Жестоки судири во Каиро
20 ноември 2011Во главниот град на Египет, Каиро, продолжуваат жестоките судири меѓу демонстрантите и полицијата. Во близина на министерството за надворешни работи, со солзавец и гумени куршуми полицијата се обидува да спречи демонстрантите, кои протестираат против Воениот овет, да постават барикади.
Истовремено стотици демонстранти го запоседнаа плоштадот Тахрир во центарот на Каиро. Таму претходно десетици илјади протестираа поради големата моќ што се’уште ја има војската. Една недела пред првите парламентарни избори по падот на Хосни Мубарак полицијата ги растури овие протести и ги протера демонстрантите со солзавец и гумени куршуми. Во жестоктие судири најмалку едно лице било убиено, а 700 биле повредени. Исто така, при демонстрациите во Александрија бил убиен еден човек.
Демонстрантите, инаку, бараат брзо предавање на власта од страна на војската на цивилна влада. Протестот исто така е насочен и против одредбата во предлог уставот, силите за безбедност и во иднина да не подлежат на парламентарна контрола.
Од 28 ноември во Египет во три фази ќе се бира нов парламент, по што земјата треба да добие нов устав.
Автор: АТ/ афп/ ртр/ дпа/ дапд
Редактор: Е.М.Фиданоска