1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ја коригира политиката спрема Сирија

Барбара Везел/З. Јордановски13 октомври 2015

Министрите за надворешни работи на ЕУ се залагаат за мировни преговори за политичко решение на конфликтот во Сирија. За таа цел се подготвени, покрај Русија, да ја прифатат и владата на Асад како партнери во преговорите.

https://p.dw.com/p/1GnDc
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Warnand

Германскиот министер за надворешни работи искрено и отворено ги изнесе причините за активирањето на Европејците во сирискиот проблем: „Менаџментот на миграцијата (во ЕУ) е едната, а сузбивањето на причините за бегство е другата“ - а тоа е војната во Сирија. Затоа сега ќе се прави повторен дипломатски обид за да и’ се стави крај на таа војна. Новата заедничка линија притоа е дека ЕУ е подготвена да разговара со сите актери во конфликтот кој беснее веќе пет години, вклучително и претставници на владата на претседателот Асад. Како што формулира на британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд, ЕУ е во голема мера флексибилна што се однесува до моментот и начинот на заминување на Асад од власта. Тој би можел да биде само учесник во некоја преодна влада. Но, европските министри во заедничката декларација опстојуваат врз тоа, дека со Асад не е можно трајно мировно решение. Европејците во секој случај би сакале да се избегне целосен слом - разбивање на сите структури на системот и настанување на вакуум на власта, како по соборувањето на Гадафи во Либија.

Критика од ЕУ поради руските бомбардирања

Военото интервенирање на Русија само „уште повеќе ја искомпликува тешката ситуација“, смета Штајнмаер во врска со руската офанзива од воздух во Сирија. Тој и колегите ја повикаа Москва веднаш да ги запре нападите врз умерените опозициони групи, оти тие ја влошувале хуманитарната ситуација и го поттикнувале радикализирањето. Наместо тоа, министрите побараа од претседателот Путин да работи за политичко решение. Мнозинството од нив верува дека Путин принципиелно не е против тоа, оти причината за рускиот воен ангажман била не само да го јакне режимот на Асад, туку и Русија да биде актер во преговорите. Европејците претпоставуваат дека Путин нема интерес долготрајно да биде вовлечен во војната во Сирија. Тие го оценуваат како позитивно и дека каналите за комуникација останале отворени - веќе неколку дена руски и американски претставници разговараат околу воените акции, за да се избегне најлошото - меѓусебно соборување на борбени авиони над небото на Сирија.

Доколку се оствари сметката на европските министри, тогаш по оваа промена на курсот кон договарачка стратегија барем е јасно кои треба да бидат партнерите на преговарачката маса: САД, Русија, претставници на владата на Асад, по можност обединети опозициони групи и таканаречените „регионални играчи“ Турција, Иран и Саудиска Арабија. Јасно е и дека ќе нема заедничко фотографирање со диктаторот Асад - тој треба да испрати претставници, со кои ќе се разговара индиректно, преку посредникот од ОН де Мистура.

Мали чекори

„Големо решение нема да падне од небо“, свесен е Франк-Валтер Штајнмаер. Во ЕУ нема илузии за брзо омекнување на тврдите фронтови, ниту дека е на повидок решение. Мора да се започне со мали чекори, а бранот бегалци ги легитимира Европејците да го иницираат и придружуваат процесот. Штајнмаер предлага прв таков чекор да биде да се спроведе веќе донесената резолуција на ОН против користење на таканаречените „буре-бомби“: Русија да изврши притисок врз Асад да го запре фрлањето такви бомби, кои првенствено предизвикуваат жртви кај цивилното население.

Luxemburg Treffen der EU-Außenminister
Федерика МогериниФотографија: picture-alliance/dpa/J. Warnand

Но, иако ЕУ го коригира курсот спрема Асад и сака да преговара со сите групи во Сирија за политичко решение, сепак Штајнмаер смета дека „разговори со Асад нема да донесат пресудно решение“ и оти најважно е да се порамнат различните интереси во регионот и да се поправат целосно нарушените односи меѓу Иран и Саудиска Арабија. Тоа во моментов било најголема пречка и тој ќе се потрудел тука да гради мостови. Штајнмаер наредниот викенд ќе ги посети обете држави.

Гест кон Лукашенко

ЕУ најави суспендирање на своите санкции против Белорусија: „Барем немаше насилство пред изборите, ниту очигледни репресалии против опозицијата“, образложи Штајнмаер. ЕУ сака малку да му ја подотвори вратата на повеќе од дведеценискиот властодржец Александар Лукашенко, со надеж дека така ќе му даде маневарски простор во односите со рускиот претседател Путин - иако оцените на набљудувачите на изборите не се позитивни и „изборите не се соодветни на нашите стандарди“. Но, треба да биде хонорирано и неодамнешното ослободување на опозиционери од затвор - затоа ЕУ ќе ги продолжи санкциите против режимот, но потоа ќе ги суспендира, ако се покаже дека Лукашенко ќе го продолжи започнатото ублажување на курсот спрема политичките противници.