Започна прегласувањето на дел од избирачките места во Македонија
15 јуни 2008Утрината во седум часот во делови на Македонија започна прегласувањето на предвремените парламентарни избори. Процесот се повторува на 187 избирачки места во изборните единици, еден, два и шест. Таму на 1 јуни беа регистрирани неправилности и серија тешки инциденти, во кои едно лице загина, а повеќемина беа повредени и уапсени.
Право на глас во овие избирачки места имаат 161.874 граѓани. Во ДИК сеуште немаат потврда дали утринава во седум часот регуларно се отворени неколку избирачки места во Тетово. Првите официјални информации Комисијата ќе ги соопшти околу 11 часот. Меѓународните претставници во земјата апелираа за мирно, фер и демократско прегласување. Албанскиот премиер Сали Бериша, синоќа побара од албанците во Македонија да гласаат како европски граѓани и да не дозволат поединци да го нарушат процесот.