1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затвор поради критикување на руската политика

27 декември 2010

Пресудата против поранешниот руски нафтен магнат Михаил Ходорковски не е никакво изненадување. Од почеток се работеше за политички процес-со далекусежни политички последици.

https://p.dw.com/p/zqHu

Не може да стане збор за слободен и фер, туку за политички процес, кој ги следеше инструкциите кои доаѓаа од горе. Иако не е позната висината на казната, може да се очекува Ходорковски и Лебедев да останат во затвор најмалку до средината на 2012 година, можеби и до 2017 година.

Силно е сомневањето дека движечка сила и зад вториот процес и пресудата против Ходорковски беше рускиот премиер Владимир Путин. Од апсењето на двајцата поранешни нафтени магнати пред повеќе од седум години, широко распространетата теза гласи-Путин сака да го казни Ходорковски заради мешањето во руската политика и критиката кон Путин. Значи, се работи за лично непријателство. Во прилог на ова оди и јавно изреченото барање на Путин пред неколку дена за пресуда против Ходорковски. Очигледно, грешка во чекори, зашто руското раководство од петни жили се труди да одржи привид дека се води независна судска постапка. Рускиот претседател Дмитри Медведев беше поитар, изјавувајќи дека никој, па дури ни тој или било кој висок државен службеник, алудирајќи на Путин, не смее да прејудицира одлука во процес кој е во тек.

Deutsche Welle Russische Redaktion Ingo Mannteufel
Инго МантојфелФотографија: DW

Спорниот процес против Ходорковски и Лебедев е постојано тешка шлаканица за политиката на модернизација на претседателот Медведев и камен на сопнување во партнерството меѓу Русија и Западот. Повеќе од жално е како политичкиот врв во Русија не сака да разбере дека изградбата на правните структури е неминовно за модернизација на земјата. Убавите говори и скапите пропагандни кампањи во странство не помагаат. Со пресудата против Ходорковски во прашање се доведува целиот процес на модернизација на руската држава. Во странство процесот против Ходорковски одамна е симбол за зависноста на руското судство, уште повеќе-лакмус за вистинско партнерство меѓу Москва и Западот. А во земјата очигледно неправичниот однос и политички мотивираните казни во очите на многу Руси од Ходорковски и Лебедев направија херои во борбата протов корумпираниот и самоволен режим.

Автор: Инго Мантојфел

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска