1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повик до граѓаните да не излегуваат на изборите на 5-ти јуни

СН/аг9 април 2016

Демократскиот фронт за иднината на Македонија се шири, порача Зоран Заев откако денеска, СДСМ и коалициските партии ја потпишаа Платформата за демократска Македонија за враќање на слободата и демократија.

https://p.dw.com/p/1ISX7
Фотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

„Во името на овие принципи на демократска Македонија ги повикуваме сите граѓанки и граѓани, сите граѓански организации и политички партии да не учествуваат на нелегитимните избори кои авторитарниот режим сака да ги одржи на 5-ти јуни 2016 година. Или Груевски или Македонија“, со овој повик лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија, СДСМ, Зоран Зеав денеска го заврши обраќањето до новинарите по потпишувањето на Платформата за враќање на слободата и демократијата.

На платформата својот потпис покрај Заев го ставија и лидерите на партиите- коалициски партнери на СДСМ. Со потпишаниот документ тие , како што рече Заев се обврзуваат заедно и бескомпромисно да делуваат во одбрана на правдата, вистината, иднината.

Тој најави дека нема отстапување од демократските начела и принципи кои се содржани во платформата, кои се предуслов за нормален живот. Според Заев цело македонско општество се наоѓа во заложништво на криминалната банда на власт и може да биде ослободено само доколку заеднички и цврсто се застане зад демократски начела и принципи наведени во платформата.

Заев како прво го издвои начелото дека Изборите мора да бидат регуларни, фер и демократски! , дополнувајќи: „Во Македонија ќе се одржат регуларни, фер и демократски избори откако ќе се надминат клучните проблеми преку прочистување на избирачкиот список, спроведување на реформа на медиумите и прекинување на притисоците и заплашувањата врз гласачите“ .

Останатите начела кои се опфатени со платформата се: , „Медиумите мора да бидат слободни и објективни!“, „ Борбата против криминалот и корупцијата мора да биде бескомпромисна!“ и „Институциите мора да бидат независни!“

За Платформата за демократска Македонија за враќање на слободата и демократијата застанаа 14 опозициски партии.