1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-самитот откажан, се чека договор во еврозоната

ЖА/дпа/афп/ртре12 јули 2015

За денеска планираниот вонреден самит на ЕУ е откажан, но ќе се одржи средбата на Еврогрупата, соопшти претседавачот со ЕУ, Туск. Министрите за финансии од еврозоната продолжуваат состанок за натамошна помош за Грција.

https://p.dw.com/p/1FxRC
Фотографија: Reuters/E. Vidal

Претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск соопшти дека краткорочно е откажан самитот на лидерите на земјите членки на ЕУ што денеска попладне требаше да се одржи во Брисел и наместо него ќе се одржи планираната средба на лидерите на еврозоната.

„Го откажав самитот на ЕУ. Самитот на еврозоната почнува во 16 часот и ќе трае се‘ додека не се договориме околу финансиската помош за Грција,“ соопшти Туск преку својот „Твитер“ профил.

Значи, денеска попладне во Брисел ќе се состанат само шефовите на 19 држави кои се дел од еврозоната, наместо лидерите на сите 28 земји членки не ЕУ.

Претпладне со преговори продолжија министрите за финансии од Еврогрупата, откако ноќеска, по девет часа заседавање, не најдоа заеднички јазик. Заменикот претседател на Европската комисија, Валдис Домбровскис, меѓутоа пред почетокот на состанокот не беше многу оптимист, истакнувајќи дека е „многу неверојатно Комисијата да додели мандат за преговори за трет пакет финансиска помош од членките“.

Brüssel EU Flaggen LEX Gebäude
Фотографија: DW/A. Rönsberg

Членките на еврозоната се поделени во оценката дали високозадолжената Грција треба да биде поддржана со нова програма за помош. Холандскиот министер и шеф на еврогрупата Јерун Дајселблум, синоќа како клучна точка го истакна постоењето проблем со довербата во грчките власти. Некои медиуми пренесуваат дека Финска синоќа го блокирала дури и донесувањето заедничко соопштение. Грција на референдум минатата недела одби да го прифати планот за штедење, како услов за доделување на финансиска помош од Европската централна банка и ММФ. Постои сомнеж дали грчката влада воопшто сака да ги реализира мерките за штедење и да ги спроведе нужните реформи.

Од денешниот состанок зависи дали Грција ќе биде исклучена од помошта на ЕЦБ или ќе и биде дозволено со остри мерки за штедење да остане во еврозоната. Без натамошна финансиска помош, на Грција и‘ се заканува колапс, банките во земјата веќе две недели се затворени. На крајот на јуни грчката влада по повеќемесечни натегања ги прекина преговорите за продолжување на истекувачкиот втор пакет помош. Во средата Атина побара трет пакет помош за рок од три години, кој според аналитичарите би чинел околу 82 милијарди евра.