Hamburg Moschee Schliessung
9 август 2010На сеништата зад ѕидовите на џамијата им е ставен крај - вака сенаторот за внатрешни работи на градот-покраина Хамбург Кристоф Алхаус ги коментираше настаните околу џамијата Таиба, која до пред неколку години се викаше Ал Кудс. „Во Хамбург не можеме да дозволиме место за контакт за круг на лица кои се залагаат за исламистички поредок, кого би го спровеле и со насилство ако е тоа потребно. Организации кои се насочени на агресивно-борбен начин кон уставниот поредок и кон начелото на разбирање меѓу народите, не можеме да дозволиме овде, во Хамбург“, изјави Алхаус.
Џамијата била центар за радикализација
Денеска, разно изутрината, во 6 часот, властите ја затворија џамијата, полицијата направи претрес на становите на водечки членови и го заплени имотот на здружението „Таиба“.
Џамијата стана позната по тоа што во нејзе се среќавале атентаторите од нападите извршени на 11 септември 2001 година, врз Светскиот трговски центар. Манфред Морг од Службата за заштита на уставот изјави: „Џамијата во годините по нападите беше место на симболика за џихадистите од цела Германија и надвор од нејзините граници. Истовремено, џамијата служеше како центар за радикализација.“
Зошто џамијата е затворена дури сега?
Во џамијата се развила опасна групна динамика, вели Морг. Една група, минатата година, заминала на пакистанско-авганистанската граница, на обука.
Џамијата Таиба веќе неколку години е во визирот на тајните служби. Тоа што дури сега е затворена, е со причина, изјави Лотар Бергман од Централната служба за координација на анти-терористичките активности: „Треба да ги убедите судовите дека она што го планирате е во согласност со уставот, а за тоа е потребно време. За тоа се потребни месеци.“
Џамијата веќе реагираше на забраната. Таму се вели дека ионака постоела намера за напуштање на зградата поради тоа што договорот за изнајмување истекол уште во март. Освен тоа, како што се наведува, здружението банкротирало. Тоа, според Морг, не е ништо ново: „Со оглед на нашето искуство со џамијата, на ваквите најави не треба многу да им се верува.“
Протести против затворањето на џамијата и забраната за здружението, засега нема. Морг најави дека радикалите во градот, кои како што се проценува се околу 44, и натаму ќе бидат под присмотра. Знаци за можни планирани напади, досега нема, нагласи Морг.
Автор: Астрид Корал / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Александра Трајковска