1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Задоцнетата борба против Исламска држава

Јулија Хан/Ж.А.24 ноември 2015

По терористичката серија во Париз и во Турција е зголемен степенот на безбедносна подготвеност. Земјата одамна е транзитна зона за џихадистите, но и нивна цел на напади. Дали турската влада ја потцени Исламска држава?

https://p.dw.com/p/1HB5T
Фотографија: picture-alliance/AA/T. Bekar

Апсења во Анталија, рации во Истанбул, антитерористички акции во Урфа, Бингол и Газиантеп - во последно време не минува ниту ден без турските власти да соопштат уште еден успех во борбата против терористичката милиција Исламска држава. Од пролетта 2014 година досега е спречен влез во земјата или од неа се протерани над 3.000 осомничени за терор, соопштува Министерството за надворешни работи. Само оваа година се уапсени повеќе од 1.000 осомничени членови на ИД, запленети се неколку илјади килограми хемикалии за производство на бомби, рачни гранати и огнено оружје.

Транзитна земја за терористите

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган неодамна, на самитот на Г20 во Анталија, уште еднаш ја повтори определбата на Турција да помогне во одлучна борба против Исламска држава: „Стигнавме до точка на која во борбата против тероризмот веќе не се доволни само зборови“, рече Ердоган. Значајна изјава, посебно по нападите во Париз, велат аналитичарите, но таа доаѓа прилично задоцнето.

„ИД го искористи времето и во Турција веќе изгради функционална мрежа“, вели поранешниот турски дипломат и аналитичар Синан Улген од истанбулскиот Тинк тенк ЕДАМ. „И тоа не само во југозападниот дел, туку и во западните метрополи Истанбул и Анкара“. ИД е во состојба да шверцува приврзеници во и од Турција, предупредува експертот. Бројот на странски борци во редовите на ИД во Сирија моментно се проценува на околу 20.000, од кои околу 1.000 се турски државјани.

Türkei Festnahme Verdächtiger Anschläge Paris Ahmet Dahmani
Во Турција уапсен еден осомничен атентатор за нападите во ПаризФотографија: picture-alliance/dpa/Ihlas News Agency

Слеп на едно око?

Критичарите постојано му префрлуваа на претседателот Ердоган за седење со скрстени раце во поглед на ИД, па дури и за нејзина поткрепа. „Највисоко на приоритетите на турската влада перманентно беше промена на режимот во Сирија. Затоа, таа долго време на ИД, која настапуваше како противник на сирискиот претседател Башар ал-Асад, гледаше како на некој вид корисен непријател“, вели Синан Улген.

Сириско-турската граница е долга околу 900 километри. И партнерите од НАТО од Анкара постојано бараа вршење построги контроли заради спречување премин на борци и пренос на оружје во соседната земја во која се води граѓанска војна. „Немаме никакви цврсти докази за директна турска поддршка на ИД, но лабавата гранична политика со сигурност помогна во јакнењето на исламистите“, вели Аарон Штајн, кој во Турција и во Центарот за безбедносна политика во Женева врши истражувања околу сириската војна и ИД.

Кон тоа се надоврзува и недовербата која Ердоган во основа ја има кон курдските борци. Конфликтот меѓу турската армија и забранетата курдска организација ПКК со децении остава печат врз Турција. Така, се дојде до ситуација во која мнозинството западни сојузници ги поддржуваат Курдите како единствена посериозна воена противтежа на ИД, додека турската воена авијација, по наредба на претседателот Ердоган, врши воздушни напади врз позициите на ПКК во северен Ирак. „Турските власти порадо протежираат борба против приврзениците на ПКК отколку против припадниците на ИД“, вели Аарон Штајн. Според негово мислење, Анкара ја потцени опасноста од џихадистите.

Страв од натамошни напади

Турција одамна од транзитна земја стана - цел на напади за терористите. Повеќе од 100 луѓе загинаа во Анкара на 10 октомври кога двајца атентатори самоубијци се разнесоа во воздух на мировна демонстрација на прокурдската опозициона партија ХДП. Владата ја обвини ИД, исто како и за нападите во Дијарбекир и Суруч летоска.

Recep Tayyip Erdogan / Türkei
Ердоган предолго ја толерираше ИД, велат критичаритеФотографија: picture-alliance/dpa

Оттогаш турската армија учествува во воздушните напади, предводени од САД, врз позициите на ИД во Сирија, а министерот за надворешни работи Феридун Синирлиоглу планира натамошно засилување на воените акции во граничниот регион, во тесна координација со Американците. „Нема веќе да ја толерираме ИД на нашите граници“, изјави тој пред неколку дена. Калкулацијата е следна: доколку џихадистите бидат целосно протерани од регионот, ќе се распадне и нивната прекугранична мрежа. „Турската влада направи пресврт, сега постојат јасни напори за елиминирање на припадниците на ИД во земјата и за подобра контрола на границата.“ Но, безбедносниот аналитичар Синан Улген сепак останува скептичен. „Би било наивно да се верува дека сега Турција ќе ги спречи сите актувности на ИД.“ За таа цел во иднина треба да се подобри соработката меѓу турските и европските тајни служби. Колкав простор тука останува, покажуваат искуствата од Париз: турската тајна служба МИТ двапати ја предупредила Франција во однос на едниот од атентаторите од Париз, последно во јуни 2015 година.