1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција: Закани за новинарите

Седа Сердар/превод:БГ27 ноември 2015

Додека светот е зафатен со турско-руската криза, властите во Анкара продолжуваат да апсат новинари и да ја задушуваат слободата на печатот. ЕУ тоа веќе не смее да го премолчува.

https://p.dw.com/p/1HDP8
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Arik, Cumhuriyet

Двајца од најпознатите турски новинари Чан Дундар (на насловната фотографија) и Ердем Ѓул беа уапсени во четвртокот. Апсењето не беше шок само за турската јавност, туку предизвика и меѓународни реакции. Новинарите се обвинети за политичка и воена шпионажа, помагање на терористичка организација и објавување на доверливи информации. Во суштина, тие се казнети затоа што си ја вршеле работата. Ова е уште една рунда од серијата закани.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган уште летоска самиот поднесе тужба против новинарите кои објавија сторија за вмешаноста на Турција во шверцот на оружје кон Сирија, но судот одлучи да делува сега. Во момент кога светот е зафатен со турско-руската криза, нападот врз медиумите во Турција не треба да минува незабележано и да се прикрива со неколку критички изјави.

Обид за замолчување на медиумите

Весникот „Џумхуријет“ и неговите новинари веќе долго се цел на притисоци, како и сите други новинари кои работат на приказни кои владата се обидува да ги прикрие. Тие се меѓу најсилните гласови во земјата. Турција минува низ болен процес во борбата за демократија, а новинарите се на браникот на таа борба. Слободата на информирање опаѓа во последната деценија, а последната судска одлука е уште доказ за тоа.

Seda Serdar Kommentarbild App
Седа Сердар

Не само што новинарите се под закана поради нивното информирање, уште пострашно е што не постои судски систем кој би ги заштитил. Многу загрижувачки е тоа што некои се убедени оти откривање на криминални активности е предавство на државата. Единствената цел на овие судења кои се случуваат веќе со години е да се задуши секој глас кој ги става под прашање одлуките на турското раководство.

Потреба за солидарност

Овој викенд, на самитот ЕУ-Турција, премиерот Ахмет Давутоглу ќе се сретне со европските лидери. Иако главна тема на самитот ќе биде бегалската криза, Турција се надева и дека повторно ќе го отвори преговарачкиот процес со ЕУ. Сега ЕУ има шанса да и‘ помогне на Турција да се врати на патот на демократијата. Последните апсења покажаа дека на турската демократија Европа и‘ е многу потребна. Европа мора да преземе сериозна одговорност доколку посакува одговорен партнер во регионот.

Пред ноемвриските избори, германската канцеларка Ангела Меркел ја посети Турција во потрага по решение за бегалската криза, игнорирајќи го влошувањето на демократијата во земјата. Тоа беше грешка. Сега Европа има втора шанса да му покаже на светот дека вредностите за кои се залага не се само на хартија. Овие вредности беа нападнати во Париз, а сега се нападнати и во Турција. Крајно време е носителите на одлуки во Европа да покажат солидарност.