1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зврлевски: Нема причина за сомнеж во работата на обвинителот

Катерина Блажевска8 март 2015

Јавниот обвинител тврди дека не ја нарушил довербата во обвинителство, ДОМ бара да биде разрешен, нови снимки „Груевски-Заев“ никнуваат на Јутјуб, а амбасадори бараат да присуствуваат на објавувањето на осмата „бомба“

https://p.dw.com/p/1EnGu
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Не гледам никаква причина за недоверба и сомневање во мојата работа, изјави за Дојче веле државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, запрашан за коментар откако партијата ДОМ вчера (7.03) побара негово разрешување од функцијата и избор на нов обвинител.
Партијата на зелените, ДОМ, која е дел од владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштение го презентираше ваквиот предлог, проследен со редослед на потези за излез од политичката криза.
„ДОМ смета дека политичката криза бара итни мерки за да се реши во институциите и да не се направи уште поголема штета за Македонија. За ова е неопходен дијалог меѓу власта и опозицијата и договор за редоследот на потези. Сметаме дека разврската треба да почне со оставка на Јавниот обвинител, враќање на опозицијата во парламентот и избор на нов обвинител, со консензус на сите политички партии во парламентот. Потоа треба да се водат паралелно два транспарентни процеса: судски и парламентарен преку анкетна комисија. Инсистираме да се започне со Јавниот обвинител, зашто тој треба да биде главна фигура во судската разврска, човек со интегритет и стручност, во кој ќе имаат доверба сите политички субјекти и најшироката јавност“, соопшти ДОМ.

Кога ДВ побара од обвинителот коментар за овој предлог, тој немаше информација дека партија од владејачката коалиција побарала негово разрешување. На прашањето може ли да се избере нов обвинител со политички консензус, како што предлага ДОМ, Зврлевски одговори: „Тоа не го коментирам, бидејќи е политичка работа. Јас не гледам причина за недоверба и сомневање во работата на државниот јавен обвинител. Досега со моето професионално постапување во рамките на моите надлежности, јас не сум сторил ништо со што би се нарушила или изгубила довербата во јавното обвинителство“, категорично изјави државниот јавен обвинител.
На потсетувањето за презентираната аудио-снимка, во која според Заев, министерката за внатрешни работи го информира министерот за финансии дека обвинителот Зврлевски и одговорил „задачата што ми ја даде е завршена“, а се однесува на „отфрлање на пријава против Ставрески“, Зврлевски беше дециден: „Ние побаравме и бараме да ни ги достават тие снимки. А јас уште еднаш најодговорно ќе го повторам тоа што веќе го кажав: Од мене никој не побарал да се отфрли некаква кривична пријава, ниту пак јас сум побарал од некој обвинител да го направи тоа. Не сум постапувал по ниту еден предмет каде што пријавено лице бил министерот за финансии. Јавните обвинители што постапуваат по предметите се апсолутно независни во своето постапување и нив ги обврзуваат само количината и основаноста на доказите, основаноста на сомненијата поткрепени со доказите и со законот“.
Нова снимка на Јутјуб
Додека го водевеме телефонскиот разговор со обвинителот Зврлевски, провладините телевизии емитуваа уште една снимка „објавена на Јутјуб“, а во која беше презентиран нов дел од разговорите меѓу Груевски и Заев, снимени во премиерскиот кабинет. Целта на објавувањето на новата снимка е да се покаже дека Заев на Груевски наводно му признал дека ВМРО-ДПМНЕ секако би победила на последните избори, дури и да немало нерегуларности.
На прес-конференцијата на Груевски одржана на 25 февруари, непосредно по објавувањето на четвртата „бомба“ на опозиција, премиерот соопшти дека по барањата за техничка влада и најавите дека Заев поседува некакви компромитирачки материјали, лично тој го пријавил во полиција по што следеле посебни истражни мерки и снимање на разговорите со лидерот на СДСМ во неговиот кабинет, „со опрема за снимање која за таа цел била монтирана, а потоа и демонтирана од неговиот кабинет“.
На прашањето до обвинителот - како е можно уште една снимка која очигледно е дел од доказите обезбедени со посебни истражни мерки (ПИМ) да се најде на Јутјуб, тој најави дека веднаш ќе биде издадена наредба до истражните органи за откривање од каде потекнува снимката и кој ја објавил на видео-сервисот. Но, за потеклото и изворот на претходно објавените снимки рече дека во моментот нема информација дали стигнал повратен одговор од истрагата во обвинителството кое го води случајот.
Обвинителстото претходно веќе предупреди дека ако снимките се дел од ПИМ за предметот „Пуч“, според законот тие не смеат јавно да се објават бидејќи се службена тајна, а секој што ќе ги објави ризикува да биде казнет со затворска казна.

Zoran Zaev
Лидерот на опозиционата СДСМ Зоран Заев најавува нова „бомба“Фотографија: Petr Stojanovski
Mazedonien Skopje Proteste gegen Regierung wegen Abhörskandal
Од протестите поради аферата со прислушкувањеФотографија: DW/K. Blazevska

СДСМ: Ќе дојде време и за нов обвинител!
Опозицискиот СДСМ вчеравечер го потсети премиерот дека со новата снимка прави ново кривично дело.
„Во обид да ја заштити сопствената кожа, Никола Груевски, прави ново кривично дело, со тоа што преку сервисот Јутјуб пушта во јавноста видео-снимки од тет- а- тет разговори во неговиот кабинет, за коишто самиот рече дека се направени со посебни истражни мерки и на негово барање“, реагираше СДСМ. Од оваа партија, која подолго време потенцира дека не очекува праведна правна разврска на предметот„Пуч“ или „Прислушкување“ поради контролата што ја има извршната власт врз судството, дадоа и коментар на предлогот на ДОМ.
„Нов обвинител ќе има, но кога ќе дојде време за тоа. Враќањето во парламентот не е во ниту една агенда на СДСМ. Единствено е важно вистината за Македонија да биде отворена до крај. Прво ДУИ побара меѓународен мониторинг во правната постапка, а сега уште еден коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ со ова барање директно потврдува колку е поклопено судството од страна на извршната власт и колку многу е под негова контрола, што е во согласност со досегашните тврдења на СДСМ и на опозицијата“, велат од СДСМ. Од партијата најавуваат дека јавноста во вторник ќе со соочи со многу поразителна вистина, но ќе ги слушне и конкретните ставови на СДСМ за решавање на кризата.
За присуство при објавувањето на осмата „бомба“ во вторник, во Универзалната сала во Скопје, веќе постои огромен интерес во јавноста. Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, изјави дека и дипломатски претставништва во Македонија побарале да присуствуваат на прес -конференцијата.