1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-Кина: преку ноќ најдобри пријатели?

Марија Кристоф
2 јуни 2017

Парискиот климатски договор е во опасност. Слободната трговија исто така. Самитот ЕУ-Кина доаѓа во вистински час. Но, може ли Кина да го пополни местото кое го испразни САД?

https://p.dw.com/p/2e1ny
EU-Fahne auf China-Fahne
Фотографија: picture alliance/chromorange/C. Ohde

Трамп кажа што имаше: САД го напуштаат Парискиот договор за климата. Всушност тој би сакал повторно да преговара за содржината. Но, реакцијата на ЕУ беше брза: Германија, Франција и Италија веднаш ставија до знаење дека нема да има никакви нови преговори. Значи, САД веќе не се во игра.
Но, тука е уште еден глобален играч кој чека да го заземе местото на САД. Неделава, Кина е сеприсутна во Европа. Вчера (01.06.) Ангела Меркел и нејзиниот кинески колега Ли Кечијанг демонстрираа заедништво, денеска тоа ќе го повторат на ниво на ЕУ, на самитот ЕУ-Кина во Брисел. Кина веќе најави дека со задоволство би го пополнила празното место кое зад себе го оставија САД. Слично е и со прашањето за слободната трговија која Трамп со своите протекционистички мерки ја става под прашање.

Кина веќе не е „лошото момче“

Но, дали Кина со своите авторитарни структури е вистинскиот партнер за ЕУ? „Кога е во прашање климата, во секој случај“, вели за ДВ Улрика Арнио од Европската мрежа за заштита на климата. Кина досега беше „лошото момче“ во заштитата на климата, но вели Арнио, тоа веќе не е случај.
„Кина има големи проблеми со загадениот воздух и владата мора да ги заштити своите граѓани. Сето тоа зависи од соработката на глобален план и затоа е во интерес на Кина да преземе мерки против промената на климата“. Кинеските инвестиции во обновливите извори на енергија веќе се огромни, а Кина затвори и многу постројки кои работеа на јаглен. Арнио вели дека во меѓувреме може да се каже дека ЕУ, со својата бирократија и потребата од консензус, е далеку побавна од Кина во насока на заштитата на климата.

Deutschland Besuch chinesischer Premierminster Li Keqiang in Berlin
Ли Кечианг и Ангела МеркелФотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

„Кога ЕУ и Кина заеднички ќе застанат зад принципот на слободна трговија, тоа е многу силен сигнал“, смета претседателот на германското Здружение на автомобилската индустрија Матијас Висман. Токму тоа беше и главната порака од вчерашната средба на Меркел и Кечианг.
Деловите од завршната изјава од самитот ЕУ-Кина веќе протекоа во јавноста. Во него, од обете страни, јасно се искажува поддршка за Парискиот договор за климата. Промената на размислувањето во Кина, всушност и го овозможи постигнувањето на тој договор. Сега Пекинг и Брисел заеднички работат на негово спасување. „Ние Европејците мораме да си ја земеме судбината во сопствени раце“, рече пред некој ден Меркел. Првиот чекор на тој пат би можел да биде сторен веќе денес во Брисел.