1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ перспективата како празно ветување

Аделхајд Фајлке/превод: БГ5 јули 2016

Западниот Балкан одамна не е на агендата на ЕУ. Притоа, ЕУ беше одамна предупредена да не го губи од видик регионот, смета Аделхајд Фајлке.

https://p.dw.com/p/1JJGC
Фотографија: Getty Images/AFP/S. de Sakutin

Перспективата е специфична работа - гледаш во нешто, но не си дел од тоа. Погледнуваш внатре, но повторно не си таму. Па така и перспективата за приемот на балканските земји во ЕУ може да се претвори во празно ветување. Секако дека земјите од Западниот Балкан имаат ЕУ перспектива. Прашањето е само: каква?

Во старите добри времиња пред бегалската криза и „брегзитот“, нештата беа јасни: ние сме членки, а вие сакате да ни се придружите! Ние ќе ви кажеме како. Но, односите одамна не се така јасни.

Самоуверениот Балкан

Земјите на Западниот Балкан со затворањето на границите и го чуваа грбот на ЕУ во бегалската криза. Но тие кријат и потенцијал за судири кој може да биде опасен и за ЕУ-Европа: тероризам, растечки исламизам, неразјаснета државност и соседски односи, економска заостанатост. Решавањето на овие судири пред вратите на ЕУ во најбрз рок, не е само интерес на Балканот, туку и на цела Европа.

Feilcke Adelheid Kommentarbild App
Аделхајд Фајлке

Не само затоа, балканските политичари одамна настапуваат со голема самодоверба. Да, тие со задоволство би влегле во ЕУ, но истовремено си поигруваат и со други опции. Русија го набљудува Западниот Балкан како свој стратешки регион, Кина инвестира во големи економски проекти. А муслиманското население во Босна и Косово сѐ повеќе е под влијание на исламистичките играчи. ЕУ не е единствената опција, а привлечната сила исчезнува кога членството ќе се оддолжи во непрегледност.

Во оваа комплексна ситуација, шефовите на држави на земјите од Западниот Балкан се поставија добро и маневрираат меѓу внатрешните и надворешните несигурности, со цел да ја засилат- не секогаш со демократски средства- својата моќ. Зголеменото влијание врз медиумите и клиентелистичката економија се раширени феномени во регионот, а корумпираните елити секојдневие.

Од каде ќе го влече ЕУ авторитетот?

Затоа е уште поважно ЕУ-членките како Германија, Франција и Австрија да го држат на видик Западниот Балкан. И покрај површната симболична политика од самитот за Западниот Балкан, пораката „Добредојдени сте!“ е важна. А ЕУ-интеграцијата како јасна цел придонесува за одговорност од сите страни.

Сјајот на старата ЕУ сѐ уште не избледе насекаде, а од балканска перспектива таа сѐ уште има сила- и што е уште поважно- политички авторитет. Би било фатално да не се искористи тој факт поради возбудата околу Брегзит и да се запостави Западниот Балкан. Секоја нејасностија го слабее авторитетот на ЕУ и на демократските сили во регионот и им оди од рака на оние кои профитираат од нестабилните односи на Балканот.

Задачите на патот кон интеграцијата во ЕУ сѐ уште се големи. Правната држава е критична тема, исто како и меѓусебното признавање на државите кои до пред неколку години меѓусебно војуваа. Тука не смее да има гнили компромиси! Тоа што на маргините на конференцијата беше надмината хрватската блокада на српските преговори, покажува дека откажувањето од егоизмот поради заедничките интерес може да успее. Натамошно билатерално приближување мора да следи. Српските резерви кон Косово, прашањето за државноста на БиХ, грчката блокада на Македонија- листата е долга. Ќе мора уште долго да се преговара, но патот во ЕУ за пристапните кандидати мора да се води преку регионално помирување.

Без разлика за каква перспектива говориме: балканската интеграција е долгорочен проект кој со конкретен напредок може да биде задржан на вистинскиот курс. Економската соработка и инвестициите мора да се зголемат, без намалување на притисокот за реформите кои треба да се исполнат. Во тоа треба да се вклучат и младите кои на Балканот се загрижувачки фрустрирани и без перспектива. Затоа формирањето на регионалната младинска канцеларија за Западниот Балкан е добар тренд кој на младите луѓе во овие постконфликтни општества треба да им отвори нови перспективи- заедно во заедничка Европа.