1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Жени за Доналд Трамп“

Инес Пол/сн15 август 2016

За Елис Батлер-Шорт, единствен човек кој може да ги спаси САД од брза пропаст е- Доналд Трамп. Со своето здружение „Жени на Вирџинија за Доналд Трамп“ таa собира гласови за републиканскиот кандидат за претседател на САД.

https://p.dw.com/p/1JiXh
Фотографија: DW/I. Pohl

Елис Батлер-Шорт пред околу една година основаше женско здружение. Но таа нема никаква врска со феминизмот: „Многу жени, кои се нарекуваат себеси феминистки за мене се премалку женствени. Сакам мажи кои носат тешки работи и кои знаат да сменат светилка“, вели Елис.

Нејзиното здружение се нарекува „Жени на Вирџинија за Доналд Трамп“. Елис се гледа себеси како дел од движењето кое треба да ги спаси САД од пропаст. И тоа така што на Трамп ќе му помогне да влезе во Белата Куќа. Вирџинија е една од ретките сојузни држави која е особено важна за исходот на претседателските избори во САД.

Остварување на „американскиот сон“

Елис има нежна градба и од глава до петици носи внимателно одбрана облека. Нејзината животна приказна звучи како остварување на класичниот „американски сон“. Родена е пред 73 години во сиромашно семејство во Ирска. татко ѝ бил чевлар, а мајка ѝ обична работничка. Елис сонувала да биде славна и да го освои светот.

Со 18 години заминува во Лондон. Таму се запознава со својот прв сопруг, Кинез со кого потоа 13 години живеела во Хонгконг. Оттаму поради политички причини се преселуваат во Канада. Елис станува вдовица и потоа го запознава својот сегашен сопруг. Со него се преселува во САД. Тој како повисок офицер во американската војска најнапред бил испратен во Сомалија, а потоа во Сингапур. Елис и децата го следеле насекаде. таа денес повторно живее во САД, има седум внучиња и американско државјанство, што значи дека смее да гласа на изборите и да учествува во предизборната кампања.

US Wahlen Frauen für Trump
Фотографија: DW/I. Pohl

„ Јас, пред сѐ во Африка сфатив колку САД се убава земја. Колку се важни личните слободи и бројните можности кои ги пружаат САД. Но таа слобода е загрозена“, смета Елис.

Америка повторно на прво место

Нејзиниот речник е полн со воени фрази. Таа говори за војна и борба, за пораз. Верува во силата на војската:„нашата одбрана мора да биде толку силна, за никогаш да не мора да ја користиме“. Елис се залага за правото на носење оружје: „Во нацистичка Германија видовме каде води тоа кога луѓето не можат да се бранат против некој како што е Хитлер“. Таа е за заострување на граничните контроли:„ Одбраната на нашата земја почнува на нашите граници и не смееме во земјата да пропуштаме уште повеќе терористи“.

Но таа пред сѐ се бори за тоа повторно на прво место да биде Америка и нејзините граѓани. за неа постои едно правило: „Колку нам ни е подобро, толку подобро можеме да им помогнеме и на други луѓе“.

Оваа полнокрвна републиканка смета дека нејзината земја е пред историска одлука. Дали успешно ќе биде запрена кандидатката на Демократската партија? Или Америка е изгубена- и тоа засекогаш? „Демократите сакаат од нашата земја да направат социјалистичка држава, а идниот претседател ќе одредува дали во Врховниот суд во наредните години ќе доминираат левичарски социјалистички судии“. на прашањето што значи социјализмот за неа, таа подготвено одговара: „Еднаква сиромаштија за сите“.

„Го сакам неговиот недостаток на политичка коректност“

Елис Батлер-Шорт е фина госпоѓа. Псовките и навредите од говорите на Доналд Трамп не се совпаѓаат со нејзината убаво уредена куќа со јапонска градина и златни рипки.

US Wahlen Frauen für Trump
Фотографија: DW/I. Pohl

„За мене е поважно тој да ги реши проблемите и конечно да се зафати со важните работи“, вели Елис. Нејзе ја освоиле автентичноста на Трамп. „Каква е ползата од убави говори кога ништо не се работи:“ Таа не се согласува со тврдењата дека Трамп нема поим од политика: „Како може да е толку успешен ако нема поим? Кога ќе ги погледнете неговите градби и терени за голф ќе ви стане јасно дека е способен и за политика“. Таа ги обвинува либералните медиуми дека претеруваат со критиките на сметка на нејзиниот претседателски кандидат. „Доналд Трамп говори како што говори бидејќи не е политичар. јас го сакам неговиот недостаток на политичка коректност“.

Благодарение на САД, Елис Батлер Шорт го остварила својот животен сон и од сиромашно девојче од Ирска стигна до добростоечка припадничка на повисокиот среден слој. Вели дека постигнала што сакала. Сега ѝ е важно и нејзините деца и внучиња да имаат иста шанса како и таа. „Затоа се борам за Трамп- тој е доволно силен за да може да се погрижи за тоа“, вели Елис и нагласува: „Имам уште една желба: моите внучиња да можат да кажат дека нивната баба била дел од движењето, кое ја спасило Америка“.