1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев очекува поддршка за почеток на преговори од сите во ЕУ

ЖА / агенции
22 јуни 2018

Македонскиот премиер очекува Македонија идната недела да добие датум за почеток на преговори со ЕУ. По поддршката од Холандија, Заев се надева на промена на задршките и од Париз. Од Меркел честитки за договорот со Грција

https://p.dw.com/p/305P3
Mazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Одговарајќи на прашања на новинарите во врска со задршките на Франција за одредување датум за почеток на преговори, македонскиот премиер Зоран Заев денеска изјави дека се надева оти чекорите кои ги презема Македонија ќе ги убедат сите кои сѐуште имаат резерви околу проширувањето на ЕУ. 

„Се надевам дека ниедна од земјите на ЕУ нема да остане рамнодушна на пријателството и европските манири кои ги покажа Македонија, а кои се толку потребни на цел Балкан и Европа. Холандскиот парламент донесе позитивна одлука за нашата земја. Се надевам дека Франција и другите држави, ако имаат резерви, ќе ги надминат, зашто реформите во ЕУ можат да се прават паралелно додека Македонија преговара за членство“, изјави Заев при почетокот на изградбата на патот Ранковце-Крива Паланка.

Повеќе: 

Германската влада препорача отворање ЕУ- преговори со Македонија

Грција здивна, Македонија пред рампата на Франција

Пристапните преговори, како што изјави тој, траат со години, а Македонија, унапредувајќи се како држава, може да помогне и во унапредувањето на Европа преку преговарачкиот процес.

„Се надевам дека ќе омекне и срцето на францускиот претседател Макрон. Ги разбирам внатрешните дебати кои се отвораат во Франција, но Франција е наш голем пријател“, истакна Зев.

Денеска германската канцеларка Ангела Меркел упати честитки до македонскиот премиер Зоран Заев по повод договорот за македонско-грчкиот спор за името.

Меркел во официјалната честитка изразува задоволство за постигнатиот договор.

„Оваа спогодба го отвора патот за историски договор и Вам и на Вашата влада срдечно Ви честитам за овој успех. Сојузна Република Германија со голем интерес ќе го следи спроведувањето на договорот и силно ќе го поддржи“, се истакнува во писмото со честитки од канцеларката Меркел до премиерот Заев, какво што е упатено и до грчкиот премиер Алексис Ципрас.