1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ лута и немоќна

Анке Хагедорн2 септември 2008

Европската Унија ги замрзна преговорите со Русија за нов Договор за соработка и партнерство се’ додека руските сили не се повлечат од Грузија. Анке Хагедорн ја коментира одлуката од кризниот самит на ЕУ во Брисел.

https://p.dw.com/p/FA19
Најде особено јасни зборови на критика за однесувањето на Русија на Кавказот: Претседателот на Европскиот парламент Ханс Герт ПетерингФотографија: picture-alliance/dpa

Од Брисел се слушнаа остри тонови во насока на Москва: европските политичари се налутени по најновата криза во Кавкаскиот регион. Влегувањето на руските сили во Грузија и едностраното признавање на Јужна Осетија и Абхазија за независни држави се во спротивност со сите меѓународни спогодби, со ваква оцена се огласи централата на ЕУ.


Критиката на Европејците особено јасно ја формулираше Претседателот на Европскиот парламент Ханс Герт Петеринг: однесувањето на Русија не може да се оправда на никаков начин. Ескалацијата во Кавказот претставува толкава опасност за безбедноста на Европа, каква што немало уште од времето на распадот на Советскиот Сојуз.


На Саркози му се врзани рацете


За прекумерна реакција на Москва зборуваше и актуелниот претседавач со Унијата, Николас Саркози. Но, нему не му стоеја на располагање никакви средства за притисок врз Русија, бидејќи повеќето земји членки на Унијата се изјаснија против конкретни санкции. Затоа единственото средство што преостана беше замрзнувањето на разговорите за нов Договор за соработка и партнерство меѓу ЕУ и Русија. Тие впрочем веќе две години се замрзанти, но на последната средба во јуни двете страни сепак се договорија за основите на новиот договор. Тоа сега повторно треба да се провери по најновите настани на Кавказот. Саркози јасно стави на занење дека се’ додека Русија не ги повлече силите на позициите пред избувнувањето на грузиската криза, нема да има продолжение на преговорите.


Кој би настрадал повеќе од санкциите?


Што се однесува до одбивањето санкции од страна на повеќето членки на ЕУ, тоа е поврзано со свеста дека санкциите повеќе ќе и’ наштетат на ЕУ, отколку на Русија. Економски обете страни се зависни една од друга. ЕУ е за Русија најголемиот пазар, а Русија е пак трет најголем партнер за ЕУ. Затоа обете страни се многу заинтересирани за поволна клима за взамени инвестиции. А на Европејците им е особено важна испораката енергенси од источниот сосед. Тоа впрочем и ги прави најмногу подложни на уценувања. Затоа данскиот премиер Андерс Фог Размусен побара оваа зависност да се надмине. Тој апелираше на самитот во Брисел да се изгради нов нафтовод што нема да минува преку руска територија.


Дали Москва навистина ќе се уплаши од критиката на ЕУ, тоа е повеќе од спорно. Во секој случај ниту една од страните не сака враќање кон реториката на „студената војна“. Но, на следниот самит ЕУ - Русија во ноември мора да биде упатен уште еден итен сигнал дека Европа треба да се смета за сериозна политичка и економска сила.