1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ стравува од граѓанска војна во Украина

Кристоф Хаселбах / Александар Методијев6 февруари 2014

Иднината на Украина е неизвесна. Дел од европратениците предлагаат санкции, а друг дел сакаат на земјата финансиски да и‘ се помогне, за конечно да се спроведат политички реформи во Украина.

https://p.dw.com/p/1B3Xx
Фотографија: picture-alliance/dpa

ЕУ ја фаќа паника при помислата на Украина. Тоа се чувствуваше при дебатата во Европскиот парламент, која се одржа вчера (05.02.2014) доцна попладне. Што би се случило ако политичката криза во земјата наскоро не се реши? Ќе избувне ли граѓанска војна? Земјата веќе се наоѓа пред финансиски банкрот. Дури и Русија, на која се потпира претседателот Виктор Јанукович, одбива да ги исплати ветените кредити се’ додека не се излезе од ќорсокакот.

„Не е во прашање само почитувањето на човековите права, туку и иднината на самата Украина“, забележа еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Многу европратеници сметаат дека до крајот на Зимските олимписки игри во Сочи нема да се употребува насилство за решавање на кризата, но за иднината потоа никој не сака да прави прогнози.

ЕУ-пасоши за функционери

Европските обиди за посредување досега не успеаја, бидејќи Јанукович смета дека ЕУ е пристрасна. Таа еднострано ја поддржува опозицијата и демонстрантите, кои го нарушија јавниот ред. Јанукович така ја оцени и последната посета на Киев на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон.

„Не демонстрациите, туку насилството против нив беше поттикнувач на кризата“, смета германскиот европратеник од редовите на ЦДУ Елмар Брок. Тој е и претседател на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент и во последно време беше повеќе пати во Киев, како и европратеничката од редовите на Зелените Ребека Хармс. Таа забележува дека „едноставно е неверојатно дека оние кои се борат за европските вредности можат да добијат виза само под многу скапи и тешки услови, додека оние кои ја ограбија земјата и се одговорни за ескалацијата одамна имаат пасоши за своите фамилии“.

Catherine Ashton in Kiew 05.02.2014
Кетрин Ештон вчера се сретна со украинскиот претседател Виктор ЈануковичФотографија: Reuters

Барање - нови избори и стар устав

Хармс повеќе пати во текот на зимава беше во Украина и побара ограничувања за патувањата во странство на високите членови на украинската влада, како и замрзнување на нивниот имот. Со тоа се согласува и Брок.

„Одговорните за тортурата и притворањата мораат да се соочат со ограничување на нивното патување и блокирање на нивните сметки, како и на имотот во странство“, смета Брок.

Шефот на пратеничката група на европските социјалисти Ханес Свобода смета дека времето за санкции се’ уште не е дојдено. Според него, сега е време за дијалог. Исто така и шефот на пратеничката група на либералите Ги Ферхофштат сака да му даде уште една шанса на Јанукович. Тој смета дека ЕУ треба да се заканува, доколку Јанукович ги отфрли барањата до него. За тие барања постои големо мнозинство во Европскиот парламент. Во Украина треба да се одржат нови избори како за парламентот, така и за претседателската функција, а треба и да се врати Уставот од 2004-та година. Тогаш парламентот и владата имаа повеќе права, а претседателот на државата помалку.

Ukraine Parlament 04.02.2014
Европратениците бараат нови избори за украинскиот парламент и за претседателската функцијаФотографија: Sergei Supinsky/AFP/Getty Images

Поголема европска помош во реформите

Еврокомесарот Штефан Филе рече дека „при позитивно сценарио ЕУ е подготвена да ја прошири сопствената помош“. Колкава треба да биде таа помош не сакаат конкретно да кажат ни еврокомесарот, ниту европратениците. Романскиот социјалдемократ Адријан Северин беше речиси осамен во барањето таа помош да биде исто висока како и руската, а тоа би биле 10 милијарди евра. Но, никој не сака да се впушти во наддавање со Русија. Шефот на пратеничката група во која е Северин, Ханес Свобода, постојано зборува за „Маршалов план“ за кој заеднички треба да размислат ЕУ и САД.

„Секако дека со поддршка би можела да учествува и Русија, доколку го сака тоа и доколку сака да се направи возможно модернизирањето на земјата“, смета Свобода.

Други европратеници забележуваат дека ниту Украина мора да се одлучува меѓу ЕУ и Русија, ниту се работи за геополитичка битка меѓу Брисел и Москва. Но, досега Русија секогаш ги одбиваше ваквите понуди за дијалог.