1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрзано е само присилното враќање на барателите на азил

Сабрина Пабст
24 октомври 2016

Билансот една година по донесувањето на новите закони за азил: побрзи протерувања и социјална излолација, смета Себастијан Лудвиг од Црковната добродетелна организација.

https://p.dw.com/p/2RbaC
Deutschland Asylbewerber in Gießen
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Дојче веле: Пред една година германската влада по брза постапка го донесе Законот за забрзување на постапката за азил. Постапките за утврдување на правото на азил, во зависност од земјата на потекло на апликантот, требаше да бидат скратени дури и на една недела. Какви се досегашните ефекти од Законот?

Себастијан Лудвиг: Во септември 2015. година Меркел ја даде познатата изјава: „Ќе успееме“. По нејзиното неодамнешно инсистирање за национален напор во присилното враќање на одбиените баратели на азил, се прашувам: што мислеше со тоа? Сите мислеа дека пораката беше -  ќе успееме да ги прифатиме бегалците. Ако го погледнеме резултатот, мора да констатираме, нејзините зборови имале друго значење. Поточно - ќе успееме да не доаѓаат веќе бегалци, а оние кои се одбиени, брзо да ги изнесеме од земјава.

Законот за забрзување на постапката за азил не содржи одредби за фактичко забрзување на постапката за утврдување на правото на азил, туку одредби за забрзување на постапката за присилно враќање. Бројот на вработени во Сојузната служба за миграција и бегалци, БАМФ, порасна од 3.000 на 10.000. За секоја организација тоа претставува екстремен предизвик. Вработените вршат исклучително тешка работа. Но, во изјавата на шефот на БАМФ, дека неговата цел е оваа година да бидат завршени еден милион постапки за азил, во прашање е само квантитет, а не и квалитет. 

Како може БАМФ, при толкавиот број барања за азил, да врши и внимателна проверка?

Долго време постапката за азил се водеше додека луѓето беа сместени во прифатните центри. Со напливот на бегалци во Германија, кај БАМФ се трупаа барањата за азил. Така, бројни луѓе ги напуштаа прифатните центри, без воопшто да успеат да поднесат барање за азил. Последицата беше - БАМФ веќе не знаеше кому да достави покана за поднесување апликација. Се случуваше исто така поканите за доставување барање за азил и за распит да бидат доставени по истекот на терминот кој стои во поканата. Големо значење во постапката за азил игра распитот, кога бегалците треба да објаснат зошто побегнале и зошто им е потребна заштита. Но, кога овие сослушувања се вршат под временски притисок, многумина не се впуштаат во детали, туку само изјавуваат дека се плашат дека ќе бидат убиени. Така настануваат и противречности. А при постоење противречности, барањата за азил се одбиваат. Стандардна постапка е бегалецот да добие можност да ја расчисти противречноста во својата изјава. Но, до тоа веќе воопшто не доаѓа.  

Diakonie Deutschland - Sebastian Ludwig, Flüchtlings- und Asylpolitik
Себастијан ЛудвигФотографија: Bundesverband der Diakonie Deutschland/Foto: Hermann Bredehorst

Може ли на луѓето, под ваков притисок, да им се обезбеди разумно објаснување на постапката?

Постојат места за регистрација, каде се поднесува барањето за азил, кратко потоа се врши распит и неколку часа потоа е готов и резултатот. Речиси е невозможно, во оваа фаза на постапката да се врши советување на бегалците, да им се објасни дека распитот не е класично полициско сослушување, туку можност детално да објаснат зошто бараат заштита во Германија. Брзата постапка во овие регистрирачки пунктови е замислена за едноставни случаи, односно за оние кои можат брзо да бидат одбиени или прифатени. На пример, тоа е случај кај луѓето од сигурни земји на потекло или оние кои така се дефинираат. Во нив на пример се вбројуваат Босна, Албанија и Косово. Но, остануваат т.н. комплексни случаи. 

Дали ова класифицирање според националснот не е исклучително проблематично?

Тоа е предвидено со цел брзо да се обработат што е можно повеќе барања за азил. Бидејќи имаше еден милион апликации, БАМФ ги обработуваше оние кај кои не беше потребно многу време. Но, така бегалците на кои им е потребна заштита, мораа долго да чекаат на признавање на статусот на азил. Кај нас важат рокови до две години до конечната одлука.

Класифицирањето на луѓето врз основа на нивната националност не е проблем, без оглед на исходот на постапката за азил. Луѓето со добра перспектива за престој имаат пристап до пазарот на труд или право на курсеви за интеграција. На пример, еден Сириец може да посетува курс за интеграција уште за време на постапката за утврдување на правото на азил, но еден Авганистанец не може. Тоа доведува исто така до проблеми во прифатните центри за бегалците. Луѓето од сигурни земји на потекло таму мора да живеат до завршувањето на постапката за азил или до заминувањето назад во татковината. Тоа води кон тотална изолација. Да се компензира преку засилена интеграција првичната изолација е многу потешко и поскапо. Дури и ако некој барател на азил мора да се врати во татковината, посетувањето училиште или професионална обука може да му користи. Тоа е исто така еден вид развојна помош.

Себастијан Лудвиг е референт за бегалски прашања во Сојузното здружение на Црковната добродетелска организација во Германија.