработката со приватната фирма за обезбедување која се грижеше за бегалците надвор од Покраинската установа за здравство и социјални прашања (ЛаГеСо). Луѓето од обезбедувањето злоставувале бегалци и притоа користеле нацистички изрази.

Според наводите на Клаус Кокс од „Јуропијан хоумкеар“, неговата фирма детално ги проверува луѓето кои работат за неа, за да би се избегнале можни неонацисти. „Но, тоа е тешко“, вели тој.

Некои мислат дека испадите како оние во Бурбах се неизбежни ако грижата за бегалците се приватизира. Во интервју за весникот „Франфуртер рундшау“ австралискиот новинар Ентони Левенштајн изјави оти искуството со препуштање на згрижувањето на бегалците на приватни фирми во САД, Велика Британија и во Австралија покажува дека е „речиси сигурно“ оти ќе дојде до злоупотреба. „Постојат цврсти показатели за тоа дека, секаде каде бегалците се гледани како извор на профит, условите во домовите и за персоналот и за бегалците- се полоши. Нема мотивација за фирмите да дадат пари за добри услуги.“

Но не гледаат сите така на работите. Штефан Динвалд од Баварскиот совет за бегалци кој ги застапува интересите на бегалците, не смета оти е приватизацијата е лоша во секој случај. „Тоа зависи од фирмата“, вели тој за ДВ. „Нема гаранција оти државата подобро постапува со тие луѓе.“