1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

191011 EFSF Rettungsschirm Hebel

19 октомври 2011

Меѓу мерките во големиот пакет за спас на еврото што треба да се донесе на претстојниот самит на ЕУ, спаѓа и значителното зголемување на гаранциите од фондот ЕФСФ. Од сегашните 440 милијарди, треба да станат два билиони.

https://p.dw.com/p/12v8N
Какви предлози ќе донесе на самитот на ЕУ? Германскиот министер за финансии, Волфганг ШојблеФотографија: dapd

Очекувањата на финансиските пазари, но и на граѓаните од претстојниот самит на ЕУ за спас на еврото се огромни. Кризата е толку продлабочена, што сега сите се надеваат дека најавениот пакет мерки на Германија и Франција навистина ќе донесе нешто ново. Дотолку повеќе што рејтинг агенциите денеска го намалија рејтингот на Шпанија за два степена, а што е уште пострашно се закануваат со намалување и на инаку одличниот рејтинг на Франција. Таа, пак, како втора по големина национална економија во евро-зоната игра клучна улога и во фондот за спас на еврото ЕФСФ. Доколку кредитната способност на Франција биде намалена, тогаш може целиот евро-простор да се најде во уште потурбуленти води.

Ситуацијата не смее да стигне до таму, предупредуваат експертите и препорачуваат да се зголеми моќта на ЕФСФ. Според некои најави, таа треба да порасне дури до два билиони, односно 2.000 милијарди евра. Веќе самите најави за такво мултиплицирање на средствата од фондот со помош на осигурувања за државните обврзници на земјите од евро-зоната, предизвикаа пораст на курсевите на европските акции.

Angela Merkel und Nicolas Sarkozy in Berlin
Очите се свртени посебно кон „моторот на ЕУ“, Германија и Франција. Канцеларката Меркел и претседателот на Франција СаркозиФотографија: dapd

Скепса меѓу експертите

Но, експертите сметаат дека во суштина таквите зголемувања на моќта на фондот не можат да ги решат принципиелните проблеми, што се во коренот на должничката криза. „Фондот за спас не е банка и ако вложиме се’ на таа карта, тогаш нема ништо да постигнеме. Клучниот проблем се состои во тоа, што во евро-зоната има земји кои не можат да се спасат“, категоричен е експертот за берзите Роберт Халвер од „Баадер-банк“. Тој додава дека меѓу таквите земји во секој случај спаѓаат Грција и Португалија. „Грците и Португалците всушност немаат што да бараат во евро-зоната, бидејќи нема да успеат да застанат на свои нозе дури ни за наредните 100 години!“

Според него во таа насока нема да помогне ни мултиплицирањето на средствата од фондот за спас: „И мултиплицираниот фонд за спас е само добивање време, ништо друго. Изворниот проблем е стопанската мизерија на Грција и Португалија, која не може да се надмине со милијарди помош!“

Bundestag Debatte Euro-Rettungsschirm Schuldenkrise Krise
Да се вклучат и парламентите: салата на Бундестагот за време на дебатата за ЕФСФФотографија: picture alliance/dpa

Вклучување на парламентите

Сличен песимизам доаѓа и од главниот економ на Комерц-банката, Јерг Кремер. Тој бара вклучување на парламентите кога станува збор за мултиплицирањето на средствата од фондот за спас. „Државите треба отворено да се постават кон таквото финансирање и треба да ги прашаат парламентите. Бидејќи на крајот сепак станува збор за зголемување на товарот на државата, а тоа значи и на даночните обврзници!“

Кремер исто така оценува дека 440-те милијарди евра од фондот за спас веќе сега не се доволни за долготрајно надминување на кризата. Ќе треба реално зголемување на средствата, тоа е само прашање на време, смета Кремер. Тој очекува дека должничката криза натаму ќе се заострува, а не дека ќе се смирува.

Автор: Петер Кохански / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска