1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За индивидуата и за групата

Синоличка Трпкова
25 мај 2018

Во новото безмилосно пазарно општество ретко кој успева да се сочува себеси од „продажба”. Станавме колективна општествена тезга каде интегритетот, слободата и индивидуалноста си имаат етикети со цена.

https://p.dw.com/p/2yJI0
Sinolicka Trpkova
Фотографија: Privat

Бедата на духот и морална дотолченост на човекот на овие простори настана заради уништувањето на неговата критичка мисла - најчесто од оние коишто беа платени да го поттикнат и прават спротивното. Нашето општество предолго се мачи да мине од еден систем, во којшто знаевме се', во друг, за којшто не знаевме ништо. Но во „новото” време влеговме со старите правила. Еднопартиското уредување стана повеќепартиско, но партиската книшка остана главен услов за напредок, вработување, функција. Во тој премин се создадоа невладини организации како инструменти на граѓанското општество – и како будни коректори и критичари на владините институции и органи. Едните - плаќани и помагани од разни фондови, а другите - од наши пари. И едните и дугите со цел да нѐ одведат до помирно море. Но во новото бесмилосно пазарно општество ретко кој успева да се сочува себе си од „продажба”. Станавме колективна општествена тезга каде интегритетот, слободата и индивидуалноста си имаат етикети со цена.

„Пазарен активизам“

Можев да бидам дел и од едните и од другите. Но ниту една од тие опции не ме интересираше. Пред сѐ, затоа што моето интимно разбирање за општественото делување е исклучиво врзано за слободата на личната мисла, збор и избор, зад коишто стојам сама јас и никој друг. Јас сум професор и актер, индивидуа. Никогаш не сум се сметала за некаков „активист”. Тоа го велат другите за мене. Не сум била член на ниедна партија, ниту владина, ниту невладина. Јас мислам со своја глава и делувам по сопствена иницијатива. И сметам дека активизмот не смее да биде „пазарна услуга” на регистрирана организација, ниту пак да се темели на пополнета „апликација” за активност.  Од што произлегува дека ако нема пари (или финансиска поткрепа) за таков „активизам”, нема ни „активистичка музика”.

Deutschland NRW will Neuwarenverkauf auf Trödelmärkten regulieren
Фотографија: picture alliance/dpa/H. Ossinger

Други колумни од авторката:

-Реалнa бабa како лек за виртуелна лага

-За влегувањето на пролетта во еден болнички ходник

-Во неправичен свет, со право на избор

Сведена на пишување анализи, трудови, статии, организирање протести или дебати, понекогаш далечни и неразбирливи за оној за кого се наменети, а без некој видлив ефект врз неговиот живот. Која е всушност целта и вредноста на овој (квази)ангажман, често сведен на декларативно протежирање и бранење на нечии родови/човекови/работнички/малцински/други права!? Зошто сета оваа „ангажираност" што се стреми да ги смени работите во нашето живеење, најчесто останува само настан? Затоа што без вистинска индивидуална инволвираност и делување, а само со „пазарен активизам” -  нема суштинска промена на свеста.

„Тезгарење“

Моето учество во протести и активности на социјалните мрежи сум ги сметала како личен придонес за излегување од мрачниот и тежок период на криминално украдената држава, а со цел да ја поттикнам и негувам слободната свест и совест. Но сепак поразувачка е општествената полуписменост и недостаток на критичка свест за кои секојдневно сведочиме, после толкав ангажман и по толку истурени пари и од невладинитие и од владините фондови. Дали некои од дебатите, трудовите, статииите и писанијата со цел да стигнеме во посветло утре, навистина нѐ приближија до него? И како да го измериме  ефектот на овој „пазарен активизам” (ефектот од владините политики е повеќе видлив и мерлив). Активизмот го разбирам како долго, трпеливо, посветено и директно помагање, но и создавање свест дека „новиот” поредок носи „нови” вредности. За да се создаде и свест дека имаме и должности, што одат заедно со правата што ни следуваат! Активизмот не смее да биде проект на невладина организација - туку живот! 

Griechenland Flohmarkt in Thessaloniki
Фотографија: DW/F. Schmitz

Тезгарењето и тендерите имаат долга историја во „развојот” на нашето општество. Тезгите на црниот пазар беа брз и итар начин за заработка и во социјализмот. Тие првин се јавија како никулци, што не можеа да го загрозат основниот вредносен ситем во општеството. Од тезгите на дивите пазари, преку шверцуваните маички и фармерки - до телевизиските и сценските тезги за замајување на народот со шунд и ефтини керефеки, сѐ до тезгите на продавачите на ситен патриотизам и национализам, и тезгите за „активизам”. Во транзицијата, скоро преку ноќ, таа „микрокултура” од претходното време, прерасна во наша реалност. Тезгичките за „шиткање левис” прераснаа во “организирани бизниси” за трговија со цигари, нафта, оружје, луѓе, дрога и војна, за брзо и матно стекнување на капитал. Денес тие имаат модерно име – тендери! Денес „приватните” фирми ги добиваат бизнисите од државата, за да ѝ „услужат”. Во транзицицискиот хаос државата ја презедоа изверзирани трговци - криминалци, но се појавија и невладините како будни борци за правда и коректори на власта. Добар дел од нив, за жал, ја заборавија својата првична задача. Некои влегоа во власта, а некои се претопија во клиенти, гладни за тендери.

„Слобода на избор“

Во ваква полудржавна атмосфера, затскриена со закони и прописи, ако делуваш независно како бизнисмен или професионалец-индивидуалец, без владина или невладина „фондација” - ризикуваш да бидеш елиминиран. Но тоа е личен избор за којшто се сноси и лична одговорност. Ако веруваш дека можеш независно да работиш и живееш и да бидеш поттик и пример за останатите, ти всушност ја загрозуваш и владината, партиската и невладината комоција. Ги загрозуваш всушност „движечките” сили во општеството, стануваш трн во око, што им пречи на групираните страни. И на глобално ниво, „групирањето” станува начин за опстанок. Не верувам во конспирации, но не ја исклучувам моќта на групата, која и да е, да спроведува идеолошки и политички агенди, за да не' "заштити” од моќта на индивидуалната слобода и мисла.

Сѐ уште не знам дали кај нас, на овие простори човек може да се потпре на „слобода на избор” во кој било сегмент од живеењето. Зашто изборот не може да биде слободен ако е директно условен од борбата за опстанок, и ако индивидуата е  заробена од партиски, владини или невладини институции и организации. Групата изгледа ја изгуби вербата во индивидуата. И по правило, секогаш страда само индивидуата, никогаш групата. Иако многу често групата ниту можела да постои, ниту да функционира без индивидуата. Којзнае дали владините, невладините, партиите и сите други  општествени „групи” ќе најдат простор и сила за  разбирање и прифаќање на ова проста вистина. Или ќе продолжат да ги „етикетираат” оние што ќе се сочуваат себеси. Та нели човек не само што има право на личен став и мисла, туку има и неприкосновена слобода на израз во едно слободно општество!