1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Закана од ескалација и изненадувачки добитници

Матијас фон Хајн/сн20 февруари 2016

Во Сирија би требало да важи примирјето, но борбите за Алеп се претвораат во олучувачка битка на граѓанската војна. Интервенцијата на Турција би можела да предизвика многу поголем пожар.

https://p.dw.com/p/1HyiS
Фотографија: Getty Images/G. Sahin

Сириската драма од почетокот подразбираше преголем број странски актери и различни интереси. Минатата недела, во Минхен е потпишано примирје за Сирија, а на заедничка маса се најдоа дури 17 држави. Но таму не присуствуваа ни сириската влада, ниту опозицијата. Турција се заканува со интервенција против сириските Курди што би значело дополнителна ескалација и интернационализација на конфликтот. И онака руските борбени авиони на небото над Алеп, не правеа преголема разлика помеѓу борци и цивили. На земја не се борат само трупите на Асад, туку авганистански, ирачки и либански шиити, предводени од ирански инструктори. Противници им се бунтовнички групи кои се до различен степен верски радикализирани. Ги поддржуваат САД, Саудиска Арабија, Кувајт и Катар.

Курдите се партнери на многумина

И се’ да биде уште позамрсено, тука се и борците од курдските народноослободителни единици. Нив ги поддржуваат и Американците и Русите, а Асад не ги напаѓа. Со поддршка на руската авијација, тие се обидуваат да ја прошират својата територија долж турската граница. Тоа ја избезуми Анкара, која од минатиот викенд и’ нареди на својата армија да отвори артилериски оган врз курдските позиции во Сирија. Русија реагираше со поостри предупредувања, Советот на безбедност ја предупреди Анкара, а американското Министерство за надворешни работи ги повика Турција и Курдите на воздржаност. Меѓутоа, Турција тоа не ја импресионираше.

Syrien Verkäufer im zerstörten Aleppo
Фотографија: Reuters/A. Ismail

Наместо тоа, Анкара гласно размислува за испраќање копнени трупи, дури и со учество на Саудиска Арабија. Саудиски авиони веќе се распоредени во турската база Инџирлик. Чан Касапоглу, аналитичар кој работи за ЕДАМ (Center for Economics and Foreign Policy Studies), смета дека нема да има копнена офанзива поради преголемиот ризик: „Се’ едно што велат политичарите, воената реалност зборува против почеток на масовна инвазија на Турција и Саудиска Арабија.“

Очајнички чин

Кристијан Бракел, директор на германската фондација „Хајнрих Бел“, во однесувањето на Турција гледа очајнички обиди да одговори на тешкото загрозување на сопствените интереси. Курдските борци во Сирија се вооружено крило на Партијата на демократско единство, која во Сирија ја основаше Работничката партија на Курдистан, а која во Турција се третира како терористичка организација. Курдските борци сега вложуваат напори територијално да ги спојат трите кантони долж турската граница кои се под нивна контрола.

Бракел вели: „Турција не сака Курдите да ги контролираат граничните премини и така да го отсечат патот на снабдување на бунтовниците кои ги поддржува Турција“.

Изгледа дека сириските Курди единствени ќе излезат од хаосот на граѓанската војна како добитници, исто како што нивните ирачки побратими профитираа од падот на Садам Хусеин. Кристијан Бракел смета дека Курдите од почетокот на конфликтот во Сирија многу вешто ги застапуваат своите интереси, па дури склопија и некој вид договор за ненапаѓање со режимот на Асад: „Не учествуваат во востанието против Асад, па режимот колку толку ги остава на мир.“

Syrien Krieg IS Tel Abyad
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Suna

Русија нуди повеќе

Курдите се наметнаа како главна копнена сила во борбата против „Исламска држава“ и тоа им донесе поддршка од Вашингтон. Истовремено, тесно соработуваат со Русија. Напредувањето на курдските копнени сили на северот на Алеп, Русите го поддржуваат од воздух. Изгледа дека Русија и Асад се подготвени повеќе да им излезат пресрет на Курдите отколку САД. Тие поради сојузништвото во НАТО мора да имаат обѕири кон Турција, која и онака нерадо гледа на западната поддршка за сириските Курди. Кристијан Бракел потсетува на фактот дека сириските Курди пред неколку месеци се обидоа да добијат поголема поддршка од Вашингтон и тоа не само во оружје, туку и во јавно застанување на нивна страна: „Тоа тогаш не го добија. Резултатот е дека се завртеа кон Русија“. Конечно, на тој начин се приближија кон својата цел: воспоставување автономија на северот на Сирија.

Гинтер Зајферт од берлинската фондација Наука и политика вели дека Турција не сака да се помири со загубата на влијанието во соседството, па работи на воспоставување зони на забрана на летови во Сирија. И германската канцеларка се изјасни за воведување на такви зони. Зајферт предупредува дека со тоа се зголемува ризикот за конфронтација со Русија, бидејќи Москва во моментов има апсолутен надзор над сирискиот воздушен простор. Слично смета и Чан Касапоглу, кој тврди дека ваквите зони на забрана на летови мораа да бидат воспоставени пред руската интервенција. Затоа не треба да биде изненадување тоа што Москва го отфрли предлогот на Ангела Меркел за воспоставување на такви зони.