1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичката цена е превисока

Барбара Везел Превод: СН6 октомври 2015

ЕУ бара помош од Турција, за запирање на напливот на бегалци од Сирија и од Ирак. Но отстапките кои за тоа ги бара претседателот Ердоган не се подносливи, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1GjBQ
Фотографија: Reuters/Yannis Behrakis

Европејците си се самите виновни за тешката политичка состојба, во која се наоѓаат во моментов поради бегалската криза. Тоа е една од пораките на Реџеп Таип Ердоган до ЕУ. Со право турскиот претседател ги критикува, дека предолго ја игнорирале драмата на Сиријците кои бегаат од војната, зашто верувале дека не се погодени од тоа. Притоа веќе одамна четири милиони Сиријци најдоа засолниште во соседните земји, околу половина од нив во Турција. А турскиот претседател истотака е во право, кога укажува дека Брисел го фатила паника дури откако сѐ повеќе започнале да се упатуваат кон Европа. Сега Ердоган седи на подолгата страна на лостот и се обидува прописно да ја уценува ЕУ.

Се откажува ли Европа од сите основни вредности?

Средбата во Брисел меѓу лидерите на ЕУ и властодржецот од Анкара беше тажна претстава. Тие речиси се препнуваа за да го удворат и да му се додворат, Пред сѐ претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер трогателно се колнеше во неговото блиско пријателство со Ердоган и го фалеше како голем реформатор на Турција.
Се разбира куртоазијата па дури и одредена мерка лицемерност се составен дел на дипломатијата. Меѓутоа на една таква лигава трага човек може само да се лизне. Како е можно, сѐ поавтократскиот турски претседател, кој со години е критикуван поради повреди на човековите права и неговата антидемократска политика, преку ноќ да се претвори во најважен партнер на Европејците? Причината се нашите сопствени пропусти и стравот од внатрешно-политичка нестабилност. Притоа војната во Сирија беснее веќе четири години и последиците можеа одамна да ги согледаат сите.

Ефтино распродавање на веродостојноста?


Во секој случај Ердоган во Брисел не остави никаков простор за сомнеж дека ќе ја одреди највисоката цена за неговата соработка за прашањето на бегалците. ЕУ треба да без приговор да гледаат како тој во Сирија ама и во Ирак повторно започнува борба со Курдите . Ердоганотиде дотаму што нивните организации ги изедначи со исламиистичките терористички групи и повика на заедничка борба против сите, кои тој ги нарекува терористи. Притоа токму Ердоган најнапред ја поддржуваше т.н Исламска држава, зашто се надеваше на двоен успех: падот на Асад во Сирија и на повторно поразување на Курдите. Сега ситуацијата се промени и турскиот претседател се приклучи кон борбата против ИД и истовремено сака покритие од Европејците за неговата сопствена војна против Курдите во целиот регион. Тоа имено се истите Курди, кои во битката за градот Кобане во очите на меѓународната заедница уште беа оние добрите и добија меѓународна помош во оружје.

Barbara Wesel Studio Brüssel
Барбара ВезелФотографија: DW/G. Matthes

Реалната политика значи откажување од вредностите. Но Европејците тука би морале точно да погледнат колку ефтино би можеле да ја распродадат својата веродостојност. Повеќето мерки, за кои сега се спори, и онака се само политичко мачкање очи: на пример борбата против криумчарите на луѓе во Турција- никогаш нема да има успех, зашто во игра се премногу пари. Или пак идејата во турските бегалски кампови да се прифаќаат барања за азил за ЕУ- тоа фактички и правно е речиси неспроведливо. И како се планира сите Сиријци да се принудат на тоа да останат во Турција и во тамошните бегалски кампови да чекаат на крајот на војната? И зошто Ердоган, кој ионака има намера кон Европа да испрати уште половина милион бегалци, би требало да се согласи со тоа?

Доста со кризното лелекање

Турција не може за нас да го реши проблемот со бегалците, тоа мора да го направиме ние самите. И апсолутно е невозможно и незамисливо, на Ердоган заради тоа да му се направат отстапки, за кои не би можеле да одговараме. Истотака не е во духот на Европа, да го поддржува на неговиот пат кон голем диктатор. А и под никакви услови не можеме да станеме негови потрчковци, кога сака да испровоцира граѓанска војна во курдските региони.

Покрај тоа можеби би било од помош да се престане со кризното лелекање. Ширум светот 50 милиони луѓе се во бегство од војна, прогон и природни катастрофи. Само еден незначително мал дел од нив досега пристигнал во Европа. Ние нема да пропаднеме дури и ако уште еден милион луѓе од Сирија и од Ирак се упати на кај нас. Нашиот континент има половина милијарда жители и ни одалеку не е преоптоварен со тоа. Прашање е на политичка волја, човечност и истовремено да се покаже смисла за остварливото. Гнили зделки со владата во Анкара притоа меѓутоа не би требало да бидат на агендата.