1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ се координира за Косово

31 јули 2010

Спроти заседанието на Советот за безбеднoст на ОН за Косово се засилуваат дипломатските активности, како на актерите во спорот, така и на земјите од регионот и на соработниците на Светската организација.

https://p.dw.com/p/OYzK
Питер Фејт, Кетрин Ештон и Ив де КермабонФотографија: AP

Грчкиот заменик-министер за надворешни работи Димитрис Друцас при денешната (31.07.2010) посета на Белград порача дека ЕУ нема доставено никаква предлог-резолуција за Косово до ОН, бидејќи членките на Унијата се’ уште разговараат и ја координираат позицијата по ова прашање. На заедничка прес-конференција по денешната средба со шефот на српската дипломатија Вук Јеремиќ, Друцас оцени дека единствено одржливо решение за земјите од Западен Балкан е она кое ги води во ЕУ. Друцас, кој престојува во дводневна посета на Србија, синоќа имаше средба и со српскиот претседател Борис Тадиќ. Посетата на Друцас на Белград има за цел да ја промовира иницијативата на Атина за повторeн почеток на дијалог меѓу Србија и Косово, по објавувањето на советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата. Од Белград, Друцас попладнево ќе отпатува за Приштина.

Griechenland Stellvertretender Aussenminister Dimitris Droutsas
Димитрис Друцас оди и за КосовоФотографија: AP

Вклучување на ЕУ?

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун, пак, ги информирал членовите на Советот за безбедност за вклучувањето на Европската унија во дијалогот меѓу Приштина и Белград, пишува денешниот број на дневникот „Експрес“. Четири дена пред седницата на Советот за безбедност посветена на Косово, Бан Ки Мун на членовите на Советот им го поделил и редовниот извештај за случувањата на Косово, во периодот од 16 март до 15 јули. Во него, генералниот секретар потврдува дека и’ предложил на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Кетрин Ештон, да се вклучи во разговорите меѓу Белград и Приштина. Со седницата на Советот за безбедност ќе претседава Русија, а Косово на овој состанок ќе го претставува министерот за надворешни работи, Скендер Хисени.

Politika Hochhaus Verlagshaus in Belgrad
Седиштето на весникот „Политика“Фотографија: DW

Има ли ЕУ-резолуција или не?

Околу активностите на ЕУ поврзани со Косово деновиве се појавија повеќе шпекулации. Прво српската државна телевизија РТС синоќа објави дека координаторката на европската надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон на земјите-членки на Унијата им доставила предлог резолуција за Косово, во која се прифаќа мислењето на Меѓународниот суд на правдата, а Белград и Приштина се повикуваат да почнат дијалог во духот на добрососедските односи. Во текстот, што наводно го изготвила Ештон, се повикува Генералното собрание на ОН да побара од двете страни да продолжат со развој на добрососедските односи, демократијата и регионалната и економската соработка во согласност со нивната европска перспектива. Денешна „Политика“ меѓутоа, повикувајќи се на неименуван владин извор, тврди дека Европската унија не подготвила сопствена резолуција за Косово и не упатила никаков предлог-текст до своите земји-членки.

Автор: ГЧ/ЕМФ/бета/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска