1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Merkel US-Kongress

4 ноември 2009

Канцеларката Ангела Меркел ги најде вистинските зборови за пратениците на обата дома на американскиот Конгрес.

https://p.dw.com/p/KOKz
Фотографија: AP

Тоа беше еден од најважните говори во кариерата на канцеларката Ангела Меркел. Пред собраните конгресмени и сенатори во големата сала на Капитол хил таа настапи државнички, но внесе исто така и лични елементи. Меркел сведочеше за нејзиниот живот во поранешната Германска Демократска Република, за ограничените можности, што и’ ги нудела таа тоталитарна држава. Сегашната канцеларка зборуваше и за нејзиното доживување на паѓањето на Берлинскиот ѕид пред 20 години и за шансите што на нејзините сограѓани од Источна Германија, но и нејзе лично и’ се отвориле со паѓањето на „железната завеса“ што ги делеше Источниот и Западниот блок. Ваквите лични елементи му дадоа на нејзиниот говор голема автентичност и веродостојност.

Долготрајни аплаузи

Пратениците на американскиот Конгрес и на Сенатот ја слушаа гостинката од Берлин со целосно внимание и посветеност и стануваа повеќе од десетина пати за да ја поздрават со долготраен аплауз. Она што предизвика посебно големо одушевување и поддршка на американските парламентарци беа деловите, во кои Ангела Меркел зборуваше за заедничките вредности што ги поврзуваат Европејците и Американците. На пример, колку е важна борбата за слобода на граѓаните и колку е и ден денес важен ангажманот и заложбата за неа во целиот свет. Истото важи и за Авганистан! Шефицата на германската влада очигледно ги исполни очекувањата на американските конгресмени кога упати јасна порака дека Германија останува и понатаму јасно определена за продолжување на мисијата на НАТО во Авганистан и со тоа покажа дека нејзината земја е доверлив партнер на САД и во тешки времиња.

Merkel vor dem Kongress in Washington
Фотографија: AP

Поддршка за Израел

Покрај тоа канцеларката Меркел најде јасни зборови, како никогаш до сега, и за уште една многу важна тема за американската политика. Таа порача дека Германија се чувствува обврзана кон заштитата на правото на постоење на израелската држава, нагласувајќи ја солидарноста на нејзината земја со еврејскиот народ. Тоа произлегува и од германската историја, особено од страшното време на националсоцијализмот. Од друга страна Меркел посочи дека нема да прифати Иран да поседува атомско оружје, затоа што директно и’ се заканува на безбедноста на Израел.

Голема благодарност

60 Jahre Bundesrepublik Mauerfall
Благодарност 20 години по паѓањето на Берлинскиот ѕидФотографија: picture-alliance/ dpa

На крајот шефицата на германската влада не заборави и да им се заблагодари на САД. Без солидарноста на Американците немаше така мирно да мине повторното обединување на Германија, што почна со паѓањето на Берлинскиот ѕид пред 20 години. Меркел вешто ги цитираше изјавите на повеќе американски претседатели, се’ до Џон Кенеди, кои со децении се залагаа за повторното обединување на Германија.

Се’ на се’, говорот на Ангела Меркел пред пратениците на двата дома на американскиот Конгрес беше голем успех. Таа успеа да ги најде вистинските зборови и вистинскиот тон и добро ја претстави Германија.

Автор: Миодраг Сориќ / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска