1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ мора да се прошири

24 април 2009

Европскиот парламент расправа за европската иднина на Балканот. Основа за расправата е извештајот на шведската европратеничка, Ана Ибрисагиќ. Таа оценува: проширувањето на ЕУ не смее да запре.

https://p.dw.com/p/HccJ
Зградата на Европскиот парламент во СтразбурФотографија: picture-alliance/ dpa / dpaweb

Европскиот парламент, во една од последните расправи посветени на Балканот, во овој состав, се очекува да побара од Европската Комисија и земјите членки на Европската унија цврсто да ги почитуваат ангажирањата и ветувањата што им ги дадоа на земјите од регионот. Според предложената резолуција, перспективите за членство во ЕУ и предностите кои ги носи тоа, претставуваат најголемата гаранција за стабилноста и тие се моторот на реформите во земјите од Балканот.

Поднесувачот на резолуцијата, шведската европратеничка Ана Ибрисагиќ, не се согласува со тврдењата дека без Лисабонскиот договор не се можни проширувања, иако неговото ратификување е важно. Ибрисагиќ смета дека приемот на земјите кои ги исполниле критериумите од Копенхаген, не треба неоправдано да се одложува или одбива и дека постоечките институции на Унијата можат да се прилагодат на нови проширувања.

„Знам дека изборната кампања е во тек, знам дека во различни земји јавното мислење е против проширувањето или бара тоа да се забави. Затоа, во овој извештај, испративме порака дека мора да дојде до проширување. Ние не смееме да останеме врзани само со Лисабонскиот договор, односно проширувањето на ЕУ да се условува со неговото усвојување.“ Таа смета дека може да се случи Лисабонскиот договор да не биде ратификуван од сите земји и со тоа не смее да биде ставено во прашање или запрено проширувањето на ЕУ.

Karte Osteuropa
Нерешените прашања на Балканот треба да се решатФотографија: AP Graphics

Процесот да не запира

„Дали ќе има друг договор, како ќе се вика тој, кога ќе го има и како тој ќе изгледа, тоа е задача пред која стои ЕУ. Но, ние не смееме да го доведуваме во прашање проширувањето на ЕУ. Ние, на еден или друг начин, ќе ја решиме функционалноста на ЕУ, но процесот на проширувањето не смее да запре“, нагласува Ибрисагиќ.

Во тој контекст се бара земјите члени на ЕУ да не го одложуваат изработувањето на мислењата од Комисијата за потенцијалните земји-кандидати и грижливо да ги разгледуваат веќе поставените кандидатури.

Европратениците ќе треба да го повторат она што стоеше и во резолуцијата за напредокот на Македонија, дека прашањата поврзани со билатерални спорови не смеат да го кочат отпочнувањето или текот на преговорите за членство на земјите од Западен Балкан во Европската унија, односно се бара од земјите кои имаат нерешени билатерални прашања да направат „значајни напори со цел да пронајдат прифатливи решенија за двете страни во билатералните конфликти“.

Antrag auf Visum
Безвизен режим е важен за регионотФотографија: dpa

Важно е укинување на визите

Во тој контекст се зема предвид и одлуката на некои земји да се обратат пред Меѓународниот суд. Се бара ЕУ да не штеди во напорите да помогне во изнаоѓањето на општо и трајно решение за сите нерешени прашања. Што се однесува до визниот режим, според извештајот, се нагласува важноста на неговото омекнување и укинување. Европратениците ја охрабруваат соработката со Меѓународниот суд за поранешна Југославија, како значаен елемент во процесот на зачленување во Унијата. Меѓу другото, изразена е и загриженост поради мешање на политиката во функционирањето на медиумите, исто како и поради климата на закани и заплашувања на кои се изложени новинарите и независните медиуми. Затоа, од сите земји на Балканот, е побарано да ги почитуваат целосно правата на новинарите и независните медиуми, како „легитимна сила во една европска демократска држава“.


Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска