1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ги спасува бегалците и себеси

Бернд Ригерт Превод: СН26 октомври 2015

Со комплетниот неуспех во бегалската криза пред очи, лидерите на државите на и околу балканската рута во Брисел се согласија за итни мерки. Тоа сега мора да успее, во спротивно ЕУ е во опаснот, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1Gu9Q
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Само под огромен притисок, под закани и меѓусебни навреди, шефовите на држави или на влади од земјите на балканската рута, успеаја да се согласат за каталог од итни мерки. Но сепак: барем се договорија. Планот, за средување на срамниот хаос на бегалската рута, со притисок го издејствува претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер. Тој со сигурност е херојот на вечерта.

Дебати со часови

Најнапред, лидерите на балканските држави зајдоа во меѓусебно припишување на вината, додека по повеќе часовни дебати сериозната состојба не ги принуди на непосакувано попуштање. Не требаше само да се поправи катастрофалната состојба со снабдувањето на десетиците илјади луѓе во бегство, туку и единството на Европската унија беше загрозено. Ако ветените мерки од планот на Јункер сега не бидат спроведени во најкратко време, веродостојноста на владите и на ЕУ ќе биде загубена.

Веќе повеќепати на итни самити во изминатите недели беа донесувани заклучоци, кои потоа пропаѓаа во праксата. Актуелниот кризен план е последната шанса, да се стави под контрола сканалозната ситуација на балканската рута. Доколку навистина настанат 100 места за привремено сместување и регистрирање на бегалците и барателите на азил, тоа ќе биде пробив. Едноставното пропуштање на бегалците и префрлање на вината на наредната земја , во иднина треба да биде невозможно.

Клучната улога на Грција

Клучна земја е Грција, која се наоѓа на почетокот на бегалската рута и досега презема малку за да ги исполни своите обврски.

Но сега повеќе не важи семнтименталното извинување дека за тоа се виновни економската криза и Турција. Премиерот Алексис Ципрас мора да испорача резултати. Превентивно ЕУ му укажа дека конечно целосно е зависен од финансиските ветувања на Европејците. Целосно невозможна е Унгарија. Премиерот Виктор Орбан оправдано беше цел на бројни критики за неговиот циничен став дека е само набљудувач на очајната состојба, зашто неговата земја имено повеќе не се наоѓа на рутата. И нему недвосмислено му беше укажано дека неговата земја е една од главните приматели на пари од ЕУ.

Deutsche Welle Bernd Riegert

Некаде мора да постои морална граница. Изолирањето, затскривањето, оградувањето- тоа не се европски рецепти. Вонредната средба во Брисел уште еднаш јасно го укажа тоа. Колку долго меѓутоа ќе држи оваа провизорно нова солидарност?

Проблемот на надворешните граници

Бегалската криза нема да биде решена со самитот за балканската рута, напливот на бегалци нема да биде намален, туку да се надеваме ќе биде похумано менаџиран. Пропуштањето на бегалците од Грција до Германија, да се надеваме ќе продолжи палку поорганизарано. И токму тука лежи најголемиот проблем за германската канцеларка Ангела Меркел. И натаму илјадници бегалци секојдневно ќе пристигнуваат во Германија. Додека надворешните граници на ЕУ повторно да бидат заштитени и бегалците и барателите на азил да бидат регистрирани , згрижени ама и враќани назад веќе во Грција или Италија, ќе минат недели, а можеби и месеци. Додека Турција не се придружи во решавањето на бегалската криза, исто така би можеле да минат месеци. Ќе издржи ли Германија, ќе издржи ли Меркел толку долго?

Зашто целиот балкански бегалски синџир ќе функционира онолку долго, колку што Германија и останатите држави на крајот на ланецот ќе ги прифаќаат бегалците. Доколку Германија или Австрија ги затворат границите, дури тогаш на Балканот ќе избие вистински хаос. Затоа некои држави на канцеларката неприкриено и се заканија дека тие во таков случај исто така ќе ги затворат границите. Тие сметаат дека Меркел е лично одговорна за нараснувањето на приливот на бегалци. Крајот на ЕУ, каква што ја знаеме, тогаш би бил неизбежен. Заклучоците од минатат ноќ помагаат за краткотрајно олеснување, ако сѐ се одвива добро. Затоа мора ѝ натаму да се работи под висок притисок на долгорочно решение за доброто на бегалците ама и за доброто на Европа.