1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асад мора да отстапи

Лоај Мадхун/ превод:СН27 февруари 2016

Силното руско бомбардирање на сите противници на Асад повторно го стабилизираше Асадовиот режим. Но, на почетокот на примирјето во Сирија ни Москва не сака Асад повторно да ја преземе целата власт, смета Лоај Мадхун.

https://p.dw.com/p/1I2yy
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Примирјето во Сирија кое на 12. февруари во Минхен го договорија американскиот министер за надворешни работи Џон Кери и неговиот руски колега Сергеј Лавров разбуди надеж. Но, примирјето од почеток нема шанси, бидејќи едноставно за Русија дојде во неповолен момент. Во меѓувреме, Русија во Сирија ја промени ситуацијата на терен. Руската интервенција го спаси од пропаст режимот на Асад. Да се потсетиме, сириската армија пред неколку месеци не беше во состојба да ги одбрани ни клучните територии на режимот околу Дамаск или околу силното алавитско упориште Латакија.

Силното руско бомбардирање на сите противници на Асад, без оглед на бројот на цивилните жртви, со помош на борците на Хезболах и разни шиитски џихадистички групи од Ирак, Авганистан и Пакистан на копното дури повторно го стабилизираше Асадовиот режим.

Русија може да го спаси Асад, но дали тоа го сака?

Во меѓувреме руското воено присуство во Сирија е толкаво, што би можело да му помогне на Асад да победи. Изгледа дека Путин не сака да оди толку далеку. Тогаш сѐ би изгледало како колонизација на Сирија која би ја спровела руско-шиитска алијанса. Тоа би можело да ја вовлече Русија во брутална и скапа војна против сунитското мнозинство во Сирија.

Mudhoon Loay Kommentarbild App für Arabisch
Лоај Мадхун

Секако, многумина се сомневаат во тоа дека примирјето кое почна денеска (27.2.) навистина ќе заживее, главно бидејќи темелот му е нестабилен. Американската отстапка за Русија, да може за време на примирјето да ги бомбардира припадниците на Ал-Нусра фронтот, го загрози целото примирје. Оваа гранка на Ал Каеда е активна на северот на Сирија и во дел соработува со умерените противници на Асадовиот режим.

Сепак, уште поважно за опстанокот на примирјето е способноста на Вашингтон и Москва да ги убедат своите сојузници на придржување до договореното. Путин мора да го стави под контрола и заслабениот Асад и шиитските џихадистички милиции, кои во Сирија ги испрати иранскиот режим.

Разнишана довербата во САД

Истовремено, САД мораат да влијаат на своите сојузници - Турција и Саудиска Арабија, за да не биде загрозен почетокот на политичкиот процес. На крајот, Ријад и Анкара мораат да ги убедат опозициските групи во Сирија, а меѓу нив и исламистичките групи, да го прифатат примирјето.

Меѓутоа, нарушена е довербата на сунитите во администрацијата на Обама поради атомскиот договор со Иран и пасивноста во сирискиот конфликт. Ријад, како и останатите арапски престолнини од регионот на Персискиот залив, веќе со месеци сметаат дека Обама и Кери ги оставиле на цедило досегашните сојузници. Тие веќе ги чекаат резултатите од претседателските избори во САД. Тоа се причините за нервозната реакција на Саудиска Арабија за развојот на случувањата во Јемен, Ирак и Сирија.

Арапските сунити никогаш нема да се согласат на повторно воспоставување на Асадовата власт. И поради тоа Асад би морал да ѝ отстапи место на преодна влада. Инаку, бруталната војна во Сирија ќе потрае.